Паметни саксии, безбедна храна и големи идеи: Подкаст за младите што создаваат промени во Македонија
Паметна саксија што сама сигнализира кога на растението му недостига вода или хранливи материи. Уред што ги потсетува децата правилно да седат, за да се спречат деформитети на ‘рбетот. Паметна кутија што покажува дали храната е безбедна за јадење, или треба да се фрли… Зад овие иновативни идеи стојат млади луѓе од земјава кои веруваат дека технологијата, креативноста и социјалното претприемништво можат да решаваат реални проблеми.
Од иновации за земјоделството и здравјето, до иницијативи за ментално здравје, едукација и поддршка на заедницата, повеќе од 100 млади изминатиот период развиваа решенија што имаат потенцијал да создадат вистинско општествено влијание.
Токму нивните приказни, идеи и искуства наскоро ќе бидат претставени во нов подкаст-серијал посветен на младите, граѓанските организации и социјалното претприемништво.
Преку разговори со идни претприемачи и организации од различни делови на државата, серијалот ќе донесе разговори со млади луѓе кои изминатиот период развивале сопствени идеи за општествени промени, како и со организациите што им помогнале тие идеи да добијат конкретна форма. Преку лични приказни, искуства од терен и научени лекции, публиката ќе има можност да слушне како претприемништвото може да стане алатка за решавање локални предизвици.
Зад секоја од овие приказни стојат млади луѓе кои препознале потреба во својата заедница и се обиделе да понудат одговор преку креативни, зелени, иновативни или социјално ориентирани иницијативи.
Организаторите велат дека токму средбите со овие млади луѓе биле инспирација за создавање на серијалот:
– Младите во Македонија имаат идеи, креативност и желба за промени. Предизвикот е како да им обезбедиме поддршка, простор и можности тие идеи да прераснат во одржливи иницијативи што ќе придонесат за подобро општество. Следете нè за првите епизоди и запознајте ги младите кои со своите идеи го менуваат светот околу себе – посочуваат од тимот што го подготвува подкастот.
Во епизодите ќе бидат претставени иницијативи од Струмица, Валандово, Скопје, Струга, Гостивар, Македонска Каменица, Битола и други градови, кои работат на развој на зелено и социјално претприемништво, младински хабови, креативни бизниси и модели за поддршка на млади од различни заедници.

Објавата е дел од проектот „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија“, имплементиран од Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршка на Европска Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество 2022-2023.

- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови