Доза вести

Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни

МТФ Чернодрински беше отворен со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар од Скопје

Достоинствена и емотивна вечер сведочеше синоќа публиката во гледалиштето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп и целата македонска нација преку директниот пренос на МТВ1, на свеченото отворање на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Вечерта беше во знакот на паметењето и колку е тоа важно за секоја култура. Во таа чест беше и проекцијата на документарецот посветен на 60 години фестивал, во кој театарски уметници и работници што оставиле белег низ годините, зборуваа за неговото значење.

Со аплаузи што траеја и по неколку минути беа поздравени лауреатите на наградите за животно дело и членови на нивни семејства. Атила Клинче, Веби Ќерими, Сашо Миленковски и Љубомир Чадиковски.

– Зад мене се 44 години како актер, директор на институција и како професор. Тоа е мојот скромен придонес за афирмација на македонскиот театар, на турската заедница во земјава и надвор од неа. Им благодарам на мојата драга колешка Ана Стојаноска, на колегите од фестивалот што ме удостоија со вака значајна и престижна награда и вие, публико, со вас пораснавме. Не мислам дека е крај, наградата ми дава уште поттик – рече Атила Клинче и низ солзи се заблагодари на своето семејство за сета поддршка. 

Актерот Веби Ќерими се заблагодари на сите што се заложија за оваа награда, за своите колеги од Албанскиот театар за безрезервната поддршка.

– Исто така не треба да се заборави оваа прекрасна прилепска публика, која со децении и е верна на овој културен театарски настан во земјава – рече Ќерими.

Во име на режисерот Сашо Миленковски, наградата ја прими неговата ќерка, Сара Миленковска, која истакна:

– Овој фестивал го има препознаено неговиот храбар и нов пристап кон театарот. Како ќерка на режисер и сестра на режисерка, сум имала привилегија да растам во театарот и околу театарот и на сите можни начини да знам колку е значајно да се вложува во театарот и да останеме храбри и достојни.

Љубомир Чадиковски не ја криеше својата среќа за наградата.

– Оваа награда не е само лично признание, ами признание за еден пат, за години поминати во театарот на сцена, меѓу сценографии, режисери, деца, млади. По професија сум архитект, но судбината ме однесе на сцената која секогаш ми беше простор да се исполни со идеја, со емоции, со светлина. Имав чест да создадам светови што траеја кратко на сцената, но долго остануваа во сеќавање на публиката. Посебно место во мојот живот има Театарот за деца и младинци. Децата заслужуваат уметност, младите заслужуваат сцена. Тој театар не е мал, оти детската публика не може да се измами, кога човек ќе погледне наназад, ги паметите луѓето на сцена, режисерите, техничарите, сите тие што се чесно во себе… и секако публиката, детските очи. Оваа награда е за сите што веруваа во театарот кога не било лесно. Делото не завршува со награда, сè додека има сцена, публика, деца, приказни, театарот ќе продолжи да живее – рече Чадиковски.

Покровителката на фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, зборуваше со голема пиетет кон лауреатите и го прогласи фестивалот за отворен. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков сподели дека, со подигнувањето на завесата, фестивалот испишува нова приказна за сценските волшепства, уметничката историја и културната традиција со која се  афирмира македонското драмско творештво.

Уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска им се заблагодари на сите пријатели и поддржувачи на фестивалот и им додели благодарници. По официјалниот дел на програмата, настапи Драмскиот театар со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.

На свеченото отворање во салата, му претходеше изложбата на артефакти од секаков тип во чест на јубилејот, што започна со перформанс на студентите на ФДУ, според текстови на Дејан Дуковски, а во режија на Шенај Мандак.

Изложбата продолжи кон Музејот на икони, па Саат-кулата, Рекламите и симболично во холот на „Марко Цепенков“. Прилепчани беа видно емотивни, особено членовите на семејствата на основачите. Изложбата ја создадоа Ана Стојаноска и Звонко Димоски.

-Културата треба да памети, народот, луѓето треба да се сеќаваат, затоа што животот е краток. Сите ние поминуваме низ разни премрежја и убаво е да оставаме траги зад нас. Театарот е ефемерна уметност, се случува во мигот дури ја гледаме претставата, се гасат светлата и ја нема повеќе. Затоа е многу важно да се чува во нашите сеќавања – рече Стојаноска на отворањето на изложбата.

НАЈАВА ЗА 6 ЈУНИ

На вториот ден публиката ја очекува богата програма. Програмата „Драмолетање“ започнува во 11 часот во кино „Мис Стон“. Веќе традиционалните разговори на тркалезна маса ќе се случуваат еден час подоцна со екипата на претставата „Мачкина глава“. Изложбата „Прилеп во фокус“ во чест на Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благоја Ивчески, ќе биде отворена во кафе-барот „Тротоар“ во 18 часот и во кафе-галеријата „Лувр“ во 18.30 часот.

Две претстави се вечер на програмата – „Црнила“ според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, а во 21 часот ќе следува „Калигула“ во режија на Ѓорѓи Ризески, продукија на Народниот театар од Куманово.