„Рето надеж“ е социјално претпријатие што работно интегрира зависници од дроги, а во исто време се грижи за животната средина репарирајќи стар мебел на кој му се дава нов живот и со тоа се избегнува овие парчиња да завршат на депонија и да загадуваат
Има излез од зависноста од дрога и од алкохол. Билетот за излез од состојбата е бесплатен, а со него гратис добивате и поинаков живот. „Рето надеж“ е центар за рехабилитација на зависници, кој веќе 12 години нуди опција за овие луѓе да ја надминат состојбата во која се наоѓаат.
Функционира како социјално претпријатие, кое работно интегрира зависници од дроги, а во исто време се грижи за животната средина репарирајќи стар мебел на кој му се дава нов живот и со тоа се избегнува овие парчиња да завршат на депонија и да загадуваат.
Центарот се наоѓа во скопското село Батинци.
Поглед кон сопственото минато
Застануваме на самиот главен пат што поминува низ селото. Се качуваме по нагорнина за да дојдеме до местото што им нуди нов живот на зависниците. Се чини како оваа нагорнина да е дел од самата иницијација – мораат да поминат пат, да се подискачат уште малку за да можат да го погледнат својот живот од друга перспектива, „од горе“.
Гледаме куќа на два ката, до неа уште една – лепенка, понатаму помали објекти, куќарка за куче, простор за складирање, градина, мал овоштарник, мини-фарма за кокошки. Пред да прашаме дали произведуваат и домашни јајца, Никола Чулевски, одговорно лице во Центарот, ни вели:
- Немавме време да се грижиме и за кокошките, па засега, остануваме без фармата. Имаме многу работа околу репарирање мебел и во продавницата, а и самото одржување на целиот простор си бара ресурси – објаснува тој.
„Рето надеж“ функционира исто како и сличните центри во Шпанија, Мексико, Естонија, Танзанија, но и во околните земји – Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска. Почнале во стан во Центар, но увиделе дека им е потребен поинаков простор. Самите го уредиле просторот во кој сега функционира Центарот и го доградиле. Во Батинци доаѓаат на лекување и луѓе од Бугарија, од Шпанија и од други места. Самиот директор на постојниот Центар, Гилјермо Перез дошол овде од Белград, каде што заедно со сопругата биле 3,5 години. Иако е христијански центар за помош на зависници од дрога, кој почнал да функционира во Шпанија во 1985 година, споделуваат дека не прават ништо со сила, па вероисповедта, ниту, пак, која било друга определба на корисниците на овие услуги не игра улога.
Продавницата каде што ги продаваат репарираниот мебел и бела техника има специфичен, речиси егзотичен изглед. Распослани черги, јамболии, капути, мантили, по некое парче облека за деца, фармерки, блузи, кошули, а веднаш до нив и шкафови, елементи за кујна, масички, вази, разни други предмети за домот.
- Само што ќе донесеме нов мебел, веднаш имаме посети. Квалитетните парчиња многу брзо се распродаваат. Не ретко се случува да можеме да понудиме и антиквитети – вели Никола.
Покажува еден прекрасен двоен кревет од масивно дрво со бронзени детали вдлабнати во изработката
- Креветот чини 600 евра. Не можеме да го продадеме затоа што на нашите муштерии им е скап, но под оваа цена, пак, не можеме да одиме, погледнете каков квалитет е - уверува Никола со тон на искусен трговец.
Сфаќаме дека многу добро знае кои парчиња мебел која цена треба да ја имаат и зошто инсистира на соодветна цена. Од тие пари плаќаат сметки, набавуваат храна и потребни средства за функционирање на Центарот и на луѓето што живеат таму додека ја поминуваат програмата за надминување на зависноста.
- Сите ние овде сме доброволно вклучени, не земаме плата и не го гледаме ова како работа. Тука сме да помогнеме доколку некој се реши да дојде и да бидеме со него кога е во апстиненција. Потоа, откако кризата ќе заврши, нудиме ангажман – да го пополни времето со корисна работа, која, пак, ни помага да ја одржиме организацијата – објаснува и додава дека даваат поддршка, храна, простор за домување, хигиена и сите потребни сегменти.
Штом ќе се нафатат да бидат дел од Центарот, учесниците во оваа програма се обврзуваат да не користат дрога и алкохол. Сите што се таму го поминале истиот пат, а овој начин на надминување на зависноста се покажал ефикасен, па затоа го промовираат.
- Зависноста ја надминуваме без притоа да станеме зависни на други, заменски лекови. Овде дојдов на 19 години. Откако се излекував, решив да останам за да може моето искуство да го споделам со други луѓе на кои им е потребна помош. Затоа сум овде, да можам да дадам пример, утеха. Точно знам како им е на сите бидејќи сум го поминал истото. Знам кога е најтешкото, најголемата криза и знам како може да ја надминат. Овде се чувствувам дека сум од полза, дека правам нешто што вреди. Овде се гледам и во иднина – вели Никола.

Работилница како аптека – сè си има свое место
Работилницата каде што го репарираат мебелот е на кат. Просторот е голем, чист и студен, изгледа како да сте во аптека. Секое парче алат, секое шрафче си има свое обележано место. Момците од „Рето надеж“, освен мебел, поправаат и бела техника и сепарираат отпад од секундарни суровини. Гледаме купишта столови, фотелји, стари фрижидери, а едно парче со ретроизглед ни го задржува вниманието.
- Сега се модерни фрижидери со ваков дизајн. Ако можете да го репарирате, ќе извадите добра пара од него – им велиме на Никола и на Благојче, а тие се насмевнуваат.
- Со ова што го работиме, освен што собираме пари, има и друга позитивна работа што ни е многу важна. Со тоа што сме постојано ангажирани и работиме, времето ни е исполнето, точно знаеме која обврска кога ја имаме. Тука постои дисциплина и тоа сите го почитуваме. Доколку некој од учесниците пројави желба, може да научи ваков тип работа и тоа да му е корисно и кога ќе излезе од Центарот – објаснува Чулевски.
Освен репарирање мебел, услугите на „Рето надеж“ вклучуваат и селење, сечење, косење, перење, обезбедување транспорт на стока. Додека сме кај нив, телефонот на Никола постојано ѕвони. Од каде интересот, како дознаваат?
- Им пристапуваме лично на зависниците, а делиме и флаери до оваа наша целна група. Имаме и информации за нашите услуги. Најдобрите препораки се секогаш од човек на човек, така се слуша за нашата работа, имаме многу задоволни соработници – објаснува Благојче.
Перез, пак, објаснува дека успеваат сами да се финансираат, а редовно оставаат и летоци за проширување на информациите:
- Доколку некој сака да помогне или да донира, ние одиме со наш превоз и го преземаме мебелот, па тоа ни помага да опстане центарот и да ги покрие трошоците што ги има. Вака работиме веќе девет години.
Во моментов „Рето надеж“ функционира со двајца вработени во продавницата, а имаат и неколку волонтери, кои им помагаат на луѓето што се соочуваат со зависност и кои работат со мебелот.
- Мисијата ни е да им дадеме до знаење на граѓаните дека има излез од зависноста. Сакаме да допреме до нив со совет да го остават овој проблем и да почнат нов живот. За нас е успех кога некоја личност што била дел од овој центар, се трудела, го оставила проблемот и денес живее убав живот – рече Перез.
Плановите им се движат и во насока на зацврстување на јавната свест за превенција, како и за популаризирање на центарот и на неговата работа, па Перез објаснува дека се фокусираат на давање информации и во други градови во земјава.
- Комуницираме со луѓе што имаат проблем со зависност или, пак, со нивни блиски. Сакаме и да направиме трибина за превенција од дрога, а планот ни е ова да го работиме во училишта, домови, секаде каде што ќе нè поканат – вели тој и додава дека забележал дека во земјава зависностите се сè уште табу-тема, а проблем е кога не се работи на нивно решавање.
Соседите им се први муштерии
Од „Рето надеж“ споделуваат дека кога го отвориле центарот и продавницата во Батинци, селаните се плашеле од нив.
- Си велеа, „што ќе правиме, наркомани доаѓаат овде“. Но, откако видоа кој е нашиот начин на работа, откако нè запознаа, сега имаат друго мислење. Кај нас сè е чисто, мирно, ние многу им помагаме на соседите. Тие се нашите први муштерии. Најмногу ни купуваат, им переме теписи, сечеме дрва, трева... - објаснуваат од „Рето надеж“.