Филмот на Дина Дума „Скејтбордингот не е за девојчиња“ селектиран во главната натпреварувачка програма на фестивалот „Трибека“ во Њујорк
Македонската копродукција ќе ја има својата светска премиера на еден од најзначајните независни филмски фестивали во САД, основан од Роберт Де Ниро и неговите соработници.
Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, ќе ја има својата светска фестивалска премиера на престижниот фестивал „Трибека“, кој годинава ќе се одржи од 3-ти до 14-ти јуни во Њујорк.
Филмот е селектиран во International Narrative Competition, главната меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот, што претставува значајно признание за македонската кинематографија и можност делото да биде претставено пред светската филмска публика, критичари и професионалци од индустријата.
„Трибека“ важи за еден од највлијателните фестивали за независен филм во САД. Основан е по нападите од 11 септември како културна иницијатива за оживување на Менхетен, а меѓу неговите основачи е и популарниот актер Роберт Де Ниро.
Приказна инспирирана од една сцена во Скопје
Зад филмот стои слика што режисерката ја забележала во Скопје: девојче со скејтборд облечено во традиционални шалвари. Токму од тој контраст меѓу детската слобода и општествените очекувања се развила приказната за Адела, главната хероина во филмот.
Наместо да ја претстави како симбол, филмот ја следи како комплексен лик што се обидува да најде сопствен простор за избор и слобода. Снимен е на реални локации во Шуто Оризари и вклучува непрофесионални актери, со што се гради автентичен поглед кон заедницата и секојдневниот живот.
Авторите посочуваат дека филмот избегнува стереотипни претстави и ги прикажува девојчињата како личности со сопствени желби, дилеми и одлуки, дури и кога се соочуваат со ограничувачки околности.

Втор долгометражен филм на Дина Дума
Ова е втор долгометражен игран филм на Дина Дума, која се афирмираше со дебитантскиот филм „Сестри“, што привлече меѓународно внимание и беше достапен на платформата „Нетфликс“.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а продуцентка е Лабина Митевска.
Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, додека директор на фотографија е Фредерик Ноаром. Во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а е поддржан од национални и европски филмски фондови, меѓу кои и „Еуроимаж“ и ЕУ програмата „Криејтив Јуроп Медија“.
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни