Онлајн вознемирувањето врз новинарки добива нов механизам за пријавување
Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и ССНМ промовираат дигитална алатка преку која новинарките и медиумските работнички ќе можат доверливо да пријавуваат навреди, закани, уцени и други онлајн напади.
Онлајн навредите, заканите, уцените и сексуалното вознемирување сè почесто се дел од искуството на новинарките и медиумските работнички. За полесно документирање и пријавување на ваквите случаи, Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ќе промовираат нова дигитална алатка наменета за пријавување онлајн вознемирување.
Промоцијата ќе се одржи на 26 септември 2026 година, со почеток во 11 часот, во кафулето „Мистер Џек“ во Скопје.
Алатката е наменета за новинарки и медиумски работнички кои биле изложени на различни форми на напади во дигиталниот простор. Преку формуларот може да се пријават навреди, закани, уцени, сексуално вознемирување и други видови онлајн напади.
Пријавувањето како начин за следење на проблемот
Онлајн вознемирувањето не влијае само врз личното чувство на сигурност. Нападите можат да имаат последици и врз работата на новинарките и нивната можност слободно да известуваат и да учествуваат во јавниот простор.
Според организаторите, собирањето податоци за овие случаи е важно за подобро следење и анализа на појавата, но и за создавање поефикасни механизми за справување со неа. Пријавите преку алатката ќе се разгледуваат доверливо. „Еднаква“ ќе го процени пријавениот случај, ќе ја контактира личноста која пријавила и во консулстација со неа, ќе ги разгледа можните следни чекори.
Онлајн вознемирувањето не треба да се прифаќа како „дел од работата“ на новинарките и медиумските работнички.
Промоцијата е отворена за претставници на медиумите и има цел да ја запознае пошироката јавност со проблемот на онлајн вознемирувањето врз жените во медиумите, но и со можностите за негово документирање и пријавување.
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји
- Од паметни сензори до микрозеленчук: три македонски зелени идеи патуваат во Призрен
- „Штефица Цвек“ избра седум книги што не се плашат да го преиспитаат светот