Фото: Благоја Благадуша

Славно, револуционерно, но заборавено. Крушево. Највисокиот град во земјава, местото што се гордее со својата историја, познато по првата република на Балканот, но и како родното место на Никола Мартиноски. Градот што изгледа како да е во зимски сон, може да живее од туризам. Но нема туристичко биро, нема инфоточка, речиси нема патокази за значајните споменици, нема водичи со лиценца, па туристите што ќе дојдат се оставени сами на себе да се снаоѓаат. Локалните жители, пак, како и вработените во продавниците и во локалните установи, главно, не знаат странски јазик, па на странските туристи дополнително им е отежната комуникацијата. Еден локален веб-сајт го рекламира Крушево како „место каде што се живее подолго“. И тоа би можело да е дел од туристичкиот потенцијал што го носи. Токму тој потенцијал доживува можност да биде реосмислен, преку активностите на новото социјално претпријатие Социо-економски центар за туристички услуги, кој се иницираше во рамки на Платформата за развој на туризмот, која, пак, обединува локални капацитети. Центарот е и член на Мрежата на социјални претпријатија, а преку својот напредок ќе дава пример за соодветен локален развој, кој е неопходен во економска, но и во општествена смисла.
Приказната за славното Крушево, но и чистиот воздух, добрата и здрава храна, ги поттикна членките на Платформата, кои, главно, се невработени жени (најголемиот дел од нив се повозрасни), да направат нешто повеќе за себе и за својот град.

Развиваме идеја водена од потребата на локалната заедница

Како поранешна градоначалничка на Крушево, една од иницијаторките за формирањето на Центарот и на Платформата, Лефкија Гажоска, е свесна за најголемите предизвици на овој град - невработеноста и одливот од градот на млада работна сила и на луѓе што имаат идеи.
- Сите мерки на владата и на институциите не се вредни без локална поддршка и без изворни и автентични идеи, кои доаѓаат од базата, од потребата на локалната заедница. Затоа нашите напори се насочени првенствено кон потребите на членките и кон нивно адресирање до институциите. На пример, сопственичките на соби и на апартмани имаа потреба од основни курсеви за странски јазик за да се разберат подобро со своите странски гости. Општината имаше слух за оваа потреба, па курсевите се веќе во тек – објаснува таа.
Членките на Платформата, секоја одделно, со години издаваат соби и апартмани, приготвуваат традиционална и здрава храна, домашни мармалади, џемови, мед, мевлеми, сирупи... За потребите на Платформата, а како дел од услугите на социјалното претпријатие, создадена е новина – локални туристички тури, од кои ќе доаѓаат најголемиот дел од приходите. „Музејската“ опфаќа посета на сите музеи во Крушево, а „Манастирската тура“ е со посета на четирите манастири во близината на Крушево. Двете тури завршуваат со ручек подготвен на традиционален начин и со традиционална музика.

Партнерство меѓу јавниот сектор, локалниот семеен бизнис, образованието и граѓанските здруженија


Платформата е составена од граѓанските организации Здружение за туризам и угостителство, Центар за хумани односи и „Крушевска жена“, а ги вклучува и локални институции – средното училиште „Наум Наумоски - Борче“ и Општина Крушево.
- Последниве три-четири години, почувствувавме потреба да направиме заедничка активност што ќе ги обединува нашите главни цели на работењето. Нашата улога ја видовме и при една обука, а потоа заеднички аплициравме на повикот за поддршка на социјалните претпријатија. Така се родија Платформата и социјалното претпријатие – појаснува Гажоска.
Дел од платформата е и Захарија Ангелеска, која верува дека ваквото здружување ги поставува темелите за развој на туризмот.
- Сега сме на ниво на бебе што се обидува да прооди. Му треба многу грижа, внимание, за да може да застане на нозе – вели Ангелеска.
Таа, како претставничка на новата, надоаѓачка генерација, си ја гледа својата улога токму во родниот град.
- Јас сум двигател, лидер што го поддржува сето ова, имам моќ и знаење и сакам да придонесам. Поставуваме нови темели и насока по која треба да тргнеме. Треба да се ослободиме од „турското“, да не останеме само на онаа приказна за востанијата и за традицијата затоа што сега е ново време, нови подвизи, нови шанси и треба да се гледа напред. Платформата е еден начин како може да се достигне, да се заработува и да се постигне тој развој на локално ниво – вели Ангелеска.
Таа појаснува дека долго време биле свесни за проблемите во меѓусебната комуникација на различните генерации и за недостигот од координација на активностите што секој ги правел за себе. Затоа создале решение што ќе функционира:
- Платформата е наша, заедничка и не е само за нас што ја инициравме, туку за цело Крушево. Ја има обединувачката моќ, треба да бидеме сите заедно за да имаме успех што ќе им го пласираме на странците, кои се и цел во таа приказна.
Елица Ѓоргиеска, пак, работела како шеф на филигран, нижела тутун, но останала невработена и со намален вид, како и многумина возрасни личности во градот. Токму во рамки на социјалното претпријатие „Крушевска жена“ добила можност да изработува сирупи и мевлеми за кои користи лековити билки од крушевската корија.
- Ваквите производи за мене се одличен начин да дојдам до свој денар, да располагам со свои средства. Сама ги правам, имам книги од постаро време, од нив читам и правам лекови. Многу убаво се чувствувам. Најубаво ми е кога ми порачуваат и кога ќе ми кажат дека моите лекови се ефикасни. Се „иструле“ од антибиотици, а се излекувале со мој лек – вели Елица.
Таа сега, исто така, е вклучена во активностите на Платформата и додава дека верува дека ќе имаат и повеќе настани со кои ќе придонесуваат во туристичката понуда.

За 10 години да видиме 10 социјални претпријатија во Крушево


Вклучување на средното училиште, кое има и туристичко-угостителска насока, исто така, било важен сегмент во целата приказна.
- Средношколците имаат практична работа преку нашите активности и се надеваме дека младите ќе најдат мотив преку развивање свои идеи за локална туристичка услуга да останат во градот. Една од тие идеи е да обучиме заинтересирани млади за локални туристички водичи и да им помогнеме да се здобијат со неопходната лиценца – вели Гажоска.
Преку промовирање на моделот за социјално претприемаштво, мисијата на Центарот е да го поттикне нашето членство и младите во Крушево да ги развиваат своите идеи како социјални претпријатија. Засега, социјалното претпријатие е со идеја да го поттикне развојот на локално ниво, но имаат јасна визија, која покажува отвореност:
- За 10 години сакаме да имаме 10 социјални претпријатија во Крушево, формирани, пред сè, од млади луѓе, кои ќе вработуваат 100 лица, претежно во дејноста туризам. Како туристички водичи со лиценца, изработувачи на сувенири, сопственици на коњи за локалните тури, едукатори за скијање, параглајдинг, изнајмувачи на велосипеди за планински тури, сопственици на детски игротеки...

Заедничката цел, нагласува Гажоска, е да се создаде доверба меѓу граѓанските здруженија и локалните власти во локалните процеси за развој и за унапредување на туризмот, кој е носечка гранка на локалниот економски развој.  

(Текстот е подготвен во рамки на проектот „Развој на мрежа на социјални претпријатија“ поддржан од Град Скопје)