Продавачките на „Лице в лице“ во акција за почисто Скопје
Анабела, Горде и Кате од нашата партнерска организација „Порака Волково“ се приклучија на акцијата за чистење на Скопје во организација на Град Скопје, заедно со здруженија, уметници и културни работници.
Акцијата беше организирана со заедничка цел – да придонесеме кон почист и поубав јавен простор и да потсетат дека грижата за градот не е задача само на институциите, туку и заедничка одговорност. Меѓу учесниците беа и дел од продавачите на „Лице в лице“, кои секојдневно се дел од јавниот простор на Скопје. Нивната работа е поврзана со јавниот простор – улиците, плоштадите и местата каде што се среќаваат со своите поддржувачи, па учеството во акцијата беше уште еден начин да придонесат кон средината во која живеат и работат.
– Убаво си поминавме и ни беше драго што можевме да помогнеме и градот да изгледа поубаво. Многу сакаме кога е чисто и убаво, така треба да е секогаш – вели Анабела Мередиева, продавачка на „Лице в лице“.
За продавачката Гордана Малинова, ова беше интересен ден.
– Како што се грижиме дома да ни е чисто, така и во градот треба – вели Горде.
Ваквите активности се и можност за заедничко дружење и за чувството дека се дел од нешто што ги надминува нивните секојдневни обврски.
– Ни дадоа ќеси, ракавици и опрема и ништо не ни беше тешко – сподели Кате Велкова.
Токму јавниот простор е место во кое сите имаме удел како граѓани кои секојдневно го користат градот. Грижата за заедницата не мора секогаш да започне со големи чекори. Понекогаш започнува со тоа да го забележиме просторот околу себе и да направиме нешто конкретно за него.
Акцијата на Град Скопје беше покана до различни делови од културната и граѓанската заедница да се вклучат во одржувањето на јавната чистота. Со своето учество, продавачките на „Лице в лице“ ја испратија едноставната порака дека градот е заеднички дом и дека секој може да придонесе тој дом да биде подобро место за живеење.
- Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки
- Yes for Less Викенд во Скопје: два дена за одржливи избори и локални еко-бизниси
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји