Ниту едно куче не се родило „улично“: чинија љубов и многу начини да помогнеме
Одговорното чување почнува пред кучето да влезе во домот, а грижата за оние што сè уште немаат свој дом не завршува со еден оброк. Разговараме со Ема Тодоровска, авторка на иницијативата „Чинија љубов“, која зборува дека одговорното чување почнува со одлуката да не се напушта животно, а помошта за кучињата што сè уште чекаат дом може да започне и со една чинија топол оброк.
Улично куче пред неколку месеци нападна моја колешка, дури таа едно утро си го шетала својот домашен миленик. Покрај загризите на нејзината рака, во нападот беше повредено и нејзиното куче. Следуваа месеци терапии, ограничена подвижност и долг период на опоравување на целата рака.
Медиумите често известуваат за пријави за напади од кучиња. Но, ако знаеме дека не е вест кога куче ќе нападне човек, туку кога човек ќе нападне куче, доаѓаме до суштината – кој ги остава овие кучиња на улица?
Кучињата што ги гледаме на улиците не се појавиле таму сами. Зад најголемиот дел од нив стои човечка неодговорност, напуштање, неконтролирано размножување, непланирани легла или сопственици кои не презеле одговорност за животното што го чуваат.
Додека го слушам кучето на моите внуци како трча и си игра со децата, често се потсетувам дека и тоа некогаш било фрлено во контејнер. Денес е важен дел од семејството, но тогаш било само нешто што некој одлучил да го фрли.
Не сум „кучкарка“, но една иницијатива на поранешна колешка од „Лице в лице“, Ема Тодоровска, ме поттикна дека е важно да ја раскажам оваа приказна. Ема, која денес работи во сферата на маркетингот, покажува дека граѓанската реакција може да изгледа и поинаку. Од едно тенџере домашно зготвен оброк за кучињата што сè уште чекаат свој дом, таа ја започна „Чинија љубов“, иницијатива која за кратко време прерасна во граѓанска акција. На последното готвење минатата недела, со околу 30 учесници, беа подготвени 210 оброци за кучињата во и околу „Лајка“.
Храната е само почеток на одмотувањето на клопчето на оваа приказна. Со Eма разговараме за тоа што можеме да направиме ние, граѓаните, за проблемот со уличните кучиња да не се создава повторно.
Што значи одговорно чување миленик?
– Одговорното чување почнува многу пред кучето да влезе во домот, со искрено прашање дали имаме време, простор, финансии и трпение за следните 10 до 15 години. Потоа значи редовна ветеринарна грижа, вакцинација, микрочип и регистрација, стерилизација, квалитетна храна, дневни прошетки, социјализација и основна обука. Кучето не треба да биде оставено да скита само низ маалото, ниту врзано во двор без внимание. Oдговорноста не завршува кога кучето ќе порасне, ќе остари, ќе се разболи или кога ќе ни се сменат околностите.

– Одговорното чување почнува многу пред кучето да влезе во домот, со искрено прашање дали имаме време, простор, финансии и трпение за следните 10 до 15 години.
Потоа значи редовна ветеринарна грижа, вакцинација, микрочип и регистрација, стерилизација, квалитетна храна, дневни прошетки, социјализација и основна обука.
Кучето не треба да биде оставено да скита само низ маалото, ниту врзано во двор без внимание. Oдговорноста не завршува кога кучето ќе порасне, ќе остари, ќе се разболи или кога ќе ни се сменат околностите.
Кучето е член на семејството, не привремен проект или играчка.
Започнавте иницијатива за готвени оброци за кучињата кои сè уште го чекаат својот дом. Што ве поттикна да ја покренете?
– Сè започна со еден рецепт и едно тенџере здрави состојки. Сакав кучињата да добијат нешто топло и хранливо во студените зимски денови, па зготвив оброк од месо и батат, морков, спанаќ, јајца и просо. Го снимив целиот процес. Со првото тенџере нахранивме 20 кучиња. Oткако го објавив видеото, почнаа да ми пишуваат луѓе кои сакаа да се приклучат. Така, од лична идеја „Чинија љубов“ прерасна во граѓанска иницијатива.
На второто готвење нахранивме 60 кучиња. На 26 септември, дворот на „Лајка“ беше место каде хуманоста, љубовта и одговорноста кон бездомните кучиња се здружија и со околу 30 учесници направивме 210 чинии љубов. Тој ден ниту едно куче во и околу „Лајка“ не остана гладно. Специјална гостинка беше професорката Наташа Ѓорговска, авторка на книга за готвени оброци за кучиња и мачки. Приходот од продажбата на книгата беше донација за „Лајка“.
Најмногу ме радува што луѓето дојдоа, ги запознаа кучињата одблиску и сфатија дека и мал гест, кога ќе се собере заедно, може многу да значи. Чинијата е повод, а целта е секое од овие кучиња еден ден да јаде од својата чинија, во својот дом.
Што значи еден готвен оброк за куче што живее на улица? Освен храната, што друго им е потребно на овие животни и што можат да направат граѓаните?
– За куче што живее на улица, еден топол оброк значи ден без глад, малку повеќе енергија и, што е многу важно, искуство дека човекот може да биде добар. Но, оброкот не ги решава проблемите. На овие кучиња им треба ветеринарна помош, вакцинација, стерилизација, заштита од студ и од сообраќај, и пред сè, дом.
Граѓаните можат да помогнат така што ќе хранат одговорно, на исто место и без да оставаат отпадоци, ќе пријават куче кое треба да помине хуман третман, повредено или болно куче, ќе ја поддржат стерилизацијата, ќе споделат оглас за вдомување или ќе понудат привремен дом. Секоја од овие работи има повеќе ефект кога е дел од поширока грижа, а не еднократен гест.

Кога зборуваме за кучињата на улица, често ги нарекуваме „улични кучиња“. Но, зад нивната приказна стои човек. Како ова може да се реши?
– Ниту едно куче не се родило „улично“. На улиците секојдневно гледаме последици од човечки одлуки: кученца оставени во кутија, возрасни кучиња напуштени кога ќе престанат да бидат „слатки“, стари и болни кучиња оставени кога грижата станала скапа, како и нестерилизирани кучиња со сопственик кои слободно скитаат и создаваат нови легла.
Затоа во едно од видеата од серијата „Лајка раскажува со Ема“ го поставуваме прашањето: проблем со кучиња или проблем со неодговорни сопственици?
Решението бара повеќе чекори истовремено: масовна стерилизација, задолжително чипирање и регистрација, доследна примена на законот и казни за напуштање, едукација уште од детска возраст и вдомување наместо купување. Без намалување на бројот на нови легла, секое прифатилиште ќе остане полно.
Што треба да знае и да размисли секој човек пред да купи или вдоми куче? Кои се најважните одговорности што луѓето ги потценуваат?
– Најчесто се потценува времето. Кучето бара присуство секој ден, во секакво време, а не само викенд кога сме расположени. Потоа се трошоците: ветеринар, храна, опрема, непредвидени интервенции и грижа за време на патувања. Луѓето често го потценуваат и тоа што кучето треба да се обучи и социјализира, дека секое куче има свој карактер и ниво на енергија, и дека кученцето еден ден ќе стане возрасно, а возрасно, старо куче.
Пред одлуката, треба да се прашаме дали нашиот дом, станодавецот и сите членови на семејството се согласни, и кој ќе се грижи ако се смени работата, домот или животната ситуација. Кога сè ова е размислено, вдомувањето е најдобрата одлука.

Каква свест би сакале да изградите?
– Би сакале да изградиме општество во кое напуштањето куче е неприфатливо, а стерилизацијата и чипирањето се нормален дел од чувањето миленик. Сакаме луѓето да ги гледаат кучињата без предрасуди. Сакаме вдомувањето да биде прв избор, а прифатилиштето место што луѓето го посетуваат, а не место од кое се плашат.
На децата е важно да им зборуваме преку приказни и активности, бидејќи емпатијата што ќе ја изградат сега е најдобрата превенција за утре.
Што може да направи обичен граѓанин ако сака да помогне, но нема можност да вдоми куче?
– Можностите се многу, и секоја е важна. Привременото згрижување е една од најмоќните, бидејќи како што велиме во актуелната кампања, привремениот дом спасува живот. Кучето се опоравува, се социјализира и полесно наоѓа постојан дом. Може да отидете во „Лајка“ и да изведете куче на прошетка. Со акцијата „Прошетај куче од Лајка“, само за краток период во првиот месец имаше околу 25 прошетки. Секоја од нив на кучето му значи движење, внимание и контакт со луѓе. Истовремено ова е и подигање на свест. Да ги ставиме во секојдневен концепт кучињата од прифатилиште: на кафе, пикник, прошетка, па дури и во домашни услови заспани на гарнитура. Да погледнеме дека секое куче, всушност припаѓа дома, но и на сите овие места, заедно со човекот.
Грѓаните може да донираат храна, ќебиња и опрема, да волонтираат на настани, да учествуваат во акции како „Чинија љубов“. Компаниите пак, можат да станат поддржувачи на „Лајка“.
Најевтиниот, а сепак многу вреден начин е споделувањето: секоја објава за куче што чека дом може да стигне до вистинскиот човек. И секако, ако имате свое куче, стерилизирајте го, чипирајте го и бидете пример за одговорно чување. Така и вие ги менувате навиките во вашата околина.
Пишува: Маја Раванска
Фотографии: архива на Тодоровска
- Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки
- Yes for Less Викенд во Скопје: два дена за одржливи избори и локални еко-бизниси
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји