Продолжено породилно до 12 месеци: помош за мајките или ризик за уште подолга исклученост од пазарот на труд?
Истражувања и искуства покажуваат дека без системски промени во економијата на грижа, подолгото породилно отсуство може дополнително да ја продлабочи родовата нееднаквост и економската исклученост на жените.
Деветте месеци породилно отсуство ми летнаа како девет минути. Се вратив на работа и тие мои „девет минути“ таму да ти биле ко девет години. Сè се менува со брзина што тешко се следи. Дигитални алатки, технологија, напредок на вештачка интелигенција, потребите, побарувачката на пазарот на трудот… Замислете што значат 12 месеци пауза ако „не си во тек“.
А тука е и оној тивок, постојан слој: менталниот товар: „не сум доволно добра“, „не знам доволно“, „сигурно нешто сум пропуштила“… целиот тој внатрешен дијалог што оди во пакет со враќањето на работно место.
Враќање на работа во свет што веќе се променил

Искуството е лично, но ова е темплејт, структура. Ова најсилно се гледа токму кога жените се обидуваат да се вратат на работа по породилно отсуство.
Од реалните примери со жени вклучени во програмата за социјално менторство на „Паблик“, на кое сум имала можност да бидам сведочам, често се повторува истата слика: жените се враќаат на истото работно место по породилно отсуство, но светот околу нив веќе не е ист. Технологијата, процесите, темпото… сè се поместило, додека тие се обидуваат да се вклучат.
Што значи враќање на работа, кога системот не признава дека за тоа време жените не биле отсутни, туку биле во друга, неплатена, но целосно ангажирачка улога, која не ја делат со партнерот, или пак, ретко ја делат?
Продолжено породилно: меѓу поддршка и ризик
Во овој контекст, неодамнешната најава од Фондот за здравствено осигурување дека се разгледува продолжување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци отвора подлабока дебата:
дали мерката е вистинска поддршка за семејствата, или ризик за уште подолга исклученост на жените од пазарот на труд?
Намерно не навлегувам (но ќе го спомнам) во аспектот дека, директорот на ФЗО, Сашо Клековски, во изјава за медиумите гледаше на оваа мерка стриктно низ призмата на буџетска заштеда. Тој кажа дека се анализираат финансиските импликации и ефектите од честите боледувања на мајките, непосредно по породувањето.
Клучно што ми боде очи – НА МАЈКИТЕ! Не на родителите!

Кога бројките ја откриваат структурната нееднаквост
Според податоците на Државниот завод за статистика, 84.761 жени на возраст од 25 до 49 години се неактивни на пазарот на труд, наспроти 29.639 мажи. Ова е токму периодот кога жените најчесто се на врв на професионален развој, но истовремено носат најголем дел од грижата во домот. Јасно е, не станува збор за индивидуален избор, туку последица на систем во кој неплатената грижа останува главно на жените.
Економијата на грижа: невидливиот труд што го крепи системот
Истражувањето „Проценка на економијата на грижа во осум општини: реалните животни искуства на жените и политиките што го унапредуваат економското учество на жените“, покажа дека неплатената грижа за деца, за стари лица и домаќинства е клучна причина за економска исклученост на жените (повеќе за истражувањето, на линкот подолу).
„После работа продолжува поголемиот, потешкиот дел дома“, сведочела една од учесничкитеод Кочани.
„Ако треба да се отсуствува од работа, јас сум таа што отсуствува. Тоа е реалноста и тоа најчесто се подразбира“, споделила вработена жена од Штип.
„Додека пораснаа децава јас се убив од земање боледување, веќе ми беше срам на работа, кога ќе ме видеа ги потсетував на боледување. Сигурно две недели месечно не сум одела на работа, помина и тоа“, кажала жена вработена во јавна институција во општина Ѓорче Петров во Скопје.
Економската независност на жената не е прашање на индивидуален избор туку на структурни бариери
Овој труд, оваа „втора смена“ останува постојана. И директно влијае на вработеноста, напредувањето и економската сигурност на жените.
Европа веќе предупредува: долги паузи значат помала вработливост
На европско ниво, феноменот е одамна препознаен. Европскиот институт за родова еднаквост во анализа за родителско отсуство (линк за повеќе, овде), предупредува дека долгите прекини во кариерата, кои главно ги користат жените, имаат директно влијание врз нивната вработливост, заработка, напредување и економска сигурност. Истовремено, жените многу почесто се враќаат на пониски позиции, со помали можности за развој или во скратени и несигурни работни форми.
Европската комисија, посочува дека товарот на неплатената грижа и натаму непропорционално паѓа врз жените, што доведува до поголема економска зависност и пониско учество на пазарот на труд.

Ако остане само женска обврска, ризикуваме уште поголема нееднаквост
Активистката Дороти Пачкова од „Една може“ и мрежата „ЈунајтедФем“, на својот профил на „Фејсбук“ сподели дека смета дека продолжувањето на породилното е позитивен сигнал дека грижата конечно се препознава како општествено вреден труд, но ваквата мерка носи ризици ако не се постави внимателно. Овој став го објавуваме со нејзина дозвола.
– Доколку продолжувањето остане исклучиво „женска“ обврска, може дополнително да ја продлабочи нееднаквата распределба на грижата и да ги зацврсти стереотипите дека жените се примарни негувателки. Тоа може да има и негативни ефекти врз нивната позиција на пазарот на труд, вработливоста и напредувањето -вели Пачкова.
Таа додава и дека ако навистина сакаме структурна промена, оваа мерка треба да оди заедно со воведување или зајакнување на татковско/родителско отсуство што активно ги вклучува татковците, со заштитни механизми од дискриминација при вработување и враќање на работа, како и со инвестиции во јавни услуги за грижа како градинки, дневни центри, флексибилни форми на работа.

– Прашањето не е само колку долго трае породилното отсуство, туку како ја редефинираме грижата како заедничка одговорност помеѓу жените и мажите, семејството, државата и пазарот на трудот. Ова е можност за вистинска реформа, но само ако ја гледаме низ призма на родова еднаквост – децидна е Пачкова.
Истражувањата и европските политики веќе укажуваат дека неплатената грижа и недостигот на споделено родителство се меѓу главните бариери за учество на жените на пазарот на труд. Во Македонија, новите реформи во Законот за работни односи треба да се усогласат со ЕУ Директивата за баланс меѓу работа и приватен живот, која предвидува и посилно татково отсуство и споделена грижа (линк овде).
Вистинското прашање не е „колку месеци породилно“, туку до кога вака
Но, зошто зборуваме само за породилно, а не и за родителско отсутво?
Во целиот овој разговор за породилното отсуство, често забораваме на една клучна работа: грижата за бебе не би требало да е „женска“ пауза од кариера. Зар не се децата одговорност на родителите (освен таму, каде не се?)? Зар не треба овие обврски да се делат?
Кога отсуството и понатаму останува речиси исклучиво на жените, тоа директно влијае на нивната позиција на пазарот на труд, на напредувањето, на платите и шансите за враќање без казна за „пауза“.

Во моментов, економијата на грижа во Македонија и понатаму функционира врз невидливата работа на жените. На глобално ниво, проценките покажуваат дека економијата на грижа вреди околу 9% од светскиот БДП, или приближно 9 трилиони долари. Ако беше држава, економијата на грижа ќе беше меѓу најголемите економии во светот, поголема дури и од економии како Јапонија.
Иако без оваа работа ниту едно општество не може да функционира, таа сè уште најчесто се третира како „природна“ женска должност. Токму затоа, прашањето што го отвораат македонските надлежни институции не смее да е само дали породилното треба да трае 9 или 12 месеци, бидејќи жените земале чести боледувања. Секоја реформа што не го адресира тоа останува несоодветна!
Пишува: Маја Раванска
Фотографија: Ирина Крстевска
Илустрации: Архива на „Лице в лице“ – Зоран Инадески.
- Сè додека не дојдов на планина, мислев дека сум слободен
- „Тоа што сум била вчера не можам да бидам денес“ – приказната на Ивона за промената, силата и движењето
- Како младите во Струга учат дека бизнисот може да создава и општествена промена?
- Блокчејн Скопје ја заокружува програмата со Самит и награди за млади иноватори
- Шест години по Законот за млади: Во најголем дел од општините механизмите сè уште не функционираат