„People of Change“ во Будва: мултимедијални приказни што ја редефинираат ранливоста и ја менуваат јавната перцепција
Проектот на „Паблик“, во чии рамки продуцираме мултимедијални приказни за луѓе кои ја живеат промената и кој се прикажува на онлајн каналите на „Лице в лице“, како и на јавните сервиси Македонска радио-телевизија и Радио-телевизија на Војводина, ја носи идејата за „хоризонтален“ наратив кој ги претставува луѓето како активни носители на промена, а не како пасивни приматели на помош.
„People of Change“ беше претставен на финалниот настан со засегнати страни на програмата „Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, кој се одржа на 12-ти и 13-ти мај во Будва, Црна Гора. Проектот „People of Change“, кој го имплементира „Паблик“, беше дел и од изложба која беше претставена на завршниот настан кој го прославува влијанието, иновациите и иднината на јавните сервиси.
Нашата уредничка, Маја Раванска, беше дел од две панел дискусии во рамките на овој проект, кои беа посветени на независни медиуми и иновативни пристапи, каде што беа презентирани примери на регионални медиумски иницијативи кои поттикнуваат општествени промени. „People of Change“ беше претставен како мултимедијална приказна која ја редефинира претставата за инклузија, преместувајќи го фокусот од зависност кон достоинство, мотивација и општествен придонес.

Проектот опфаќа 10 мултимедијални приказни. Неговата суштина е да ги прикаже луѓето кои имале различни животни предизвици, не како пасивни корисници на помош, туку како активни граѓани кои ја живеат промената и се инспирација во своите заедници. Се темели на уверувањето дека медиумското претставување директно влијае врз јавната перцепција и социјалната инклузија. Преку теренско истражување, интервјуа и тесна соработка со локални организации и со јавните сервиси во Северна Македонија, Војводина и Босна и Херцеговина, приказните обезбедуваат автентичност, етичко известување и длабок социјален контекст.



Посебен дел од настанот беше изложбата која ги прикажува медиумските и иновативни достигнувања на учесниците. Во рамки на изложбата беше вклучен и проектот „People of Change“ како пример за инклузивно, современо и општествено одговорно медиумско раскажување. Дел од претставувањето на нашиот проект има на овој линк. Претставници од нашата земја, беа и медиумот „Види Вака“, со видео-стории за влијанието на климатските промени во земјава (повеќе за тоа, на овој линк).


Изложбата ќе биде дополнително претставена и во EU House во Подгорица, во периодот од 16 до 20 јуни, каде пошироката јавност ќе има можност да се запознае со резултатите од програмата и приказните кои ја нагласуваат улогата на медиумите во градење социјална кохезија и регионална соработка.

„People of Change“ продолжува да ја промовира важноста на инклузивна и пристапна комуникација, како и улогата на јавните сервиси во пренесување на разновидни и недоволно застапени гласови, придонесувајќи кон поширока трансформација на медиумскиот простор во регионот.
На овој линк може да ги најдете сите приказни од овој пристапен серијал.

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“, во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.