Вештачката интелигенција влезе во новинарскиот Кодекс: Нови правила за ера на кликови, дезинформации и дигитални медиуми
По 25 години, македонската новинарска заедница доби нов етички документ кој ги поставува стандардите за професионално известување во услови на дигитални медиуми, социјални мрежи и сè почеста употреба на вештачката интелигенција.
Новиот Кодекс на новинарите на Македонија беше претставен вчера, како нов договор меѓу медиумите и јавноста. Станува збор за документ кој не ги менува основните вредности на професијата, туку ги прилагодува на предизвиците со кои новинарството се соочува денес.
Новиот документ е изработен по повеќе од две децении и не претставува само измена на постојните правила, туку воведува стандарди за теми кои досега не биле детално опфатени во македонската медиумска практика. Една од најзначајните новини е регулирањето на употребата на вештачката интелигенција во новинарството.
Според новиот Кодекс, вештачката интелигенција може да биде корисна алатка за новинарите, но не може да ја преземе нивната професионална одговорност. Содржините создадени или значително обработени со помош на ВИ- текстови, фотографии, видеа или аудиоматеријали, треба јасно да бидат означени кога тоа е важно за публиката да ја разбере природата на содржината.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека новиот Кодекс претставува нов договор меѓу новинарите и јавноста.
Одговорноста, како што се нагласува во Кодексот, секогаш останува кај новинарот и медиумот кој ја објавува информацијата, а не кај технологијата што била користена во процесот.
– Промовираме нов договор меѓу новинарите и јавноста. Основните вредности на новинарството не се менуваат. Вистината, проверката на фактите, независноста, јавниот интерес и одговорноста кон граѓаните остануваат темелот на оваа професија. Но, мора да се модернизира начинот на кој тие принципи ги применуваме – порача Чадиковски.
Тој додаде дека Кодексот не е напишан само за да ги следи технолошките промени, туку за да не се дозволи тие да ги надвладеат етичките принципи на новинарството.
Директорката на МИМ, Билјана Петковска, се заблагодари на членовите на работната група, на претходната иницијатива со која започна процесот во соработка со ИРЕКС и УСАИД и на сите колеги кои преку консултативниот процес придонеле за подобрување на текстот.
-Технологијата може да биде алатка, но никогаш не смее да стане замена за професионалната проценка, етичката одлука и новинарската одговорност – кажа тој.
Директорката на МИМ, Билјана Петковска се заблагодари на членовите на работната група, како и на претходната иницијатива со која започна процесот во соработка.
– Сега следува најтешкиот дел, а тоа е примената на етичките стандарди од страна на новинарите. За тоа е потребна заедничка посветеност од новинарите и од граѓаните, преку препознавање и користење на медиумските саморегулативни механизми – рече Петковска.
Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Леунора Калиќи, истакна дека Советот за етика во медиумите со задоволство бил дел од процесот. Таа ја нагласи важноста на инклузивноста, придонесот на сите кои волонтерски се вклучиле и потребата од силни етички стандарди во време на дигитални предизвици, дезинформации и вештачка интелигенција. Според неа, Кодексот го штити јавниот интерес и кредибилитетот на новинарската заедница.
Новите етички правила внесуваат и појасна разлика меѓу јавниот интерес и она што само го привлекува интересот на јавноста. Голем број кликови, читаност или сензационалност не се доволна причина за нарушување на приватноста на граѓаните.
Јавниот интерес постои кога информацијата открива злоупотреби, корупција, закани по здравјето и безбедноста или прашања значајни за демократските процеси. Личните трагедии, приватните детали и семејните околности не можат да бидат оправдување за сензационалистичко известување.
Кодексот воведува и нови правила за дигиталните медиуми, особено во делот на исправките и измените на веќе објавените содржини. Наместо незабележливо менување на текстовите, медиумите треба јасно да ги означуваат значајните корекции, со што читателите ќе имаат увид во промените направени по првичното објавување.
Посебно внимание е посветено и на известувањето за ранливите категории граѓани, жртвите на насилство, децата и лицата во чувствителни ситуации. Новите стандарди бараат поголема внимателност и почитување на достоинството на луѓето за кои медиумите известуваат.

Кодексот носи и дополнителни насоки за известувањето за самоубиства и обиди за самоубиство, со препорака да се избегнуваат сензационалистички наслови и непотребно детално опишување на трагични настани.
Документот ги допрецизира и правилата поврзани со конфликтот на интереси, независноста на новинарите и користењето информации добиени преку тајно снимање. Таквите материјали може да се користат само во исклучителни ситуации кога постои јасен јавен интерес и кога информацијата не може да се обезбеди на друг начин.
Новиот Кодекс е резултат на повеќефазен партиципативен и инклузивен процес во кој учествуваа новинари, уредници, медиумски организации и саморегулаторни тела. Кодексoт го изработија организациите: Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ).
Документот во повеќе јазични верзии е достапен на овој линк.
Фотографиите се објавени со дозвола од ЗНМ. Автор на фотогрфиите: Иван Поповиќ
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови
.