Доза вести, Лице в лице, Лице в лице интервју

Премиера на филм за мегабендот кој ги спои северот и југот на Европа – „Ефтеркланг: Македониум бенд“

Филмот ќе го отвори 23. издание на Фествивалот на европски филм „Синедејс“, кој започнува денеска и ќе трае до 17-ти јули.



Шармантен увид во дарежливата и културна размена која премостува граници меѓу македонскиот музички свет и данскиот бенд „Ефтеркланг“. Вака е најавата за премиерата на музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“, кој вечерва со почеток во 20.30 часот, во паркот зад МКЦ, ќе го отвори 23. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.  Публиката ќе има можност да присуствува и на концертот на целосниот состав (кој го сочинуваат членови на „Ефтеркланг“, повеќе македонски музичари и Женскиот младински хор при МКЦ), веднаш по проекцијата на филмот, што е можеби последна прилика да се доживее ова уметничко патување.
Станува збор за музички документарец кој беше сниман лани во април, кога се креираше ансамблот кој одржа заеднички перформанс пред „Македониумот“ во Крушево. Филмот е во режија на Андреас Јонсен, а МКЦ се јавува како продуцент, покрај „Росфорт“ и „Румракет“ од Данска.

Фотографија: Жарко Чулиќ


Интересна е приказната како дојдовте до соработката со данскиот бенд „Ефтеркланг“. Раскажете ни повеќе за ова. Како потоа продолживте и со снимање на документарецот минатата пролет?
– Навистина е дел од, би рекла, нереална приказна. Уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски беше на службен пат во Копенхаген. При пријателска средба со еден од членовите на „Ефтеркланг“, еден од присутните на раката имал тетоважа од споменикот „Илинден“ или „Македониум“ од Крушево. Расмус од „Ефтеркланг“ бил фрапиран од изгледот на споменикот и откако почнал повеќе да истражува за истиот, сфатил дека може да раскаже интересна приказна. Така „Македониумот“ стана главен актер во документарниот филм, како и фокус на инспирацијата за музичкиот ансамбл „Ефтеркланг: Македониум бенд“. Сè другото, би рекле, е историја.

Македониум“ е симбол на слобода и на независност, а во исто време е многу значајно архитектонско дело. Како ги вклопивте северот и југот на Европа, две спротивности и во однос на култура, на менталитет…? Кој сè е дел од оваа приказна и како „ги споивте“ овие луѓе во таков мозаик на таленти и приказни?
– Спојувањето е едноставно кога имаш заеднички јазик. Во нашиот случај тоа беше музиката. Ние луѓето, така и наједноставно се разбираме. Спротивностите се тука за да се спојат, за да може и светот да биде пошарен и поразнолик. Идејата зад составувањето на мегабендот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ беше што поразлични карактери, инструменти, идеи, енергии… Важно беше да се музичари на кои им се свири, поети на кои им се чита, уметници на кои им се експериментира. Така и се пријавија дел од нив. Дел од музичарите ги поканивме по сензибилитет. Така настана магичното шоу наречено „Ефтеркланг: Македониум бенд“. Стефче Стојковски е легенда, виртуоз на македонски народни инструменти. Не можевме да зборуваме за бенд во кој членуваат Македонци, без гајда или кавал. Мартина Баракоска е една од најнадежните млади перкусионисти, тапанарка која е веќе и европски препозната. Дина Јашари е новата ѕвезда на македонската музичка сцена. Девојката ги руши регионалните бариери. Ива Дамјановски е прекрасна поетеса, која свири на еден од најчудните инструменти, теремин. Ива е добитничка на награда на Струшките вечери на поезијата. Јане Трајковски е име кое е познато на македонската музичка сцена повеќе од 30 години, свирејќи во многу легендарни инди состави. Дејан Спасовиќ е еден од следбениците на легендата Пеце Атанасовски. Што повеќе од ваков легендарен состав?

Фотографија: Søren Lynggaard Andersen


Документарецот имаше две распродадени проекции на „CPH:Dox“ во Данска,  и на други фестивали низ Европа. Какви беа реакциите?
– Токму така! Имаше премиера на „Oslo Pix“ во Норвершка, беше прикажан и на „Millennium Docs Against Gravity“ во Варшава, „In Edit“ во Амстердам. Сега ќе има премиера и на „DocuFest“ во Приштина. Реакциите се феноментални – од солзи до смеа, до целосен шок дека едно мало место како Крушево, во една мала земја како Македонија, може да се инспирација за таков филм, а уште повеќе и за музичко ремек дело. Би сакала да можат сите на светот да го проследат ова чудо.

Фотографија: Søren Lynggaard Andersen

Напишете коментар