Здружението Икуалити и Зен Футурус, со поддршка на Македонската асоцијација за мода, на препознатливата тераса на Музејот на современата уметност во Скопје, вчера ги прошири хоризонтите на скопската модна култура, промовирајќи високи вредности на општествена инклузија и отворено општество преку настанот ZEN Инклузивно Soirée.
Настанот ZEN Инклузивно Soirée приреди уникатно културно и модно искуство, во кое 31 лице со попреченост продефилираа на моднатa ревија презентирајќи ја првата колекција на ZEN* – адаптирана гардероба. Овој културен настан беше надополнет со префинета музичка програма, кулинарско уживање и ексклузивна изложба на портрети на лицата со мисија со општествени пораки упатени за поголемо вклучување и сеопфатна општествена одговорност.
Публиката од културниот и модниот свет уживаше во ревијата, на која гордо по модната писта исчекорија 31 лице со уникатни способности, артикулирајќи ги своите предизвици и способности, како и промовирајќи ја потребата за нивно активно општествено вклучување и унапредување на квалитетот на животот.
Преку модната ревија, беше официјално промовиран и брендот ЗЕН, основан од страна на Здружението Икуалити и компанијата ЗЕН Футурус со општествена мисија – да пружи поддршка на лицата со попреченост, да го трансформира дотерувањето од фрустрација во задоволство, да влијае на квалитетот на животот, самодовербата и подигнување на нивото на нивната животна независност. Во креирање на колекцијата главни актери беа лицата со уникатни способности, директно вклучени во процесот на моделирање и создавање на колекцијата на адаптирана гардероба изработена по индивидуална мерка и подарена во целост на овие лица.
Мисијата на Инклузивното Soirée беше да промовира верба во повисока цел да креира ненадминлива позитивна енергија која ќе ги руши бариерите за најранливите и маргинализираните и да постави пример за почитување на меѓусебните различности, преку создавање на заедништво и креативни решенија кои водат кон поквалитетен живот.
*ZEN Инклузивно Soirée – инклузивна модна ревија e поддржанa од проектот на Владата на Швајцарија „Образование за вработување”, имплементиран од Хелветас.
За послужувањето се погрижија ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ и ССУ „Лазар Танев“, за фризура и шминка се погрижија СУГС „Димитар Влахов”, во соработка со Pierre Cardin Cosmetics, MG ART, бренд за нега на коса Got2b и Schwarzkopf.
Фотографии: Ѓорѓи Ристоски, Игор Костов
Прочитајте повеќе за оваа идеја, во интервјуто со основачот овој нов моден бренд, Гере Трипков
- ИНТЕРВЈУ, Тања Балаќ: Во време на глобални промени – видеоуметноста може да биде моќен инструмент за критичко размислување и освестување
- Без работа – како без живот. Денес сѐ е поинаку!
- Здружението „Нефрон“ со триумф на Првите меѓународни средби во Црна Гора
- Отворен 12. „Џифони Македонија“. Денес започнува и Edu Cuts конференцијата со промоција на млади режисери и јутјуберот Иван Ајнштајн
- Почнува 12. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ со над 450 учесници од осум земји