Доза вести

„Преспански аванТУРИ“: Инклузивна велосипедска тура за лица со и без попреченост

Преспански авантури рута

На 15 август во Претор ќе се вози велосипедска тура со стандардни и адаптивни велосипеди, со цел промоција на пристапен и инклузивен туризам во Преспа.

Преспа ќе биде домаќин на инклузивна велосипедска тура во која заедно ќе учествуваат лица со и без попреченост. Настанот „Преспански аванТУРИ“ ќе се одржи на 15 август во Претор, со цел да го промовира активниот и инклузивен туризам и да покаже како рекреативните активности можат да бидат достапни за поширок круг луѓе.

Учесниците ќе возат по велосипедска рута низ Преспанскиот регион, при што ќе можат да користат стандардни и адаптивни велосипеди, опрема наменета да овозможи велосипедизмот да биде достапен и за лица со различни видови попреченост. По турата, програмата продолжува со пикник и дружење, како и со презентација и практично запознавање со адаптивните велосипеди.

– Настанот има за цел да отвори простор за поинакво доживување на Преспа како туристичка и рекреативна дестинација во која пристапноста и еднаквото учество се дел од туристичкото искуство, а не дополнителна опција – велат организаторите од здружението „Иквалити“.

Пристапноста како дел од туристичката понуда

Настанот е дел од проектот „Магијата на Преспа“, а организаторите, го поставуваат во контекст на развојот на активен и инклузивен туризам.

Покрај самото учество во велосипедската тура, презентацијата на адаптивните велосипеди има за цел да ја приближи оваа опрема до јавноста и да покаже какви можности постојат за вклучување на лицата со попреченост во рекреативни и туристички активности.

За медиумите ќе биде овозможено следење на стартот и текот на турата, како и разговори со организаторите, партнерите и учесниците. Предвидено е и фото и видеоследење на активностите.

Заинтересираните можат да најдат повеќе информации за настанот и пријавувањето на страницата на организаторите.

Повеќе информации и пријавување за „Преспански аванТУРИ“ на овој линк.

Поврзана содржина