Додека Македонија се дави во отпад, тој го претвора во ресурс и го извезува
Од диви депонии до зелен град: како локално зелено претприемништво ја менува Гевгелија? Почнал со идеја дека отпадот e ресурс што може да се искористи. Денес неговиот систем за селекција и рециклирање опслужува повеќе општини, создава зелени работни места и ја приближува Гевгелија до визијата за зелен град.
Кога во Македонија се зборува за отпад, најчесто се зборува за проблеми. За диви депонии. За загадување. За камиони со отпад што ја преминуваат границата и за институции кои доцнат со решенијата. (на овој линк е награденото истражување на „Лице в лице“ за увозот на отпад)
Дали освен сопственото, нè труе и странско ѓубре?
Во Гевгелија, приказната има поинаков тек.
Таму, отпадот не завршува на депонија. По селекцијата и обработката, тој се пресува, се подготвува како суровина и се извезува за понатамошна преработка. Она што за многумина е товар, овде станува ресурс.
Како една идеја за рециклирање прерасна во зелено претприемништво
Сè почнало од идејата на еден човек, Виктор Петковски од Гевгелија. Неговата приказна не започнува со голем капитал или институционална поддршка, туку со идеја: дека отпадот не е крајна точка, туку почеток на нов циклус. Ова е приказна за човек кој решил да не чека некој друг да го реши проблемот. Самиот почнал да гради систем што денес опфаќа компании, институции, училишта и граѓани, а неговата визија е Гевгелија да стане пример за зелен град што својата иднина ја гради врз одговорност, циркуларна економија и заедничка акција.
– Овде почнуваме со примарна и секундарна селекција на отпад и тоа: хартија, најлон, пластика и стакло. Но, идејата никогаш не беше само да се собира отпад. Идејата беше да се мобилизира цела една заедница и граѓаните и компаниите да почнат да размислуваат поинаку. Да сфатат дека секој од нас има улога во тој процес. Зборуваме за циркуларнос, за еден круг, каде што отпадот станува ресурс, а одговорноста станува навика – вели Виктор.
Од диви депонии до организиран систем за управување со отпад
Во земја каде 99,8% од отпадот завршува на депонии, Виктор гради систем што го претвора во ресурс. Не чекал решение, туку почнал сам, воден од визијата за зелен град. Со неговата компанија, „Прогрес груп компани“ почнува со инвестиции во специјални возила, со создавање мрежа на партнери, со директна комуникација со компании и угостителски објекти.
– Купивме специјални возила, ѓубретарки, направивме договори со фирми, супермаркети, индустрии. Наместо тие да се снаоѓаат сами, ние одиме кај нив, на лице место. Го преземаме селектираниот отпад. Го селектираме – одделно најлон, одделно хартија, пластика, стакло. Поставивме канти во угостителски објекти, направивме распоред за собирање. Тоа создаде ред. А кога има ред, има и резултат – објаснува тој.
Зелено претприемништво што ги поврзува граѓаните, компаниите и институциите
Климатските промени, загадувањето и отпадот се меѓу најголемите предизвици за градовите ширум светот, а Виктор е свесен за бенефитите на циркуларната економија, модел во кој отпадот не завршува на депонија, туку повторно се враќа во употреба како ресурс. Европските анализи покажуваат дека токму зелените и циркуларните бизниси стануваат еден од двигателите на нови работни места и локален развој, особено во земјите што поминуваат низ зелена транзиција. Клучниот момент, сепак, доаѓа кога системот почнува да функционира двонасочно, не само собирање, туку и спречување отпадот да заврши таму каде што не треба.
– Новоста што ја направивме ние во 2018 година, беше што почнавме ние да го преземаме отпадот директно од компаниите. Да не чекаме тие да го носат некаде, туку да воспоставиме систем каде што точно се знае – кога, како и каде оди отпадот. Тоа беше пресвртницата, клучниот момент – вели тој.
Токму локалното учество, соработката меѓу граѓаните, институциите и бизнисите, како и развојот на зелени (социјални) претпријатија се клучни за создавање одржливи заедници. Во ваквите примери се гледа суштината на зеленото претприемаштво: препознавање на општествен проблем и негово претворање во решение што создава економска и општествена вредност.
Кога отпадот станува ресурс: од селекција до извоз
Со растот на иницијативата расте и инфраструктурата. Се гради современа хала за селекција и обработка на отпад со капацитет да опслужува повеќе општини.
– Видовме дека Гевгелија има потенцијал. Има индустрија, има отпад, има потреба од решение. Затоа ја изградивме оваа хала. Таа не служи само за Гевгелија, туку и за Богданци, Дојран. Ова не е локална приказна, ова е регионален модел што може да се примени и на други места – објаснува Виктор.

