Доза вести, Лице в лице

„Скопје 63/63“: Поезија и фотографии за колективната меморија на градот 63 години по земјотресот

Скопје 63/63“: Поезија и фотографии за колективната меморија на градот 63 години по земјотресот - фотографија Сашо Алушевски

Во рамки на „Скопско лето“, во Сули ан ќе биде отворена изложба на фотографии од Сашо Алушевски и ќе биде претставена поетска антологија со дела посветени на Скопје, како потсетник на меморијата, солидарноста и промените низ кои минува градот.

Шеесет и три години по катастрофалниот земјотрес што го промени ликот на Скопје, проектот „Скопје 63/63“ ги повикува посетителите повторно да се навратат на меморијата на градот, не само како историски настан, туку и како жив процес на сеќавање, преиспитување и зачувување на урбаниот идентитет.

Настанот ќе се одржи денеска, 28 јули, со почеток во 20.30 часот, во Сули ан во Скопје, како дел од програмата на 47. издание на „Скопско лето“.

Во фокусот на проектот се две уметнички форми што се надополнуваат. Поетската антологија, приредена од проф. д-р Иван Џепароски, обединува избрани песни од македонски и странски автори инспирирани од Скопје, неговата историја и колективното паметење.

Паралелно, фотографската изложба на Сашо Алушевски претставува триесетина авторски фотографии што сведочат за архитектонското наследство кое го преживеало земјотресот. Наместо документарен запис, фотографиите нудат лична визуелна интерпретација на градот, отворајќи прашања за времето, сеќавањето и промените што ги носи современиот урбан развој.

Особено внимание привлекуваат делата изработени со техника при која фотографиите постепено исчезнуваат под влијание на сончевата светлина. Овој процес е осмислен како симболична метафора за постепеното менување на ликот на Скопје и исчезнувањето на делови од неговиот препознатлив архитектонски и културен идентитет.

Со тоа, „Скопје 63/63“, освен што ја одбележува годишнината од земјотресот, отвора и пошироко прашање за тоа како градот ја чува својата меморија додека истовремено се менува.

Организаторите посочуваат дека проектот е замислен како простор за потсетување на човечноста и солидарноста што Скопје ги покажа по катастрофата во 1963 година, но и како можност за ново читање на градот преку уметноста, поезијата и фотографијата.

Фотографија: Сашо Алушевски