„Awake“ на Шејла Камериќ денеска во Скопје: светлосна инсталација за сеќавањето и заедничката загуба
Во рамки на фестивалот за критичка култура КРИК, во Музејот на современа уметност во Скопје денеска во 18 часот ќе биде претставена „AWAKE“, просторно-партиципативна светлосна инсталација на уметницата Шејла Камериќ, која ќе биде присутна на претставувањето на делото.
– Ве покануваме заеднички да го проследиме ноколку часовниот колективен чин интимното и заедничкото споделување на процесите и соочувањата со загубите, сеќавањата и новиот политички простор кој тие го создаваат – велат од КРИК.
Инсталацијата, која во април годинава беше претставена во Музејската четврт во Виена, го отвора просторот на музејот како место за соочување со сеќавањето, загубата, ранливоста и политичката одговорност. Наместо гледачот да остане надвор од уметничкото дело, „AWAKE“ го поставува како дел од просторот и колективното искуство.

Камериќ создава дела што зборуваат од конкретно историско и лично искуство, но, отвораат прашања кои се однесуваат на сите нас: Како се сеќаваме? Што значи да бидеме сведоци? Како да останеме чувствителни на туѓата ранливост во време кога насилството, кризите и неизвесноста стануваат дел од секојдневието?
-„Awake создава мост помеѓу приватното и колективното, кревка архитектура изградена од светлина, сенка и сеќавање. Овде, тагувањето станува заеднички чин. Гледачот не е надвор од рамката, туку е вткаен во неа. Погледот повеќе не консумира. Тој учествува, трепери, дише. Сликите и просторите на Камериќ дејствуваат како огледала во кои на сопствениот одраз му се придружуваат безброј други: исчезнатите, ожалостените, заборавените – пишува Искра Гешоска во извадок од текстот „Аwake”.
Таа вели и дека, да се биде буден, во вокабуларот на Камериќ, значи да се одбие вкочанетоста.
– Камериќ инсистира дека свесноста е етички гест, дека препознавањето на туѓата болка е почеток на отпорот. Ова будење не ветува искупување. Тоа е жестоко, сурово, понекогаш неподносливо. Како мигот пред да потечат солзите, како секундата пред зори, кога светот го задржува здивот. Уметноста на Камериќ го прави тој лиминален простор опиплив: мостот суспендиран меѓу сонот и будењето, смртта и опстојувањето, заборавањето и сеќавањето. Шумот на заедничката загуба е насекаде. А сепак, тука е и нежната отпорност на живите – шепотот дека самото преживување е чин на пркос. „Awake“ трепери меѓу отсуството и присуството, и едното и другото како тивок бунт против бришењето. Камериќ ја преобразува жалоста во форма на будност – пишува Гешоска.
Во својата повеќедецениска работа, Камериќ се занимава со теми како меморијата, идентитетот, насилството и наследството на конфликтот, тргнувајќи често од лично и историско искуство. Нејзините дела, меѓу кои „Bosnian Girl“, „Ab uno disce omnes“ и „CEASE“, отвораат пошироки прашања за начинот на кој општествата се сеќаваат, сведочат и се соочуваат со последиците од насилството.
Позната е по своите интимни, социо-политички коментари кои се проткајуваат низ нејзината разновидна уметничка практика. Втемелена во емпатијата како основен начин на комуникација меѓу уметникот, субјектот и гледачот, нејзината практика истовремено ги открива и ги конструира просторите на моќта и политичкото ангажирање.
Камериќ е родена во Сараево во 1976 година и е една од најпознатите уметници од регионот на современиот Балкан. Нејзината работа е претставувана во најпознатите светски институции во светот.
„AWAKE“ е дел од програмата на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапункт“.
- Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки
- Yes for Less Викенд во Скопје: два дена за одржливи избори и локални еко-бизниси
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји