Доза вести

Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“

Две номинации за престижните телевизиски награди „ЕМИ“ за „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска

Документарниот филм на Тамара Котевска доби две номинации за 78. награди „Еми“ (телевизискиот еквивалент за „Оскарите“), за исклучителна документарна вредност и за кинематографија.

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска стана првиот македонски филм што добил номинација за престижните награди „Еми“, отворајќи ново поглавје за домашната кинематографија на една од најпрестижните светски телевизиски сцени.

– Ова е првпат македонски филм да биде номиниран за наградите „Еми“, со што успехот на „Силјан“ добива историско значење не само за Македонија, туку и за документарниот филм во регионот – известија од тимот на „Приказната за Силјан“.

Филмот е номиниран во две категории. Првата е Исклучителна вредност во документарното филмско творештво, признание што им се доделува на документарни остварувања со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност. Втората номинација е во категоријата Извонредна кинематографија за неиграна, односно документарна програма, со која е препознаена кинематографијата на кинематограферот Жан Дакар.

Со овие две номинации, „Приказната за Силјан“ се приклучува на селекцијата документарни филмови што годинава ќе конкурираат за највисоките признанија во телевизиската индустрија, а македонската кинематографија за првпат добива свое место меѓу номинираните за наградите „Еми“.

Филмот ја следи приказната за човекот, природата и преживувањето, а преку својот визуелен јазик и авторски пристап веќе привлече меѓународно внимание. Номинацијата за кинематографија дополнително ја потврдува улогата на фотографијата како еден од клучните елементи на филмското остварување.

Свеченото доделување ќе се одржи на 14 септември во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес. Наградите во категориите каде се и двете номинации на „Приказната за Силјан“, ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.