Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји
Од 15 до 18 октомври фестивалот повторно ја отвора сцената за современи, истражувачки и ексклузивни музички искуства.
Со 11 концерти и музичари од Европа, Северна Америка и Африка, 25. издание на Скопје џез фестивал ќе се одржи од 15 до 18 октомври во Националната опера и балет во Скопје, најави организаторот. Оваа година, посебен акцент е ставен на скандинавската џез сцена. Фестивалот продолжува со концептот што со децении го издвојува на европската фестивалска сцена – интересот за современиот џез, новите звуци и музичките истражувања.
– Многубројните џез фестивали во Европа најчесто се гледаат себеси како „чувари на традицијата“, а многу е мал бројот на оние кои програмски се занимаваат со проширување на поимањето за тоа што може да биде џезот: истражувачки, со поместување на границите и во потрага по нови звуци и редефинирање на современиот џез – велат организаторите.
Токму тука, Скопскиот џез фестивал се издвојува. Наместо да се потпира само на познатото и провереното, фестивалот програмски се движи кон она што го проширува разбирањето за тоа што денес може да биде џезот.
– Секоја година Скопскиот џез фестивал успева да изненади, отворајќи нови перспективи и хоризонти, без програмско додворување на масовната публика. Годинашната програма сигурно ќе ја потврди ваквата неговата посебност и елитниот статус во Европа. Што е наша примарна цел, не додворувањето на потребите на нашето поднебје. Статистички, ова издание на фестивалот (на кое ние не гледаме како јубилејно) има рекорден број изведувачи од дури тринаесет земји. Речиси сите концерти се наполно ексклузивни, во овој период само за Скопје – велат организаторите.
Отворање со „Храброста на храбрите“ – музика што предлага општествена, заедничка и партиципативна практика
Oтворањето е резервирано за „Храброста на храбрите“, што е проект на познатиот словенечки перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич. Овој пат, тој ја презема улогата на композитор, уметнички директор и диригент на ансамбл, во кој настапуваат негови поранешни студенти, како и реномирани италијански гости. „Храброста на храбрите“ е негов музички проект посветен на луѓето кои, и покрај пречките, покажуваат извонредна волја и сила да се спротивстават и да истраат.
– Станува збор за општествено и политички мотивирана музичка суита, посветена на борците, поединците и групите кои не се откажуваат и се борат за доброто на заедницата. Ова е политичка музика, но не само затоа што изразува припадности и разлики, туку и затоа што предлага општествена, заедничка и партиципативна практика. Суитата беше изведена и делумно снимена во октомври 2021 година, на италијанскиот фестивал Jazz & Wine of Peace, во периодот на еден од најтешките моменти на политичката, епидемиолошката и општествената криза. Албумот доби највисоки можни оценки. Во 2024 година, во светло на неодамнешните настани, проектот беше обновен под наслов („Bravery of the Brave: Free Palestine“), а концертите продолжуваат и во наредните години – се наведува на веб страната на Скопскиот џез фестивал.
Целата програма на фестивалот е на овој линк:
Полноќна сцена во Националната опера и балет
Новина во ова издание е што пополноќната програма ќе се одржува на истото место, НОБ, со специјално прилагодена Мала сцена. Програмата е замислена како продолжение на фестивалските вечери и како простор за дополнителни музички искуства по главните концерти.
– Остануваме горди на воспоставената традиција на прикажување на најдобрите музички документарци, овојпат со уште едно култно филмско дело. И на работилницата „Џез за деца“ – велат организаторите.
Дизајнот на 45. Скопски џез фестивал е на ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
- „Ниту една повеќе!“ повикува на протест против фемицидите и институционалното насилство
- Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир
- Македонскиот паметен систем Динг.мк освои регионална награда на натпревар за зелени бизниси
- Од раскази до црно-бели светови: „Обичи и необични“ приказни патуваат во Кина
- „Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство