Доза вести

Деновите на медиумска писменост 2026 носат важна порака: Сите имаме своја улога

Денови на медиумска писменост 2026 - Сите имаме своја улога

Од понеделник, 26 октомври до 2 ноември, осмото издание на Деновите на медиумска писменост носи работилници, дебати и активности за критичко размислување, проверка на информациите и одговорно учество во дигиталниот свет. „Лице в лице“ ќе одржи работилница за препознавање и проверка на информациите наменета за своите продавачи и партнерските организации за продажба на производите на Платформата.

Осмите Денови на медиумска писменост (ДМП) ќе се одржат од 26 октомври до 2 ноември 2026 година под мотото „Сите имаме своја улога“. ДМП ќе обедини граѓански организации, медиуми, образовни институции и други чинители во активности посветени на медиумската и информациската писменост. Настаните ги организира Мрежата за медиумска писменост и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), а со нив земјава се приклучува кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

Овогодишното мото на националната кампања е „Сите имаме своја улога“, во согласност со глобалната тема на УНЕСКО „We All Play a Part – Media and Information Literacy for the People“. Пораката потсетува дека медиумската писменост не е одговорност само на новинарите, наставниците или институциите. Секој од нас има улога во начинот на кој ги прима, проверува, толкува и споделува информациите.

„Лице в лице“: Од муабет до социјални мрежи

Во рамки на Деновите на медиумска писменост, на 29 октомври, со почеток во 11 часот, „Лице в лице“ ќе одржи работилница за своите продавачи и координатори, насловена „Кој ти кажа? Лице в лице со информациите – од муабет до социјални мрежи“.

Работилницата ќе биде посветена на тоа како препознаваме, проверуваме и споделуваме информации во свет во кој секојдневно сме изложени на вести, објави, пораки и различни тврдења. Преку разговор и практични примери, учесниците ќе имаат можност да размислат за разликата меѓу проверена информација, лично мислење, гласина и дезинформација, како и за последиците од нивното понатамошно споделување.

Со вклучувањето во ДМП2026, „Лице в лице“ ја потврдува важноста на пристапот до информации и развивањето критичко размислување кај луѓето со различни животни искуства и можности. Медиумската писменост треба да биде достапна за сите, а не само за оние што имаат формално образование или професионален интерес за медиумите.

Зошто медиумската писменост е важна за сите нас?

Информациите денес се шират брзо, преку традиционалните медиуми, социјалните мрежи, апликациите за комуникација и сè почесто преку содржини создадени со помош на вештачка интелигенција. Фотографиите, видеата, насловите и пораките може да изгледаат уверливо, а сепак да бидат извадени од контекст, манипулативни или целосно неточни.

Во такво опкружување, медиумската и информациската писменост значи повеќе од препознавање лажни вести. Таа подразбира способност да ги проценуваме изворите, да проверуваме дали информациите се поткрепени со докази, да препознаваме различни перспективи и да разбираме како медиумските содржини влијаат врз нашите ставови и одлуки.

Овие вештини се важни за личното и професионалното секојдневие, за учеството во демократските процеси и за градењето општество во кое одлуките се темелат на информации, а не на страв, предрасуди или манипулации.

Особено е важно медиумската писменост да не се третира како задача само на младите, иако тие се меѓу најактивните корисници на дигитални содржини. Возраста, образованието, социјалната положба и дигиталните вештини можат да влијаат врз тоа како луѓето пристапуваат до информациите и како ги проценуваат. Затоа, потребни се пристапи што ги вклучуваат различните групи во општеството.

Заедничка одговорност за поинформирано општество

Програмата на Деновите на медиумска писменост 2026 опфаќа активности за ученици, наставници, медиумски професионалци, граѓански организации и пошироката јавност. Меѓу нив се истражување за медиумската писменост кај средношколците, работилници за препознавање дезинформации и онлајн содржини, разговори за одговорноста на медиумите и саморегулацијата, како и активности за поврзување на образованието, политиките и практиката.

Различните формати отвораат простор за учење, размена на искуства и разговор за тоа како да се справуваме со предизвиците на информациското опкружување.

Целосната програма на Деновите на медиумска писменост 2026 е овде:

Повеќе на овој линк.