Уникатноста на ракотворбите, духот на традицијата, моќта на сплотените идеи и дејствувањето, меѓусебното учење, соработката и поддршката и промоцијата на зелен бизнис што не ѝ штети на природата се спецификите што ги нуди новата платформа за развој на мали занаетчиски претпријатија „Еснаф“. Станува збор за социјално претпријатие што ги засилува ранливите, дава придонес кон еднакво општество, создава можности за вработување ранливи сограѓани, засилува вештини и капацитети на луѓето што изработуваат ракотворби и на сите што сакаат своето хоби да го донесат на ниво на професионално занимање.
„Еснаф“ е интернет-платформа за промоција на ракотворби, но има и физички простор, продавница во центарот на Скопје. Тоа што го издвојува од другите креативни платформи е начинот на кој ги комбинира бизнисот и социјалната еднаквост. Основачката, Изабела Соколовска раскажува дека идејата ѝ дошла пред две години, кога почнала со работа на Институтот „Креативна Македонија“. Го увидела предизвикот на занаетчиите за начинот и за местото на продажба на нивните производи.
- Почна од една идеја што долго време се вареше во мојата глава. Кога си самиот занаетчија и кога долго време соработуваш со креативни луѓе, од прва рака ги знаеш нивните барања, проблеми, потреби. Светот граби напред, интернетот е повеќе од убави луѓе и сè што се купува, продава, рекламира - е таму. Тука сме ние, земја што е богата со култура и со традиција, автентични занаети, уникатни ракотворби и сето тоа останува само на нашата територија – објаснува Соколовска за раѓањето на „Еснаф“.
Таа додава дека базарите се одлична пригода каде што и новите занаетчии и тие што изработуваат ракотворби имаат можност, покрај шансата да продаваат, и да се запознаат со други занаетчии, кои добро го владеат овој свет, и да научат многу од нив.
- На сите базари се раѓа фантастична соработка и вмрежувања меѓу сите нив. Но тие не се доволни за нивно одржување, односно опстојување. Затоа, верувам дека „Еснаф“, платформа што ги обединува сите нив, ќе стане главната врска со нивните купувачи – објаснува Соколовска.
Таа појаснува дека сите претходни обиди да се здружат силите на занаетчиите не биле успешни.
- Причините за тоа се помалку или повеќе познати. Ќе почнам од тоа дека рачната изработка не се цени доволно кај нас. Граѓаните немаат доволно куповна моќ за да си ги дозволат овие производи. Нивната цена секако дека ги надминува нашите стандарди, па е предизвик да се продаваат. Освен овој, имаме и многу други предизвици - досега немаме добиено никакви финансиски средства.
Стартната поддршка во вид на менторство, пак, „Еснаф“ ја добива токму од Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, со што ги засилува своите капацитети за маркетинг и за продажба. Така, идејата прераснува во продавница на интернет, а во центарот на Скопје, пак, „Еснаф“ има и простор, кој, освен како продавница, се користи и за различни обуки што ги унапредуваат капацитетите на тие што сакаат да се занимаваат со креативна изработка.
- Продавницата на интернет е канал што нè поврзува со светот, додека физичката продавница нè обединува на нашиот простор. Воедно и нè доближува со туристите што циркулираат во центарот на Скопје – рече Соколовска.

Не дозволуваме модерното живеење да нè оддалечи од творбите направени со љубов

Во време во кое брзата заработка и уште побрзата живејачка се бркаат како мачка кога си ја лови опашката, доаѓаме до прашањето колку се важни нашите навики како консументи. Соколовска вели дека, иако живееме во модерно и софистицирано време, каде што на пазарот се претставени голем избор на најразновидни машини, апарати, сепак луѓето повторно се навраќаат кон тоа што било примарно, автентично и архаично, а тоа е рачната изработка.
- Преку ракотворбите, ја запознавате душата на творецот што твори. Твори со денови и ноќи, за нештото да биде совршено. А, кога ќе го добиете знаете дека сте добиле вредно парче љубов – објаснува таа.
Соколовска посочува и дека работат на тоа „Еснаф“ да има силна улога во социјалната економија во земјава, токму затоа што е создадено од реалните потреби на неговите засегнати страни.
- „Еснаф“ настана природно со интересот за учество на лицата од ранливите категории на нашите базари. Можноста да работат и да заработуваат од дома за нив значи огромна поддршка. Регистрирањето како занаетчија е огромен трошок, а да се биде достапен до купувачите, треба да се има сопствен простор, што е, исто така, дополнителен трошок и време, кое се одзема од процесот на изработка. Да се изработуваат производите, да се фотографираат, маркетингот и поврзувањето со купувачите е процес, продажбата е процес, кој сам по себе одзема многу време и е тежок модел за да биде профитабилен. Тоа што „Еснаф“ го нуди е преземање на производите по изработката и нивно натамошно поврзување со купувачите – вели таа.
Нејзината одлука „Еснаф“ да биде социјално претпријатие, а не обичен, традиционален бизнис е водена од личното искуство како творец што осум години се соочува со предизвиците со кои се соочуваат сите занаетчии и изработувачи на ракотворби.
- Директно ја искусив потребата да се создаде модел на бизнис што ќе ги обедини сите на едно место, притоа обезбедувајќи ги потребните обуки и настани. Поддржувањето на тие луѓе што сакаат рачната изработка да им биде определба за живот е причината што настана „Еснаф“. Во текот на работата поддржавме голем број лица од ранливите категории за кои овој модел се покажа како одличен за нивниот развој и вработување – вели Соколовска.
Нејзината желба да влијае на унапредување на општеството е очигледна. Таа, навраќајќи се кон минатото и традицијата, гледа во иднината сакајќи да го заштити автентичното богатство на земјава.
- Во периодот околу 15 век еснафите биле создадени со цел да се заштитат интересите на занаетчиите. Секој еснаф претставувал посебна целина, со свои пари и печат. Македонија била една од земјите што, покрај појавата на индустријализацијата, успеала да ги зачува и одржи занаетите во живот. Така и ние, неколку века подоцна, нашата инспирација ја црпиме токму од минатото, од богатата традиција и култура со која се одликува нашата земја. Низ вековите, генијалноста на луѓето се препознава токму преку разновидните занаети, односно создавањето култура и традиција. Најинтересно е што човекот во тоа време немал намера да ги создава, туку тоа го правел за егзистенција, приспособувајќи се на условите во кои живеел. За денеска сето тоа што го создавал низ времето да може да се нарекува традиција, обичаи, култура – објаснува Соколовска.
Почетниот успех на „Еснаф“ е тоа што има производи од 50 занаетчии, а нивниот број постојано се зголемува.
- Поради големата побарувачка на автентични сувенири што ќе ја претстават нашата земја, целата нејзина традиција и култура, наскоро ќе почне и серијата уникатни рачно изработени сувенири достапни во ограничени количини – најавува таа.




„Еснаф“ е основа за развој на поединечни социјални претпријатија

Страсната поддржувачка на рачни изработки и професионалец со огромно искуство во областа на маркетингот, создавањето препознатливо име и продажбата, Билјана Лончар, ја дели желбата за успех на „Еснаф“, каде што таа увидела огромен потенцијал.
- „Еснаф“ е комбинација на хуманоста, традицијата и на иднината во која се преплетуваат животни приказни на многу луѓе и нивните прекрасни ракотворби. Основан е од девојка со неверојатна енергија, огромна желба и посветеност да ја пренесе пораката, која е многу моќна. Поради тоа, со вистинската поддршка, нема простор за неуспех. Тоа што ја издвојува од сите други е токму тоа што „Еснаф“ е основа за поттикнување развој на поединечни социјални претпријатија и за побрз развој на малото занаечиството, што е од особено значење. Истовремено, носи и една подлабока мисија, која ги допира уметноста, традицијата, историјата и промоцијата на вредностите на нашата земја – вели Лончар.
Елизабета Петковска е една од творците што се дел од „Еснаф“ уште од кога социјалното претпријатие беше само идеја. Таа објаснува дека ја цени дружбата со другите учесници и со посетителите и ужива во базарите.
- Но базарите не се толку чести. Ги користам и социјалните мрежи, но таму не можам да сум постојано активна, што мене ми е проблем. Јас постојано плетам и создавам и потребно ми е да создавам за да продадам и да можам да си ги платам месечните терапии. Поддршката што ја добивам од „Еснаф“ ми е клучна. Тие ги  промовираат моите производи во земјава и во странство претставувајќи ги во најдобра светлина со опис и со фотографија, од нив имам промоција на социјалните медиуми, бесплатно учество на работилници каде што можам да се унапредувам , а би сакала посебно да им се заблагодарам затоа што ме поддржуваат да учествувам на сите базари – објаснува Бети.
Бети е личност што има Даунов синдром и за која плетењето, освен што е работен ангажман, влијае и во насока на инклузија – таа поради оваа активност се дружи со луѓето, учи, комуницира со свои клиенти.
- Секогаш сакам да напредувам во плетењето, да научам нешто ново. Среќна сум кога моите производи се барани, кога луѓето ги носат. Сакам да ги усреќувам сите. Се надевам дека мојата марка, „елизабет арт“ еден ден ќе биде препознатлива. Но, најмногу од сè, сонувам почесто да патувам и да се дружам. Во мај в година по третпат ќе гостувам во Турција, во градот Јелова, ќе ја претставувам Македонија и моите изработки. Посебно му се радувам на ова патување затоа што ќе ги видам пријателите што ги запознав таму и ќе се дружам со нив – објаснува Бети.
На прашањето дали се гледа како социјална претприемачка, Бети скромно одговара дека повеќе се гледа како уметник што се пронашол себеси во креирањето накит и различни додатоци од конец. 
- Не викам не, затоа што никогаш не знаеме каде ќе нè одведе иднината, но до тогаш тука е „Еснаф“ да ме претставува – вели таа.

Следува новогодишниот базар

Зад „Креативна Македонија“ и „Еснаф“ стојат вкупно девет базари на рачни изработки, на кои учествувале повеќе од 300 занаетчии и изработувачи на ракотворби, од кои 35 лица од ранливите категории, со посета од повеќе од 12.000 домашни и странски посетители. Сега тимот е пред организирање на следниот, новогодишен базар, кој ќе се одржи на 14 декември во хотел „Континентал“ во Скопје.
- Препознатливи сме по овој новогодишен базар и тој ни стана омилена активност во овој период. Местата за учество експресно се пополнија и драго ми е што занаетчиите ја препознаваат можноста за нивно претставување – вели Соколовска.