Тој додава дека неговата компанија успеала да доби грант од УНДП за поддршка за создавање нови работни места преку зелени инвестиции, со кој купиле машина со која обезбедиле уште еден поттик да се продолжи да се работи. Клучното, што ја прави оваа приказна значајна е трансформацијата на отпадот во нешто корисно. Во производ. Во вредност.
– Суровината се пресува во специјални автоматски преси. Тоа што го гледате тука е финален производ, подготвен за транспорт. Се товари во камиони и се извезува, најчесто во Турција. Таму, во специјализирани фабрики, повторно се преработува и се прави нова хартија. Тоа значи дека ништо не се губи, само се трансформира – појаснува тој.
Во време кога многу земји увезуваат отпад, овој модел покажува спротивен тек – отпадот станува ресурс за извоз.
Додека ресурсите стануваат сè поскапи, а отпадот сè поголем предизвик, ваквите модели се препознаваат како дел од идната економија. Според последната анализа на Европската агенција за животна средина, циркуларната економија веќе создава 4,4 милиони работни места и се очекува дополнително да расте (детални податоци од оваа анализа, на овој линк).

Промената почнува дома: како се градат нови еколошки навики
Иако набавката на машини и опрема била клучна за овој бизнис, најважната промена не се случила во халите и механизацијата, туку кај луѓето. Влијанието не се мери во тони, туку во проеменети навики. Во свест. Во заедништво.
– Сè почнува дома. Ако можеме секој граѓанин да го натераме да селектира, барем едно капаче, што е најмалата можна работа, тогаш можеме да го научиме да селектира сè. Тоа не е само прашање на систем, туку на култура. И затоа работевме со сите, беа мобилизирани МВР, училишта, со градинки, со институции. Кога ќе ги вклучиш луѓето, тие стануваат дел од решението – раскажува гордо Виктор.
Една од симболичните иницијативи е поставувањето на кош во вид на срце за собирање пластични капачиња, во соработка со Црвениот крст и со комуналното претпријатие. Тоа било едноставен, но моќен начин да се вклучи заедницата. Резултатите денес се видливи и на терен.
– Дивите депонии речиси исчезнаа. Една од најголемите, во Сува река, денес е трансформирана во прочистителна станица. Целиот простор е уреден, зелен, функционален. Тоа е доказ дека ако се работи систематски, промената е можна – нагласува Виктор.


Она што некогаш било симбол на запуштеност, денес е пример за трансформација. Често слушаме дека ништо не се менува. Но, оваа приказна за Гевгелија и визијата на еден човек, покажува дека промената е можна, само бара иницијатива, визија и истрајност.
– Гевгелија може да биде пример. Навистина верувам во тоа. Да покажеме дека е можно еден град да стане еко-град, зелен град. Не преку големи зборови, туку преку мали, конкретни чекори што секој од нас може да ги направи.
Суштината на оваа приказна не само за рециклираните тони отпад, туку за променетите навики, новите работни места и вербата дека еден град може да изгледа поинаку.
Затоа што понекогаш, за да започне голема промена, доволни се една идеја и човек што ќе одлучи да не се помири со постојната состојба. Доволна е една идеја и еден човек што ќе одлучи да ја претвори во дело.

Погледнете ја пристапната видео – приказна за Виктор:
Видео-прилогот е достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.
На овој линк може да ги најдете сите приказни од овој серијал. Погледнете ги и останатите видео-приказни од овој пристапен серијал, на линковите подолу.
Новинарка: Адријана Георгиев
Камера и фотографии: Димитар Атанасоски
Монтажа: Ратомир Цениќ
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.
„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“, во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни