„Скејтбордингот не е за девојчиња“ во трка за „Срцето на Сараево“ и со нова награда од Ерусалим
По светската премиера на „Трајбека“ и наградата „Нора Ефрон“, новиот филм на македонската режисерка Дина Дума продолжува со меѓународниот успех, селектиран е во главната конкуренција на Сараевскиот филмски фестивал и награден на Филмскиот фестивал во Ерусалим.
Долгометражниот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на македонската режисерка Дина Дума е селектиран во главната натпреварувачка програма за игран филм на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што ќе ја има својата европска премиера и ќе се натпреварува за престижната награда „Срцето на Сараево“. Во исто време, филмот ја освои и наградата „Камингс“ во програмата „Во духот на слободата“ на 43. Филмски фестивал во Ерусалим.
Учеството на Сараевскиот филмски фестивал има и симболично значење. Во 2022 година, додека проектот сè уште бил во развој, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ освоил две признанија на индустриската платформа CineLink Industry Days, наградите „Film Centre Serbia CineLink Award“ и „Female Voices CineLink Award“. Четири години подоцна, филмот се враќа во Сараево како завршено остварување и како еден од деветте филмови избрани во главната натпреварувачка програма. Годинашното издание на фестивалот ќе се одржи од 14 до 21 август.
Наградата во Ерусалим ја додели меѓународно жири, кое во своето образложение ја истакна способноста на филмот да понуди комплексен и чувствителен портрет на женското растење во средина обременета со економски и општествени ограничувања. Според жирито, филмот на нијансиран начин ги отвора темите за дискриминацијата, општествените очекувања и односите на моќ што ги обликуваат животите на младите жени, истовремено оставајќи простор за хумор, емпатија и човечност.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ претходно беше награден и на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк, каде што Дина Дума ја доби престижната награда „Нора Ефрон“, наменета за режисерки чии дела отвораат важни општествени прашања.
Во фокусот на филмот се сестрите Адела и Зара, кои растат во средина во која економската несигурност, семејните околности и традиционалните општествени очекувања постепено ги ограничуваат нивните избори. Нивната блискост е ставена на искушение, а преку нивната приказна филмот ги истражува темите на женското созревање, слободата, солидарноста и правото на сопствен избор.
Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, а во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимет Абдула.
Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, реализирана со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Продуценти се Лабина Митевска, Себастијан Делоа, Даниел Хочевар и Вања Сремац.
Македонскиот филм со силно присуство на Сараевскиот филмски фестивал
Годинашното, 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал ќе донесе значително присуство на македонската кинематографија, и на филмското платно и во фестивалските жири-комисии. Покрај филмот на Дума, кој ќе се натпреварува во главната селекција за играни филмови и за престижната награда „Срцето на Сараево“, своја светска премиера ќе има и документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, посветен на преживеаните и жртвите од трагедијата во Кочани. Во Натпреварувачката програма за долгометражен игран филм ќе биде прикажан и „17“ во режија на Косара Митиќ
Во програмата „Во фокус“ ќе биде прикажан и филмот „Мајка“, во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со што оваа продуцентска куќа годинава ќе биде застапена со две остварувања на фестивалот. Во Натпреварувачката програма за долгометражен игран филм ќе бидат прикажани „17“ во режија на Косара Митиќ.
Актерката Сара Климоска е избрана за членка на жирито за главната натпреварувачка програма за играни филмови, кое годинава го предводи британската актерка Емили Вотсон.
- Тоа е што е
- Шведска има и свој „Див Запад“: три места што функционираат по свои правила
- Секој четврти ученик на 15-16 години се коцкал за пари, предупредува ХЕРА Млади
- „МакеДокс“ од 20 до 27 август: 71 документарец, Шпанија во фокус и над 100 гости
- Различни патишта, исти желби: Битола го одбележува 12-ти август, Меѓународниот ден на младите