Блог, Одговорна иднина

Нова технологија, стари нееднаквости: Кој има пристап до иднината на работата?

Нова технологија, стари нееднаквости: Кој има пристап до иднината на работата? фотографија: Magnific.com

Вештачката интелигенција (ВИ) може да го олесни пристапот до работа за постарите лица и лицата со попреченост, но без пристапни технологии, обуки и заштита од алгоритамска пристрасност, може да создаде и нови бариери.

Вештачката интелигенција на работното место претставува огромна можност, но, и нова бариера за повозрасните луѓе и лицата со попреченост. Го менува начинот на кој работиме, учиме и ги извршуваме секојдневните работни задачи. Но, додека компаниите забрзано ги воведуваат новите технологии, се отвора важно прашање: дали сите работници имаат еднакви можности да се приспособат на промените и да ги искористат нивните придобивки?

Повозрасните луѓе и лицата со попреченост, и без ВИ се соочуваат со различни бариери на пазарот на труд. Во услови кога, не сите компании имаат јасно дефинирани стратегии за раст и развој во дигиталното опкружување, примената на ВИ може да отвори нови можности, но и да ги продлабочи постојните нееднаквости.

Повозрасните работници – меѓу искуството и новите технологии

Компаниите често тргнуваат од претпоставката дека повозрасните работници потешко прифаќаат промени, или се помалку подготвени да се приспособат на новите технологии. Сепак, ваквите стереотипи не ја одразуваат нужно нивната реална способност за учење и приспособување. Според истражувањето на глобалната консултантска компанија за деловни стратегии и управување „McKinsey“, меѓу моментално вработените, само еден од седум (14%) изјавува дека користи вештачка интелигенција во голема или во одредена мера, додека огромното мнозинство (80%) воопшто не ја користи. Најчестите начини на кои повозрасните работници користат ВИ се пребарување информации (48%), анализа на податоци или информации (28%) и создавање содржини: текст, слики, аудио и видеозаписи (25%).

Додека раководствата на компаниите се стремат кон интегрирање генеративна и друга вештачка интелигенција во работните процеси, често се претпоставува дека помладите работници полесно ќе ги усвојат и ќе ги применуваат новите алатки. Последица на ваквиот пристап може да биде потешко вработување или напредување за работниците во средината и во подоцнежните фази од кариерата, и покрај нивното долгогодишно професионално искуство.

Меѓу предизвиците со кои се соочуваат повозрасните работници се и негативните стереотипи за нивната подготвеност да стекнуваат нови вештини, ограничениот пристап до обуки што ги обезбедуваат работодавачите, како и недостигот од дигитален пристап и основни дигитални вештини.

Ова особено се однесува на можностите за учење и користење алатки со ВИ, но и на подготвеноста на компаниите да инвестираат во обука на повозрасните работници кои се блиску до пензионирање.  На овие предизвици укажува и извештајот на американски непрофитен институт за истражување на социјални и економски политики „Urban Institute“ за вештачката интелигенција и постарите работници. Дел од повозрасните лица, исто така, немаат пристап до современи уреди и брз интернет, кои се предуслов за користење на овие технологии.

Но, искуството не е пречка за дигиталната трансформација. Напротив, може да биде нејзина значајна предност. Повозрасните работници со долгогодишно професионално искуство можат да придонесат со критичко размислување, креативно решавање проблеми и етички надзор при развојот на нови модели на вештачка интелигенција, како и при толкувањето и оценувањето на нивните резултати.

Активното стекнување знаења и вештини за користење ВИ може да им помогне да ја поврзат својата експертиза со новите технологии. За работодавачите, тоа е можност подобро да го искористат потенцијалот на искусните работници.

Како позитивни практики се издвојуваат комбинирањето на професионалното искуство со алатките за ВИ, поттикнувањето на вработените што успешно ги применуваат овие алатки да ги менторираат своите колеги, како и следењето на резултатите од нивната примена со цел да се постигне поголема продуктивност.

 Вештачката интелигенција: можност за поголема инклузија на лицата со попреченост

Според проценките, во светот живеат околу 1,5 милијарди луѓе со некаква форма на попреченост, од кои најголем дел се во работоспособна возраст. Истовремено, лицата со попреченост имаат 2,3 пати поголема веројатност да бидат невработени во споредба со лицата без попреченост. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) утврдува разлика од 27 процентни поени во стапките на вработеност меѓу овие две групи.

Иако непромислената примена на ВИ може да ги продлабочи нееднаквостите, таа нуди и можности за создавање поинклузивни работни средини и отстранување на бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост. Во таа смисла, важно е да се разбере како технологијата се развива, за кого е наменета и чии потреби ги зема предвид.

Според горенаведениот извештај на ОЕЦД, една од главните пречки за развој и примена на ВИ што ги вклучува лицата со попреченост е нивното недоволно учество во создавањето на самите технолошки решенија. Кога лицата со попреченост и крајните корисници не се вклучени во процесот на развој, постои ризик да се создадат алатки што не одговараат на нивните реални потреби или се непрактични за секојдневна употреба. Дополнителен проблем настанува кога овие решенија не се усогласени со постојните политики, институционални актери и системи за поддршка.

Со унапредувањето на асистивните технологии, ВИ може да придонесе за поголема самостојност и пристапност. На пример, може да помогне во идентификувањето пристапни патишта и да им овозможи на лицата со попреченост полесен пристап до информации и образование. Дигиталните асистенти, софтверот за претворање говор во текст, автоматски генерираните видеотитлови и описи на слики, аватарите што користат знаковен јазик, протетските екстремитети, па дури и алатките за поддршка на менталното здравје се само дел од примерите за тоа како ВИ може да придонесе за унапредување на правата и можностите на лицата со попреченост.

Сепак, можностите не ги исклучуваат ризиците. Додека некои алатки со ВИ го олеснуваат секојдневието, други можат да содржат пристрасности и да создаваат нови бариери. Иднината на работата во услови на широка примена на ВИ може да биде особено предизвикувачка за лицата со попреченост во одредени сектори.

Без соодветна регулација и контрола, ризиците од пристрасност и социјално исклучување ќе продолжат да постојат. Непроверените алгоритми можат да ги репродуцираат постојните општествени предрасуди и да создадат дополнителни пречки за лицата што бараат работа, особено кога ВИ се користи во процесите на селекција, процена и донесување одлуки за вработување.

Пристапен дизајн и одговорна примена на ВИ

Постојат и конкретни примери за технолошки решенија што можат да ја подобрат пристапноста. Меѓу нив е ChatGPT Let’s Talk, додаток за Chrome што овозможува користење кратенки на тастатурата и слушање одговори генерирани од ВИ на веб-страницата. Microsoft Bot Framework им обезбедува на програмерите насоки и функционалности за поддршка на алтернативен текст, додека Dialogflow на Google има вградена интеграција со Google Cloud Speech-to-Text API. Ова им овозможува на програмерите да создаваат чет-ботови што поддржуваат гласовно внесување.

Важен чекор кон одговорна примена на технологијата е и Актот на Европската Унија за вештачка интелигенција. Како сеопфатна регулаторна рамка за ВИ, тој има за цел да го поттикне одговорниот развој и примена на овие технологии. Особено е значаен за лицата со попреченост и другите маргинализирани групи, бидејќи поставува правила насочени кон заштита на основните права и спречување на одредени ризици од дискриминација и неправеден третман.

Како потписничка на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, Европската Унија има обврска да ги штити лицата со попреченост од дискриминација и да го унапредува нивниот еднаков пристап до информациските и комуникациските технологии. Меѓу мерките кои може да се преземат за подобрување на вклученоста на лицата со попреченост се:  да се стави приоритет на етичкотодизајнирање и примена на системите на ВИ, со активна вклученост на лицата со попреченост во сите фази на развој; понатаму, да се воспостави јасна одговорност за перформансите на системите за вештачка интелегенција и за сите дискриминаторски практики што би можеле да произлезат од нив, како и да се обезбеди тренинг за секторите за човекови ресурси во компаниите за важноста од етичката примена на ВИ како и промовирање дигитална писменост на лицата со попреченост; во оваа насока е и усвојувањето законска регулатива која со примената би одговорила на пристрасноста и бариерите за лицата со попреченост особено во процесот на вработување и во текот на работниот процес.

Пишува: Билјана Чавкоска
Фотографии: Magnific.com

Авторката е доктор по правни науки и активистка за човекови права