Доза вести, Лице в лице

Не само технологија, туку решенија за луѓето: Скопје хакува за хуманоста

Hack for Humanity ги поврзува луѓето од технологијата, бизнисот, образованието и граѓанскиот сектор со една цел – заеднички да создаваат решенија за предизвиците што ги засегаат луѓето во заедницата.

Што може да се случи кога луѓето што се соочуваат со некој проблем ќе седнат заедно и со помош на технологија ќе се обидат да создадат решение? Токму тоа ќе се тестира во Скопје на 3 октомври, во рамки на „Hack for Humanity“, глобална иницијатива на македонскиот колектив за вештачка интелигенција насловен AI Collective. Станува збор за хакатон кој ќе ја насочи вештачката интелигенција (ВИ) кон реални предизвици во локалните заедници.

Хакатонот ќе се одржи од 16 до 20 часот, а учесници од технологијата, бизнисот, образованието, граѓанскиот сектор, стартап-заедницата и други области ќе работат заедно на идеи што би можеле да одговорат на проблеми со кои луѓето во Скопје се соочуваат секојдневно. Локалниот настан е дел од глобалниот „Hack for Humanity“, кој оваа есен се одвива низ повеќе од 120 поглавја во 50 земји.

Не само разговор за ВИ, туку обид да се направи нешто

Вообичаено, разговорите за вештачката интелигенција се движат околу тоа што технологијата може да направи, дали ќе промени работни места, како ќе се користи во образованието или што ќе значи за јавните услуги.


Овој хакатон тргнува од друго прашање: што можеме да изградиме со ВИ што навистина ќе му помогне на некого во нашата заедница?

Меѓу темите што се издвојуваат како можни предизвици се намалувањето и промените на работните места, дигиталната и AI писменост, пристапноста, образованието и јавните услуги. Дел од предизвиците, сепак, треба да произлезат токму од локалната заедница и од искуствата на луѓето кои директно ги живеат.


Ова е и една од основните идеи на иницијативата: луѓето кои се најблиску до проблемот, треба да имаат глас во создавањето на решението.

Тоа значи дека на масата не треба да има само програмери. Потребни се и луѓе кои знаат како функционира образованието, јавните услуги, бизнисот, граѓанскиот сектор, дизајнот, комуникациите, или едноставно, луѓе кои имаат лично искуство со некој од проблемите што треба да се решаваат. Организаторите, „AI Collective Skopje“ во рамките на „Startup Revolution AI Summit“ и „Women in Tech Macedonia“ го замислуваат овој настан како простор во кој не е неопходно учесниците да имаат техничко или програмерско искуство.

Идејата е различни знаења и перспективи да се спојат околу конкретен проблем, наместо однапред да постои готово решение кое само треба да се „продаде“. Глобалната иницијатива експлицитно е поставена без комерцијален исход како услов. Фокусот е на тоа што може да се изгради за да се одговори на реална потреба.

За Скопје, тоа отвора простор во истиот процес да се најдат и луѓе кои можеби досега не се гледале себеси како дел од ВИ заедницата: наставници, новинари, активисти, студенти, дизајнери, претприемачи, истражувачи, професионалци од јавниот сектор или граѓани со конкретна идеја и искуство.

Од глобален разговор до локален проблем

Прашањето со кое учесниците ќе влезат во процесот е едноставно, но не и мало: Што можеме да изградиме што навистина ќе му помогне на некого во Скопје? Одгворовот можеби нема да биде готов производ, можеби ќе биде прототип, нова услуга, алатка или идеја што допрва треба да се развива. Вредноста на овој процес е и во нешто друго, во можноста технологијата да не се развива одвоено од луѓето на кои треба да им служи, туку заедно со нив.