Авангарда и проширена реалност: што носи третото издание на фестивалот „Ре-култура“?
Третото издание на фестивалот на „Култура Бета“ ќе се одржи на 22 и 23 септември во „Љубов“, со изложба, книжевни промоции, поетско читање, работилница, разговори, дискусии и музичка програма.
Книжевност, визуелна уметност, поезија и музика се дел од третото издание на „Ре-култура“, фестивал за младинска, алтернативна и критичка култура, кој ќе се одржи на 22 и 23 септември во барот „Љубов“ во Скопје. Програмата е поделена на два дела, од кои првиот (денес и утре) носи изложби, работилница, книжевни промоции, разговори, поетско читање и диџеј-сетови. Вториот дел од фестивалот ќе биде во октомври, најавуваат организаторите.
Од книжевен превод до проширена реалност
Фестивалот започнува денеска во 17.30 часот со работилница за книжевен превод, организирана во соработка со феминистичката платформа „Медуза“. Работилницата ќе ја модерира Душица Лазова. Потоа, во 19 часот следува отворање на дводневна изложба насловена „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ од Марија Трпеска. Во 20 часот, ќе бидат прикажани видеа поврзани со изложбата, по што ќе следува разговор со авторката.
Оваа фестивалска вечер продолжува во 21 часот со промоција на третиот број на списанието за општа култура „Тригер“, посветен на темата „Балкан, граници, авангарда“. За списанието ќе разговараат Виктор Бучковски, Калина Качоровска, Јана Секулоска и Марија Хана Трајкоска, а овој фестивалски ден ќе заврши со музичка селекција на Хана и Лила.
Поезија и нова книга од Србија
Програмата на вториот ден, утре, 23 септември започнува во 20 часот со поетското читање „Се читаме!“, на кое ќе настапат авторите од Србија Урош Ѓоровиќ и Христина Дамјановиќ, заедно со македонските автори Николина Андова Шопова, Марија Грубор, Вероника Димоска, Владимир Лукаш, Марија Велинова и Марија Ангеловска.
Во 21 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Уриел“ од Урош Ѓоровиќ., која ќе ја претстават препејувачот Андреј Медиќ Лазаревски и Ангела Бошкоска. Втората фестивалска вечер ќе заврши со диџеј-сет на ЕлектраБлосом.
Во текот на двата дена посетителите ќе можат да ја видат и фотографската инсталација „Трети простори во трет простор“ на Теодор Тасевски.
Простор за младинска и критичка култура
„Ре-култура“ е фестивал кој го организира Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ и е насочен кон различни форми на современо културно изразување и создавање простор за средба меѓу автори, уметници и публика. Програмата ги поврзува книжевноста, визуелната уметност и музиката, но и различни начини на учество – од работилница и разговор, до изложба, поетско читање и музички настапи.
- Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки
- Yes for Less Викенд во Скопје: два дена за одржливи избори и локални еко-бизниси
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји