Лице в лице интервју, Одговорна иднина

Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?

Што всушност се постигнува со протестите? Кој излегува на улиците? И дали луѓето денес протестираат повеќе од порано? Одговорите ги дава Карин Фишер, истражувачка на општествени движења од Универзитетот „Јохан Кеплер“ во Линц, Австрија

Што се постигнува со протестите? Кој излегува на улиците? И дали луѓето денес протестираат повеќе од порано? Одговорите ги дава Карин Фишер, истражувачка на општествени движења од Универзитетот „Јохан Кеплер“ во Линц, Австрија

Додека Балканот последниве години врие и сведочи на силни граѓански мобилизации (од „Фламинго револуцијата“ во Албанија, студентските протести во Србија, кај нас, протестите по трагедијата во Кочани и иницијативата „Стоп за Усје“ во Скопје), иако со различни поводи, сите отвораат исто прашање: како настанува едно општествено движење и што е потребно за тоа навистина да донесе промени?
Одговорите не се важни само за земјите што минуваат низ политички и општествени турбуленции. И во Австрија, која важи за држава со силни демократски институции и развиена граѓанска култура, протестите и општествените движења се значаен механизам преку кој граѓаните влијаат врз јавните политики.

Како дел од Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), „Лице в лице“ има можност на македонски јазик да ги пренесе содржините кои се во фокусот на вниманието на улични списанија и весници од целиот свет. Така го објавуваме ова интервју со австриската истражувачка Карин Фишер.

Се чини како да можеме да одиме на протести речиси секоја недела. Живееме ли во време на протести?

– Протестот е дел од демократијата и се одвива во циклуси. Видовме особено интензивни глобални протестни движења во 1960-тите, со студентсите бунтови и движењата за животна средина, права на жените и мир. По помирниот период во 1980-тите, кон крајот на 1990-тите и во 2000-тите следеа големите антиглобалистички протести, од Сиетл до Копенхаген. Во Австрија, огромен број луѓе се мобилизираа околу антинуклеарното движење, протестите против хидроцентралата во Хајнбург и демонстрациите во 2000 година против коалицијата на конзервативците/десницата. Во моментов не гледам отпор од толку големи размери.

Кои фактори предизвикуваат едно масовно движење?
– Тоа е невозможно да се предвиди однапред. Кај неколку големи движења во последно време, како  „Black Lives Matter“, по фаталното полициско насилство со смртоносни последици врз Џорџ Флојд во САД, или протестите во Иран по убиството на Махса Амини, токму индивидуалните трагедии станаа точка на пресврт за појава на отпор. Еден настан сам по себе не прави движење; преминува во општествено движење дури тогаш кога луѓе со заеднички уверувања и цели се организираат како колектив на подолг временски период.

Ширум Тирол (дел од Австрија кој се наоѓа на Алпите и е познат по ски-ресортите, историски места како и фолклорни традиции, н.з) во моментов се појавуваат многу помали граѓански иницијативи, без разлика дали се покренати со барања за ограничување на брзината од 30 км на час, или за сауна наменета само за жени. Дали гласот на граѓаните не стигнува до политичкото ниво?

– Протестот овозможува да се стават одредени теми на дневен ред, да се привлече вниманието на јавноста, па дури и да се смени насоката на јавниот дискурс. Кога луѓето излегуваат на улица и блокираат автопат, како што беше случајот неодамна на преминот Бренер, го гледам тоа како знак дека тие едноставно немаат друг начин да бидат слушнати. Тоа е начин на изразување на сопствените интереси, кој го избираат луѓето кои се исклучени од институционалниот систем на моќ или кои го перципираат тој систем како затворен за нив. Тогаш тие прибегнуваат кон методи на таканаречената несоработка, како што се бојкоти, штрајкови, блокади или други форми на граѓанска непослушност.

Кога луѓето најчесто излегуваат на улиците?
– Генерално, постои перцепција дека луѓето со левичарски ставови, кои се критички настроени кон системот, имаат силен афинитет кон протестот. Но, општествените движења не се само добронамерни левичарски каузи кои дејствуваат во интерес на општеството или на човештвото. Тие исто така можат да бидат и авторитарни, екстремно десничарски и насочени против човековите права. Идентитерските и десничарските движења, во Австрија, но надвор од неа, во голема мера ги презедоа формите на дејствување и културните кодови на антиавторитарната левица.

Значи, протестните движења можат да станат и опасни?

– Да, секако. Општествените движења можат да бидат и фашистички. Тоа го знаеме од сопствената историја.

Демонстранти кои се залагаат за „семејни вредности“, антиваксери и припадници на идентитетските движења маршираа рамо до рамо на протестите против ковид-мерките. Што се случи таму?

– Се чини дека успеале да дефинираат заеднички непријател и кауза, минувајќи ги меѓусебните разлики. Иако непосредниот повод веќе помина, а обидот за нивно организирање во форма на политичка партија пропадна, овие теми сè уште испливуваат на површина во новосоздадените десничарски медиуми. Мобилизацијата на јавното мислење што се случува таму, потенцијално би можела повторно да ги извади луѓето на улиците.

Сметате ли дека постои празнина во научните истражувања кога станува збор за десничарските протестни движења?

– Порано во Австрија многу се истражуваше за FPÖ (Слободарската партија на Австрија), но тој бран со тек на време згасна. Со сегашниот авторитарен пресврт и со повторното заживување на десницата што се забележува на меѓународно ниво, истражувањата сега повторно го фаќаат чекорот. Научниците ги анализираат транснационалните десничарски мрежи, нивните организации, како и стратегиите што ги применуваат овие десничарски групи.

Кога можеме да кажеме дека некое општествено движење е успешно?
– Не постои единствено научно мерило за успех. На пример, може да се анализира дали едно движење успева да ги искористи поделбите меѓу оние што се на власт како цврста потпора, или колку е отворено за градење сојузи со други групи и иницијативи. Како фактори за успех се сметаат и способноста да се мобилизираат доволно ресурси, како луѓе, време и финансии. Но, и капацитетот за креирање лични стратешки концепти. Покрај сето ова, на едно движење му е потребно уверливо дефинирање на проблемот, заедно со понудено решение за него.

Во Австрија имало движења кои донеле трајни промени, како што е антинуклеарното движење. Фактот што нуклеарната централа во Цвентендорф никогаш не беше пуштена во употреба е успех, нели?

– Тоа е одличен пример за движење кое имаше јасна цел и на крајот ја оствари. Но, што е со работничкото, или со женското движење? Ако го споредиме животот на една жена денес, со животот на жените во 1950-тите или 1960-тите години, постигнат е неверојатен напредок. Сепак, борбата сè уште не е завршена.

Успех може да биде и самиот факт што барањата на едно општествено движење успеале да влезат во политичката агенда. Во најдобар случај, едно општествено движење со својот успех ја прави сопствената егзистенција непотребна. Кај некои движења, пак, резултатите од она што го постигнале се гледаат дури по многу години. Многумина велат дека Арапската пролет доживеа неуспех, но тоа движење многу лесно може да продолжи да живее под површината, потпирајќи се на веќе воспоставените мрежи. Исто така, убедена сум дека повторно ќе видиме климатски протести, едноставно затоа што климатската криза станува сè пожестока.

Кога веќе ги споменуваме климатските протести, колку се важни силното лоби и влијанието за да се легитимира еден протест?

– Многу се важни. Силното лоби е дефинитивно потребно. Сепак, климатските протести го предизвикуваат целиот систем: тука не станува збор само за заштита или за правата на една одредена група, туку за пошироката слика, а тоа ги прави овие протести многу поконфронтациони. Начинот на кој медиумите и правниот систем се поставија кон движењето „Последна генерација“ го донесе до точката во која се наоѓа денес, што на крајот доведе и до негово прекинување. Но, луѓето се сè уште тука, а расте и една нова генерација која, пак, може да се мобилизира на сосема нови начини. Останува да видиме.

Австрија во моментов прави кратења во сите сектори, во образованието, транспортот, културата и социјалните услуги. Сметате ли дека ќе има нови протести?

– Невозможно е со сигурност да се предвиди однапред дали неколку изолирани протестни маршеви ќе прераснат во масовни движења. Сè уште не е сосема јасно зошто некои теми лесно ги поттикнуваат луѓето на акција, додека други не. Сепак, во моментов не гледаме никакво движење за воведување данок на богатство, иако сегашниот систем има многу недостатоци и им користи само на мал број привилегирани луѓе. Очигледно, дури ни тоа не е доволно за да се покрене едно пошироко движење.


Авторка на текст: Ева Швинбахер
Главна фотографија од архива на Карин Фишер
Фотографии од протести: Тереза Џирарди

Преземено од австриското улично списание „20-ер“ преку сервисот на Меѓународната мрежа на уличен печат ИНСП (INSP.ngo)
Превод од германски на англиски преку „Translators Without Borders“;
Превод од англиски на македонски: Леа Георгиев, волонтерка на „Лице в лице“.