Слобода во слободен пад: 16-тиот Филозофски филмски фестивал го отвора прашањето за реалноста што ни бега
Шеснаесеттото издание на Филозофскиот филмски фестивал ќе се одржи од 21 до 28 мај во Младински културен центар, носејќи програма што ја истражува современата состојба на слободата низ филм, мисла и дијалог. Под мотото „Слобода во слободен пад“, фестивалот годинава се оддалечува од концептот на еден централен автор и директно се соочува со актуелниот општествен и технолошки контекст.
Инспириран од чувството на неизвесност, слично на возраст кога правилата се веќе јасни, но иднината сè уште нестабилна, фестивалот ја гради својата програма како простор за преиспитување. Организаторите посочуваат дека во време на постојана изложеност на дигитални стимули, алгоритамски филтри и вештачка интелигенција која ја моделира реалноста, потребата од критичко размислување станува итна.
– Шеснаесет години. Во некои земји може да полагаш за возачка дозвола, но може да возиш само со надзор. Во некои може да гласаш на едни избори, а на други не. На таа возраст сме доволно големи за да ги сфатиме правилата, но сепак сме во еден несигурен простор. Точно тука е и ФФФ, во својата шеснаесетта – веќе созреани, го ѕиркаме светот на возрасните но уште имаме наивна жед и априорна непослушност – велат организаторите.
Преку долгометражни и краткометражни приказни, едукативна и придружна програма, видео-есеи, и полемики, фестивалот отвора простор за заедничко соочување со „слободниот пад“, не само како криза, туку и како можност за ново разбирање. Наместо апатија, фокусот е ставен на имагинацијата и емпатијата како клучни алатки за отпор и поврзување.
– И додека паѓаме, сè уште сме привилегирани со време за гледање, критичко размислување и дружење. Затоа, дојдете ни на фестивал. Затоа што сè е добро, сѐ дури не е.
Постер: Катарина Пренда