Инклузивно општество, Школа за медиумска писменост

Кога сиромаштијата станува вирална: кој го штити достоинството на луѓето снимени без согласност?

Кога сиромаштијата станува вирална кој го штити достоинството на луѓето снимени без согласност Magnific

Социјалните мрежи се преплавени со видеа од луѓе кои се соочуваат со бездомништво, зависност и сиромаштија, најчесто без нивна согласност. Сепак, тешко е да се преземе нешто против тоа.

Кога ќе видите продавач на „Лице в лице“ на улица, пред вас не е „приказна за сиромаштија“, туку човек со име, искуство, таленти и право на достоинство. Токму ова прашање го отвора текстот на германското улично списание „Хинц и Кунц“ (Hinz&Kunzt“), како луѓето кои се соочуваат со бездомништво, зависности или економска несигурност стануваат мета на вирални видеа, често снимени без нивна согласност.

„Лице в лице“ како членка на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) има можност, на македонски јазик да пренесува содржини од улични медиуми од целиот свет, кои токму преку директен контакт со заедниците на улица ги отвораат темите за сиромаштијата, исклученоста и човековото достоинство.

Фотографија: Џеј Опенијано

Есен 2025 година. Околу Централната железничка станица во Хамбург, луѓето шетаат по улиците, пазаруваат и стојат во групи. Среде сето тоа, возбуден млад човек во црн мантил за дожд и со очила за сонце се снима себеси. Тој патува со придружник кого го претставува како „бодигардот Фред“. На англиски јазик, ја опишува околината каде што снима. Вели дека е „опасно“ и дека тука се случуваат сите „лоши работи“.

По прошетката низ Штајндам и Ханзаплац (локации во централниот дел на Хамбург, Германија, каде што се среќаваат различни општествени групи и каде работат повеќе служби за поддршка на ранливи луѓе, н.з), тој се упатува кон центарот за намалување штети „Дроб ин“ (специјализиран центар во Хамбург за поддршка на луѓе кои користат дроги, со услуги за намалување на штети, помош и поддршка, н.з).

Ги снима корисниците на центарот надвор од зградата, зборува со потсмев за нив и не ја спушта камерата дури и кога некои од нив го замолуваат да ја исклучи. На крајот, доаѓа до пресметана ескалација: некои од луѓето кои не сакаат да бидат снимени стануваат агресивни и се соочуваат со јутјуберот и неговиот придружник. Тие бегаат, а „бодигардот“ прска бибер-спреј во лицето на неколку мажи.

За Курт Каз, како што се вика човекот со очилата за сонце, ова беше успешен ден. Тој има сензационални кадри за својот канал на „Јутјуб“. Видеото со наслов „Нападнат од ЗОМБИЊА во Хамбург!“, по четири месеци доби повеќе од три милиони прегледи.

Ваквите инциденти се познати за „Дроб ин“. Управителката на центарот, Лиза Дувинаж, вели дека, отприлика еднаш месечно, пред зградата се појавуваат луѓе кои снимаат.

– Од пред неколку години, често се соочувавме со кратки интервјуа кои потоа беа објавувани на „Јутјуб“. Сега, работите очигледно се движат во десничарска насока во одредена смисла, каде што луѓето се дехуманизираат. Тоа започнува со самиот избор на зборови за нивно опишување – вели таа.

Исто како во случајот со Курт Каз. Овој Јужноафриканец се прослави како инфлуенсер за патувања. Денес патува низ светот за да го документира наводниот пад на западните либерални општества. Тој има снимено слични видеа како она од Хамбург во квартот Банхофсфиртел во Франкфурт, во Шпанија и во повеќе британски градови.

Секаде каде што патува,тој постојано ја насочува камерата кон луѓе кои јасно даваат до знаење дека не сакаат да бидат снимани. И со своите видеа за луѓе во социјална и економска несигурност, тој е само еден од многуте.


Фотографија: Magnific.com

Секој што пребарува на платформи како „Јутјуб“ или „ТикТок“ ќе најде безброј видеа од луѓе кои се соочуваат со бездомништво, алкохолизам или психички нарушувања. Нивните лица речиси секогаш се препознатливи и често се прикажуваат и локациите каде што спијат или живеат.

Видот на снимките варира. Постојат кадри во кои снимателите ги исмеваат луѓето кои се соочуваат со зависност од дроги. Во други, на луѓе кои се соочуваат со бездомништво им се прави „целосна трансформација“, вклучувајќи посета на фризер и костум од „H&M“, или пак се прават интервјуа со луѓе со психички нарушувања, понекогаш плаќајќи им мали суми пари. Во трети, луѓето кои преживуваат со просење, ги прашуваат со што се занимаваат и колку пари заработуваат. Притоа, не се смешка само интервјуерот на нивните одговори. Луѓето кои ги гледаат овие видеа, исто така се исмеваат во коментарите.

Бенјамин Шулер прави токму вакви видеа. Тој често патува во Хамбург за своите интервјуа. Им приоѓа на минувачите со истите прашања, вклучувајќи луѓе под дејство на алкохол, со психички нарушувања, или луѓе кои не зборуваат германски и очигледно, не ги разбираат неговите прашања. Шулер снимил и некои продавачи на уличниот магазин „Hinz&Kunzt“, како Аким, кого детално го испрашувал за неговата социјална помош, за невработеност и колку долго прима помош.

Гледачите дополнително се поттикнуваат едни со други во коментарите на „ТикТок“:

„Да бев прашан јас, тој немаше да добие ништо“, напишал некој.
„Намалете ја социјалната помош на половина и Германија повторно ќе тргне нагоре“, додал друг.

Кога 63-годишниот Аким, продавач на уличното списание од Хамбург, ги видел видеото и коментарите по неколку месеци, сè уште добро се сеќавал на ситуацијата што го затекнала неподготвен.

– Јас само поминував. Не сакав да бидам снимен, но веќе бев вовлечен во тоа-  вели тој.

Сепак, тој одбива да дозволи видеото или коментарите да му го расипат расположението:

– Не вреди да се нервираш за такво нешто – вели тој, кревајќи ги рамената.


Фотографија: Magnific.com

Професорот по медиумски истражувања, Оливер Целнер знае дека снимателите намерно го користат тоа што многумина од снимените луѓе не се нервираат, или немаат средства да преземат нешто против видеата. Тој со години ја проучува дигиталната етика.

– Бездомните или сиромашните луѓе во јавниот простор се лесна мета,бидејќи се видливи и честопати не можат да се одбранат. Дополнително, секој гледач може да се соживее со тоа,бидејќи веќе видел нешто слично во својот град. Ова лично ниво функционира исклучително добро на социјалните мрежи– вели Целнер.

Во меѓувреме, додава тој, правната ситуација е сосема јасна, и тоа не само во однос на фундаменталното право на сопствен лик.

– Луѓето под влијание на дрога или алкохол и ментално загрозените лица се под посебна заштита во нашиот правен систем. Тие имаат ограничена способност за давање согласност, или воопшто ја немаат – вели тој.

Со Актот за дигитални услуги (Digital Service Act, DSA), Европската унија уште од 2024 година бара од платформите да воведат едноставни процедури за пријавување и да ги бришат пријавените незаконски содржини. Ниту Курт Каз, ниту Бенјамин Шулер не одговорија на прашањата на „Hinz&Kunzt“ на оваа тема до моментот на објавување на текстот.

Портпаролот на „Јутјуб“ напиша:

– Имаме строги насоки кои дефинираат што не е дозволено на „Јутјуб“. Доколку најдеме содржина што не ги следи овие насоки, преземаме мерки.

Од петте видеа што „Hinz&Kunzt“ ги достави до „Јутјуб“ на разгледување, вклучувајќи го и видеото на Курт Каз и едно интимно интервју со зависник од дрога кој има и психички нарушувања, компанијата отстрани само едно до моментот на објавување: интервјуто на Бенјамин Шулер со лице кое просело, кое не зборувало германски и не ги разбирало прашањата.

Од „Јутјуб“ додадоа дека, доколку некој најде видеа или коментари кои ја нарушуваат неговата приватност или чувство за безбедност, може да поднесе жалба онлајн. „ТикТок“ исто така укажа на своите строги правила, нагласувајќи дека корисниците се охрабрени да пријават несоодветна содржина.

Сепак, критериумите што се користат за бришење на објавите на платформите се речиси целосно нетранспарентни за јавноста. Видеото, кое беше блокирано од „Јутјуб“, сè уште е достапно на „ТикТок“ во моментот на објавување на текстот во германското улично списание „Хинц и Кунц“, и покрај барањето за негово разгледување. Од друга страна, „ТикТок“ избриша клип од видеото на Курт Каз пред „Дроб Ин“, кое пак сè уште е достапно на „Јутјуб“.

Беа испратени барања за изјава и до Управата за социјална помош во Хамбург: дали таа може да влијае?

– Бидејќи се работи за приватни правни прашања, Слободниот и Ханзеатски град Хамбург (не е само град, туку една од 16-те сојузни покраини во Германија, н.з) генерално има само ограничени можности да преземе нешто против какви било потенцијални законски прекршувања – напиша портпаролот.

По правило, самите засегнати лица би морале да ги поднесат своите барања за бришење или забрана.

Сличен став има и Комесарот за заштита на податоци во Хамбург. На прашањето за видеото пред „Дроб Ин“, портпаролот одговори:

– Во опишаното сценарио, снимањето луѓе кои јасно покажуваат дека не се согласуваат со тоа е, според нас, недозволиво.

Сепак, засегнатите би морале самите да го пријават прекршокот на платформата, или да покренат директна постапка против креаторите на видеото. Лиза Дувинаж од „Дроб ин“ знае дека тоа ретко се случува. Иако вели дека центарот за помош на зависници нуди правни совети, многу од посетителите се со лоша здравствена состојба и немаат ресурси да се занимаваат со барање за бришење на видеата.

– Затоа сметам дека е уште поосудувачки некој да избере ваква целна група и да ја насочи камерата кон неа – вели таа.

Поради тоа, социјалните работници се обидуваат да интервенираат порано. Тимот има поставено известување во самиот објект во кое се објаснуваат видеата и што се случува со снимките. Доколку тимот забележи луѓе со камери, тие им приоѓаат:

– Се обидуваме да им ја подигнеме свеста дека, иако ова е јавно место, тоа е исто така и специфично место. Понекогаш ја повикуваме и полицијата.

Но, надвор од ваквите мерки, рацете им се врзани:

– Не можеме да го забраниме снимањето.

Проблемот е присутен и во други градови, како на пример во Есен. Откако локалната служба на железничката станица постојано мораше да се справува со слични инциденти, вработените развија кампања: „Моето лице ми припаѓа мене“, кое го пишува со големи букви на флаери и налепници. Таму се објаснети и потенцијалните последици од онлајн видеата. Бездомниците можат да ги залепат налепниците на своите ранци или на вреќите за спиење.

– Ако бидат снимени против нивна волја, јасно е видливо дека тие се противат. Ова исто така дава можност за правна реакција – објаснува еден вработен.

Целнер смета дека ова има смисла.

– Едукацијата е првиот чекор. Ваквите налепници, а пред сè, пристапувањето и разговорот со засегнатите се вистинскиот пат напред – вели професорот по медиумска етика.

Тој исто така се надева дека пријавувањето за ваквите случаи кога се засегнати луѓе кои се соочуваат со бездмништво и зависности ќе се промени, и тоа не само во однос на некои сомнителни инфлуенсери:

– Мора да се однесувате со овие луѓе онака како што би се однесувале со сите други, да ја вклучите нивната перспектива во известувањето и да ги сфатите сериозно. Многу новинари исто така имаат потешкотии со ова бидејќи имаат многу малку контакт со овие групи на население. Тоа е исто така дел од проблемот.

Автор на текст: Лукас Гилберт
Фотографии: Magnific.com и Jay Openiano.
Преземено од германското улично списание „Hinz&Kunzt“, преку сервисот на Меѓународната мрежа на уличен печат ИНСП (INSP.ngo)
Превод од германски на англиски преку „Translators Without Borders“;
Превод од англиски на македонски: Леа Георгиев, волонтерка на „Лице в лице“.


Прочитајте повеќе на оваа тема

Општествен проблем, а не лична трагедија – како известуваме за животот на маргините?