People of Change, Доза вести

Промената има лице: уметност инспирирана од луѓе што создаваат промени

Лице - илустрации од People of Change

Наместо низ призмата на ранливоста, овие илустрации на „Лице в лице“ се инспирирани од знаењата на луѓето, нивната мотивација и придонес кон заедницата. Десет вистински животни приказни добиваат нов визуелен израз преку авторските илустрации на Руки Чуки и кратки пораки што го слават човечкиот потенцијал.

Што останува кога една животна приказна ќе ја сведеме на нејзината суштина?
Десет вистински приказни за луѓе што создаваат промени добиваат нов живот, преку уметност преточена во 10 авторски илустрации и пораки што ја слават нивната сила, знаење и придонес.

Во соработка со илустраторката Ружица Мандичевска (Руки Чуки), „Лице в лице“ создаде уникатен визуелен производ што ги спојува новинарството и илустрацијата, прикажувајќи инспиративни приказни на луѓе што ја движат промената.

Станува збор за производ создаден во рамките на проектот „People of Change – Transformation, Resilience, Progress“. Изданието ги обединува 10-те мултимедијални приказни продуцирани во рамките на овој проект, преку десет оригинални илустрации, претставувајќи луѓе од Северна Македонија и Војводина кои преку своето знаење, работа и посветеност создаваат позитивни општествени промени.

Руки Чуки: „Секогаш ме инспирираат проекти со мисија“

Инспирирани од мултимедијалните приказни кои ги креираше креативен тим на „Лице в лице“, делата ги спојуваат новинарскиот наратив и визуелната интерпретација во единствена форма на раскажување.

Илустрациите на Руки се нов, артистички поглед на продуцираните мултимедијалните стории и претставуваат нов слој на раскажување кој ги отвора симболите, емоциите и значењата скриени зад секоја приказна.

– Јас сум огромна поддржувачка на активностите на „Лице в лице“. Посебно ми се допаѓа „People of Change“ затоа што на позитивен начин, со вистински приказни и живи бои, мотивира, охрабрува, информира, поддржува… Концептот е одличен и нуди поинаков агол на презентирање на многу опипливи теми, што досега не се практикувало кај нас – вели Мандичевска.

Таа појаснува дека секој нов проект ѝ носи ново искуство.

– Имам привилегија да одберам каде да се вклучам. Можеби таквата привилегија најмногу ја користам за да изберам токму вакви проекти, каде што оставам личен печат на нешто во кое верувам и што сакам да го поддржам. Отсекогаш сум сакала тимска работа, а тимови со ваква мисија ми се омилени – вели таа.

Луѓето не се нивната ранливост, туку нивниот потенцијал

Особеноста на овој производ лежи во неговата двојна наративна структура. Читателите ја следат индивидуалната животна приказна на секој/а протагонист/ка: предизвиците, изборите кои го промениле нејзиниот/неговиот живот, а се фокусира на успесите и на мотивацијата.

Приказните се фокусираат на капацитетите на луѓето, наместо на нивните предизвици и ранливост. Наместо наративи за зависност од поддршка, зборуваме за луѓе кои создаваат, придонесуваат, организираат, инспирираат и отвораат можности за другите.

Приказни кои, не само што ја раскажуваат промената, туку и ја создаваат

Токму затоа, „People of Change“ не зборува за ранливи групи како пасивни приматели на помош, туку како за активни учесници и двигатели на општествени промени.

Нов производ што ќе ја зајакнува социјалната економија

Покрај својата новинарска, уметничка и едукативна вредност, ова претставува и важен чекор во развојот на социјалната економија во земјава. Тоа е составен дел од „Лице в лице“ и наскоро ќе биде достапно како нов производ, со што ќе отвори можности за одржливи модели на дистрибуција и продажба преку моделот на „Лице в лице“ и мрежата продавачи и партнерски организации. Со ова, ќе создаде дополнителна економска вредност која директно ја поддржува социјалната мисија на Платформата.

Овие производи ќе бидат достапни како производ на „Лице в лице“, а 50% од приходите од продажбата ќе бидат инвестирани во мисијата на организацијата за економско јакнење и социјална инклузија на продавачите на „Лице в лице“.

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“,  во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

Дисклејмер со логоа од проектот People of Change

На овој линк може да ги најдете сите приказни од овој серијал.
Погледнете ги и останатите видео-приказни од овој пристапен серијал, на линковите подолу.

Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“

Tука ќе ги најдете и долгите верзии, кои се достапни и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина: