Доза вести

Пратеници.мк: Новa дигиталнa алаткa за следење на работата на Собранието

Платформа Пратеници.мк

Платформата ги собира и визуелизира отворените податоци за пратеничките прашања, активностите на пратениците и работата на канцелариите за контакт со граѓаните.

Граѓаните, новинарите, истражувачите и граѓанските организации имаат нова дигитална алатка за полесно следење на работата на Собранието. Станува збор за „Пратеници.мк“, интерактивна платформа која ги претвора официјално објавените собраниски отворени податоци во информации што можат полесно да се пребаруваат, филтрираат и споредуваат.

Платформата ја разви Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, а податоците ги презема од отворените бази достапни преку open.data порталот на Собранието.

На „Пратеници.мк“ корисниците можат да следат различни показатели поврзани со парламентарната работа, меѓу кои пратенички прашања, активности на пратениците и работата на канцелариите за контакт со граѓаните. Податоците можат да се пребаруваат, филтрираат и меѓусебно да се споредуваат.

Од технички податоци до информации за јавноста

Отворените податоци овозможуваат институциите да ги стават информациите со кои располагаат на располагање во формати што можат понатаму да се обработуваат и користат. Но, самото објавување на податоците не значи нужно дека тие се лесно разбирливи за граѓаните.

Токму на тоа се фокусира „Пратеници.мк“, да обезбеди поедноставен пристап до веќе објавените информации и да овозможи тие да се разгледуваат на едно место.

Алатката може да биде особено корисна за граѓани кои сакаат да ја следат работата на своите избрани претставници, но и за новинари, истражувачи и организации кои ги користат собраниските податоци за анализа и известување. Целта, според Институтот за демократија, е преку полесниот пристап до податоците да се придонесе кон поголема транспарентност и отчетност на Собранието, како и кон поголема употреба на отворените податоци во јавноста.