Доза вести

ОФФест 2026 го слави јубилејот: 25. издание од 3 до 6 јуни во Скопје

Оффест плакат

Осум концерти, артисти од 12 земји и силен фокус на африканската музичка сцена – јубилејниот ОФФест носи четири дена врвна светска музика во Националната опера и балет и во МКЦ.

Од 3 до 6 јуни, Скопје ќе биде домаќин на јубилејното, 25. издание на Фестивалот на светска музика – ОФФест, кој важи за еден од најзначајните културни настани во регионот. Годинава фестивалот носи богата и жанровски разновидна програма со осум концерти и учесници од 12 земји, со посебен акцент на африканскиот континент и современите светски музички движења.

Првите три фестивалски вечери ќе се одржат во Националната опера и балет, додека завршната вечер е резервирана за Младинскиот културен центар. Во рамки на придружната програма ќе биде прикажан и култниот бразилски документарен филм „Elis & Tom“.

Директорот на Скопскиот џез фестивал и организатор на ОФФест, Оливер Белопета, најави силно јубилејно издание со репрезентативни музички имиња од светската сцена, и покрај предизвиците со финансирањето и недостигот на летна сцена во Скопје.

Експлозивно отворање со „Guitari Baro и „BCUC

Јубилејниот ОФФест ќе започне на 3 јуни во Националната опера и балет со настап на триото Guitari Baro, по што следува концертот на јужноафриканските музички ѕвезди BCUC.

BCUC веќе оставија силен впечаток кај македонската публика со својот претходен настап на фестивалот, носејќи енергична мешавина од тапани, вокали, бас и африкански ритми што создаваат моќна концертна атмосфера.

Нординска музичка магија и промоција на нов албум на Добрила и Дориан

Втората фестивалска вечер, на 4 јуни, ќе биде во знакот на суптилните и длабоки музички изрази на норвешките виртуози Нилс Окланд и Сигбјорн Ејпленд. Маестралниот виолинист Окланд е познат по свирењето на традиционалниот „Hardanger fiddle“, важи за еден од највлијателните современи скандинавски музичари.

Истата вечер ќе настапат и македонските музичари, дуото Добрила и Дориан, кои на ОФФест ќе го промовираат својот трет албум „Ветер да подујне“ („Wind To Blow“). Организаторите најавуваат и специјално изненадување поврзано со нивниот настап.

Медитерански звуци и моќен женски колектив

На 5 јуни фестивалската сцена во Националната опера и балет ќе ја отворат Раул Рефри и Марија Мацота, музичари препознатливи по спојот на медитерански, фламенко и современи музички влијанија.

По нив следува настапот на „Les Amazones d’Afrique“, еден од највпечатливите женски музички колективи од Африка, познат по силната енергија, современиот афропоп звук и активистичките пораки за родова еднаквост, со акцент на решавање на предизвикот за насилство врз жените.

Финале во МКЦ со африкански ритми

Последната фестивалска вечер, на 6 јуни, ќе се одржи во МКЦ, каде публиката ќе може да ги проследи концертите на Matchume Zango и Zawose Queens. Со нивните енергични настапи и современи интерпретации на традиционалната африканска музика, тие ќе го затворат јубилејното издание на фестивалот. Истата вечер, во киното Фросина, ќе биде прикажан и култниот бразилски документарен филм „Elis & Tom“, посветен на легендарната музичка соработка меѓу Elis Regina и Tom Jobim.


Визуелниот идентитет е дело на Зоран Кардула

Дизајнот и визуелниот идентитет на 25. издание на ОФФест се потпишани од познатиот македонски дизајнер Зоран Кардула.


Организаторите најавуваат исклучително колоритна, инспиративна и возбудлива програма која уште еднаш ќе го потврди статусот на ОФФест како еден од најзначајните фестивали на светска музика во регионот.

Билетите за фестивалот се веќе пуштени во продажба и се достапни онлајн на овој линк. Сите детални информации се на официјалната веб-страница на фестивалот на овој линк.

Како подготовка за она што ја очекува публиката на фестивалот, организаторите спремија и плејлиста која е достапна на следниот линк: