Доза вести, Лице в лице

„Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски ќе има светска премиера во Токио

Сцена од филмот „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски

Новиот филм на македонскиот режисер ќе биде прикажан во натпреварувачката програма на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, а приказната за брат и сестра кои преживуваат на маргините отвора теми за нееднаквоста, корупцијата и човечката солидарност.

Новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“ ќе ја има светската премиера на 30 октомври на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, каде што е дел од натпреварувачката селекција на фестивалот од А-категорија, соопштија од тимот на авторот.

Манчевски и дел од актерската екипа ќе продефилираат на црвениот килим на отворањето на фестивалот на 26 октомври. По премиерата во најголемата сала на фестивалот, на 30 октомври, режисерот и актерите ќе учествуваат во разговори со публиката и со јапонските и меѓународните медиуми. Филмот ќе има уште две проекции, на 2 и 3 ноември.


„Сестра, брат и шахта“ е приказна за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филмот е опишан како чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат, истовремено сатира и суптилна поема за двајца антихерои кои се обидуваат да преживеат во современа Македонија.

Во приказната, братот и сестрата крадат споменици и ги продаваат како старо железо, а меѓу нивните „пленови“ се и шахти. Така, низ црниот хумор и апсурдот, филмот отвора пошироки прашања за начинот на кој луѓето живеат и се поврзуваат во современото општество.

– „Сестра, брат и шахта“ е остра сатира и нежна студија на брат и сестра, кои со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба – вели Манчевски.

Од македонската реалност до меѓународната публика

Токио не е непозната територија за Манчевски. Во 1995 година, Јапонија за првпат виде македонски филм, а Манчевски беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм во Азија. Во натпреварувачката селекција на фестивалот во Токио тој претходно учествуваше со „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“ во 2022 година.

За продуцентот Јане Ќортошев, повторното патување на македонски филм во Азија е важен момент, но и приказната зад филмот е она што ги привлекло меѓународните копродуценти.

– Радосен сум што нашиот македонски филм повторно ќе патува во Азија. Одиме на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија, еден од најреномираните фестивали во светот. Пред сè, ми се допадна премисата на филмот – распродажба на народни херои на кило! Брат и сестра крадат споменици и ги продаваат за старо железо. Па и шахти… Одлично! Слични беа реакциите и на странските копродуценти: ги привлече приказната, специфичниот јазик, и, се разбира, можноста за соработка со Милчо – рече Ќортошев.

Ликови кои преживуваат со сила, пркос и љубов

Во центарот на приказната се братот Виктор и сестрата Малина, чии ликови ги толкуваат актерите Филип Трајковиќ и Сара Климоска. За Климоска, предизвикот бил да се изгради лик кој е истовремено силен и ранлив.

– Нејзината сила и пркос ми беа јасни и неопходни за да преживее. Но, најтешко и најважно ми беше да најдам начин ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а да не биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ дава сила да го штити својот брат – вели таа.

Трајковиќ, пак, во Виктор ја пронашол радоста како начин на преживување.

– Во создавањето на улогата на Виктор видов радост и среќната страна на постоењето. Неговиот оптимизам и вербата дека луѓето сепак се добри и чесни се единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога секоја постапка е водена од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил нешто зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите“, вели актерот.

Македонски филм со меѓународна продукција

Покрај Агенцијата за филм, „Сестра, брат и шахта“ го помогнале национални филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија, а се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје.

Покрај Климоска и Трајковиќ, играат и Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на отографија е Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија.

– Светската премиера во Токио е уште една важна можност македонскиот филм да биде претставен пред меѓународната публика и филмската јавност – вели Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм и додава дека Агенцијата, во координација со екипата на филмот, ќе ја поддржи светската премиера во Токио, како и активностите поврзани со неговата промоција и претставување во земјава и во странство.

Фотографии: Маја Аргаќиева