„Правиме промаја“ во македонската наука – што носи петтата конференција „Наука за деца“?
„Правиме ПРОстор за МАкедонска идеЈА“, најавија организаторите на петтата, јубилејна конференција „Наука за деца“, која ќе се отвори на 6 ноември во Скопје и ќе трае до 7- ми ноември, во приватното интернационално училиште „НОВА“ во Скопје. Станува збор за настан кој е посветен на македонската наука и научниот потенцијал. На свеченото отворање, кое започнува во 18.30 часот, четворица млади финалисти на минатогодишниот конкурс за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ ќе одржат кратки предавања за истражувањата на своите ментори кои се истакнати македонски научници кои работат во странство.
-Нашите стипендисти со месеци работеа под менторство на Светлана Мојсов, Петар Поповски, Панче Наумов и Христијан Ѓорески. Ќе имате можност да ги слушнете Зоки, Софија, Јаков и Огнен, кои преку 10-минутни предавања ќе ги претстават истражувањата на своите ментори – велат организаторите во најавата за конференцијата.
Играта со зборови во мотото „Правиме промаја“ го носи и поширокиот концепт на годинашното издание: отворање простор за македонската научна идеја, истражувачкиот потенцијал и неговото претставување пред младата публика.
Свеченото отворање ќе заврши со доделување на овогодишните награди за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и за најдобар млад презентер „Колега Стиков“.
Организаторите, Фондацијата „Кантарот“, годинава сакаат конференцијата да ја направат достапна и за што е можно повеќе деца од руралните средини. По посетите на училиштата низ земјава со научниот караван, нивната желба е учениците од тие места сега да допатуваат во Скопје и да бидат дел од настанот.
– Голема желба ни е да ги отвориме вратите на конференцијата за што е можно повеќе деца од руралните училишта во Македонија – посочуваат организаторите и повикуваат поединци и компании да донираат и да овозможат обезбедување превоз за овие деца.
Од таму додаваат и дека граѓаните со секој дониран износ добиваат покана за свеченото отворање, а компаниите можат да го покријат патувањето за едно училиште и да станат партнери на конференцијата.
Вториот ден од настанот носи научни работилници за ученици на возраст од 7 до 12 години, како и изложба посветена на македонската наука. Работилниците се насловени „Фати ритам со промајата“ и „Кога една слика ќе влезе во филм“ и се поделени во два термина, утрински и попладневен.
Повеќе информации за програмата и можностите за поддршка се достапни на веб-страницата на конференцијата, на овој линк.
- „Ниту една повеќе!“ повикува на протест против фемицидите и институционалното насилство
- Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир
- Македонскиот паметен систем Динг.мк освои регионална награда на натпревар за зелени бизниси
- Од раскази до црно-бели светови: „Обичи и необични“ приказни патуваат во Кина
- „Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство