Доза вести

Онлајн продажба на билетите за МТФ „Чернодрински“ од 28 мај, физичка – од 1 јуни

Плакат - јубилејно 60. издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп


Десет дена пред почетокот на 60. јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, поради големиот интерес за фестивалот, дел од билетите ќе бидат пуштени во онлајн-продажба в четврток (28 мај) преку системот karti.com.mk во 10 часот. Физичката продажба на билетите на билетарницата на Центарот за култура во Прилеп ќе започне в понеделник (1 јуни).
Електронската и физичката продажба на билети се ограничени на четири билета по лице за претстава.

За потребите на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, билетарницата во НУЦК „Марко Цепенков“ ќе работи од 10 до 14 часот и од 17 до 21 часот, во периодот од 1 до 12 јуни.

– За дел од претставите што се на мала сцена или се играат на самата сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе бидат пуштени само одреден број влезници во продажба – најавија организаторите.

Организаторите соопштија и дека театар „Комедија“, кој беше селектиран со претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“, одлучи да не учествува на фестивалот годинава.
Јубилејното издание на најстариот театарски фестивал во земјава ќе се реализира од 5 до 12 јуни на повеќе локации низ Прилеп.

Видео од програмата: