Уметници од 13 земји создадоа меѓународна задруга: Нов модел на солидарна економија за културата
Во Никшиќ беше основана O.U.R. COOP, меѓународна социјална задруга на визуелни уметници која преку солидарна економија, заеднички ресурси и дигитални алатки сака да создаде поодржливи услови за работа во културата.
Во време кога сè повеќе уметници работат без стабилни приходи, институционална поддршка и сигурни услови за работа, повеќе од 40 визуелни уметници, културни работници и експерти од 13 земји одлучија да создадат поинаков модел – меѓународна социјална задруга заснована на солидарност, заедничка сопственост и колективно управување.
Во Никшиќ, од 16 до 20 мај, официјално беше основана меѓународната задруга O.U.R. COOP, една од најамбициозните иницијативи за колективно организирање на уметници во регионот и Европа. Задругата е формирана во рамки на проектот Shared Visions, преку програмата Креативна Европа поддржана од Европската Унија.
– Целта е уметниците повторно да добијат контрола врз сопствената работа, ресурсите и условите во кои создаваат – посочуваат од иницијативата.
Новата задруга обединува уметници, куратори, истражувачи, активисти и експерти за дигитални технологии од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Белгија, Холандија, Хрватска, Казахстан, Русија, Курасао, Италија, Португалија, Германија и САД.
Наместо индивидуална борба за опстанок на пазарот, O.U.R. COOP се обидува да изгради одржлива инфраструктура за уметничка работа — преку заеднички ресурси, правна и продукциска поддршка, меѓународна соработка и нови модели на колективна економија.
Организаторите посочуваат дека задругата е директен одговор на растечката несигурност во културниот сектор, слабеењето на јавната поддршка за културата и сè поголемата маргинализација на уметниците во доминантните пазарни модели.

Еден од клучните моменти на собранието беше презентацијата на обемно регионално истражување за пазарот на визуелни уметности на Балканот, кое ги анализира условите за работа на уметниците, пристапот до пазари, институционалната поддршка и потенцијалите за нови економски модели во културата. Посебен фокус за време на програмата беше ставен и на дигиталната инфраструктура, транспарентното управување и можностите што ги отвораат Web3 технологиите за заедничко донесување одлуки, споделување ресурси и пофер економски модели.
Истражувањето го реализираше Институтот за општествени науки од Белград. Тоа опфаќа податоци од Србија, Црна Гора, Бугарија и Северна Македонија, како и компаративни анализи од Белгија, Холандија, Португалија и Украина.
Во наредниот период, задругата ќе започне и онлајн продажна галерија, замислена како меѓународна платформа преку која уметниците ќе можат директно да ги претставуваат и пласираат своите дела, знаења и вештини.
Организаторите велат дека O.U.R. COOP не е само уште една културна мрежа, туку обид за создавање поправеден и поодржлив систем во кој уметниците колективно управуваат со ресурсите, развиваат меѓународна соработка и создаваат нови модели на културна продукција засновани на солидарност и општествена одговорност.
Фотографии: O.U.R. COOP
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни