Доза вести, Инклузивно општество

Шкотска традиција, глобална солидарност: Тартан за бездомништво во поддршка на илјадници луѓе ширум светот

Производи на „Сланџ килтс“ партнерство ИНСП - борба против сиромаштија и бездомништво преку уличен печат

Тартан е традиционален шкотски кариран дезен што се користи за изработка на килтови и друга облека, а овој пат, направен е специјален дезен кој ќе помогне во поддршката на луѓето кои се соочуваат со сиромаштија и бездомништво ширум светот. Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), со поддршка на шкотскиот актер Ендрју Агњу и дизајните на „Slanj Kilts“, направи партнерство со кое дел од секоја продажба ќе оди за поддршка на луѓе кои живеат во сиромаштија и бездомништво низ светот.

Ретко гледаме еден традиционален национален симбол да стане дел од глобално движење за социјална правда. Но токму тоа е приказната за новиот Меѓународен тартан за бездомништво (тартан е шкотски кариран дезен од кој се изработува традиционална облека за мажи во Шкотска), чија цел е да собира средства и да ја подигнува свеста за бездомништвото и сиромаштијата ширум светот. Иницијативата, зад која стојат „Slanj Kilts“ и Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) ќе помогне во поддршката на ИНСП, глобална мрежа која стои зад илјадници продавачи на улични весници и списанија во 35 земји, меѓу кои е и нашата, преку „Лице в лице“.

Шкотскиот актер, пејач и режисер Ендрју Агњу, стана новото лице на „Меѓународниот тартан за бездомништво“, иницијатива која ја поврзува шкотската културна традиција со глобалната борба против сиромаштијата и бездомништвото. Носејќи го новиот дизајн на тартанот, тој ја поддржа работата на ИНСП, организација со седиште во Глазгов која обединува повеќе од 90 улични весници и списанија.

Шкотскиот актер Ендрју Агњу носи килт и вратоврска со шарата на новиот Тартан за бездомништво - партнерство помеѓу ИНСП и СЛанџ Килтс

Економската неизвесност, растечките животни трошоци и сѐ подлабоките социјални разлики, најсилно ги чувствуваат оние што имаат најмалку. Луѓето кои живеат во сиромаштија, без стабилно домување или на работ на социјалната исклученост ретко се во центарот на јавните политики, а уште поретко во центарот на јавниот разговор. Токму затоа, уличниот печат е важен, и како иницијатива што ја зголемуваат нивната видливост, но и како глобално движење кое создава можности за достоинствен приход.

Како локална традиција се вклопи во глобалното движење?

Првиот тартан за бездомништво беше создаден во 2019 година од компанијата „Slanj Kilts“, како одговор на растечката криза со бездомништвото во Обединетото Кралство. Првата верзија на тартанот веќе покажа конкретни резултати. Преку продажбата беа собрани повеќе од 40.000 британски фунти за организацијата „Шелтер Скотланд“ која работи со луѓе погодени од бездомништво. За време на Ковид – пандемијата, заштитните маски изработени од дезенот на тартанот станаа препознатлив симбол на солидарност, овозможувајќи им на луѓето јавно да ја покажат поддршката за оние што се соочуваат со сиромаштија и бездомништво.

Новата меѓународна верзија го проширува досегот на иницијативата надвор од границите на Шкотска. Со потемна и попрактична основа за секојдневно носење, дизајнот е наменет да стане препознатлив симбол на глобалната солидарност.

Особено значајно е што 20 проценти од секоја продажба директно ќе бидат донирани на ИНСП, со цел да се поддржи глобалната борба против сиромаштија преку достоинствена работа и сопствен приход.

Речиси сите улични списанија и весници низ светот се соочуваат со сериозни предизвици. Организациите што издаваат улични весници и списанија ширум светот бележат намалување на продажбата на печатени изданија, пораст на оперативните трошоци и сѐ поголеми потреби кај заедниците што ги поддржуваат. Иако моделот на уличен печат повеќе од три децении докажува дека може да обезбеди достоинствен начин за заработка и социјално вклучување, неговата одржливост денес сѐ повеќе зависи од нови партнерства и креативни извори на поддршка.

Продавачи кои биле или се дел од улични списанија и весници ширум светот. Преземено од ИНСП.

Затоа, оваа иницијатива на Меѓународниот тартан за бездомништво е конкретен придонес кон опстанокот на мрежите што секојдневно работат со луѓе погодени од сиромаштија и бездомништво. Иницијаторите велат дека кога традицијата е поврзана со општествена цел, тартанот престанува да биде само ткаенина или моден симбол и станува порака за припадност, достоинство и солидарност.

– Одлично е што „Slanj Kilts“ го поддржува глобалното движење на уличниот печат на ваков начин. Станува збор за добро познат бренд во Глазгов, град кој е и дом на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), па затоа ова партнерство претставува одлична можност да се подигне свеста за проблемот со бездомништвото, но и да се обезбедат дополнителни приходи за нашата организација. Импресиониран сум од квалитетот на производите на „Slanj“, како и од креативноста што ја вложија во дизајнирањето на новиот меѓународен тартан за бездомништво – вели за „Лице в лице“ Мајк Финдлеј – Егњу, извршен директор на ИНСП.

Тој објаснува дека во септември оваа година, Глазгов е и домаќин на Глобалниот самит на уличниот печат, кога ќе бидат претставени дел од производите како килтови, панталони, вратоврски и други артикли.

Убеден сум дека за нашите меѓународни делегати тие ќе бидат совршен сувенир што ќе можат да го понесат дома од Шкотска – вели Финдлеј – Егњу.

Додека сиромаштијата и натаму претставува глобален предизвик, организациите што издаваат улични весници и списанија остануваат во првите редови на напорите да им обезбедат на луѓето достоинствен начин да заработат приход и да излезат од сиромаштијата.

– Секојдневно низ светот работат околу 10.000 продавачи, а нашата мрежа од повеќе од 90 улични весници во 35 земји постојано е под притисок да иновира и да нуди решенија за некои од најитните општествени проблеми. Сепак, не можеме сами. Токму затоа партнерствата како ова со „Slanj“ се важни за нашата мисија, бидејќи помагаат да се подигне јавната свест и да се генерираат приходи. Би сакал да гледаме уште повеќе вакви соработки кои ќе придонесат за долгорочната одржливост на секторот на уличниот печат – вели тој.

Од симбол на идентитет до симбол на солидарност

Новиот Меѓународен тартан за бездомништво ги задржува препознатливите шарени линии од оригиналниот дизајн, кои ја симболизираат различноста на луѓето, заедниците и животните приказни што ги обединува борбата против сиромаштијата.

Светлосивата основа е заменета со потемна сива нијанса, што му дава поголем контраст и практичност за секојдневна употреба. Според креаторите, комбинацијата на бои носи порака за припадност, достоинство и солидарност, вредности што го надминуваат шкотското наследство и добиваат универзално значење во поддршката на луѓето кои се соочуваат со бездомништво.

Тартанот е препознатлив симбол на идентитет и припадност не само во Шкотска, туку и ширум светот. Токму затоа, е избран како медиум за порака што ги надминува националните граници.
– Традиционалниот шкотски дезен не мора да биде само моден или културен симбол, туку може да стане и алатка за промовирање на вредности како солидарност, сочувство и социјална правда – велат креаторите на иницијативата.

Повеќе од 10.000 продавачи низ светот заработуваат преку уличните весници

ИНСП е основана пред три децении и денес претставува најголема светска мрежа на уличен печат во кој членуваат списанија и весници од целиот свет. Низ нејзината мрежа, повеќе од 10.000 продавачи во секој момент продаваат весници и списанија на улиците во различни земји, заработувајќи вкупно околу 12 милиони евра годишно.

Глазгов ќе биде домаќин на глобалниот самит на уличниот печат кој го организира ИНСП

Поддршката за новиот тартан доаѓа во важен момент за ИНСП. Оваа година, Мрежата го организира Глобалниот самит на уличниот печат, кој ќе се одржи на Универзитетот Глазгов Каледонијан, каде претставници на улични медиуми од целиот свет ќе се соберат во Шкотска за да разговараат за иднината на независното новинарство, сиромаштијата и социјалната инклузија.

Токму затоа, ова партнерството и јавната поддршка од познати личности како шкотскиот актер, имаат пошироко значење од една маркетинг-кампања и помагаат прашањата за бездомништвото повторно да влезат во јавниот разговор.

Најголемиот проблем на бездомништвото не е што луѓето немаат дом, туку што општеството престанува да ги гледа

Ваквите соработки се користат како начин за справување со сложени општествени предизвици. Така, IKEA во Велика Британија воспостави долгорочно партнерство со организацијата „Shelter“ со цел до крајот на 2030 да помогне на повеќе од половина милион луѓе погодени од станбената криза, додека преку други програми поддржуваат вработување на бегалци и економско јакнење на жени во ранливи заедници. Партнерството на „Apple“ и глобалната иницијатива RED, за финансирање здравствени програми за борба против ХИВ/СИДа, како и програмите на „Dove“ и UNICEF за јакнење на самодовербата и можностите на девојчињата ширум светот. Во областа на бездомништвото, британскиот моден бренд „All Saints“ преку партнерството со „Shelter Scotland“ досега помогнал да се соберат повеќе од 670.000 фунти, комбинирајќи продажба на облека, рециклирање и донации за луѓе изложени на ризик од бездомништво. Во САД, брендот „Bombas“ изгради цела бизнис-филозофија околу поддршката на луѓе без дом, донирајќи повеќе од 100 милиони парчиња облека и основни потреби преку мрежа на организации и засолништа.
Идејата е слична: брендот го користи своето влијание и пари, а граѓанската организација своето знаење и искуство од теренот. Комерцијалните брендови и граѓанските организации можат да ги здружат ресурсите и влијанието, а резултатите често се мерат во собрани средства, но, и во променети животи и поголема видливост на проблемите што општеството често ги оттурнува на маргините.

Прочитајте повеќе за Меѓународниот тартан за бездомништво, наовој линк
На овој линк, можете да купите дигитално издание на „Лице в лице“

#57 Лице в лице – дигитално издание



Пишува: Маја Раванска
Фотографии: Slanj Kilts“