Слободна си, само немој да претеруваш
Слободата не е само право да избереш. Слобода е да можеш да го преживееш тој избор. Сè друго е добро спакувана илузија. Од традиција до економска нееднаквост — како општеството ја ограничува слободата на жените и зошто вистинската промена почнува дома. Зошто е важно да се живее како слободна жена?
Слобода – женски род. Слободни сме, велат. Слободни да учиме, да работиме, да гласаме, да избираме. Слободни сме, сè додека не „претеруваме“. Затоа што слободата, кај нас доаѓа со ситни услови: Ништо страшно, само да не сме премногу гласни. Да не сме премногу успешни. Да не сме премногу… свои!
Припаѓам на генерација жени што растеле со многу „мали“ правила. Машкото дете мораше да добие повеќе уште од градинка. Ако јадевме пред него, моравме да ја поделиме храната, да не му падне самодовербата. Девојчињата? Ние ќе се снајдеме. Па и не мора сè да пробаме.
Имотот? Некако секогаш оди таму каде што „треба“ – кај синот. Љубовта е рамномерна, ама квадратите не баш. Ќерката ќе се снајде. Таа, на крајот, „ќе оди во друга куќа“. Тука престанува слободата на избор. Спакувана е во излитени фрази како: традиција, ред, „така било отсекогаш“.
Последицата е конкретна: жена влегува во живот без ресурс, без сигурност, без план Б. И тогаш зборуваме за избор. Каков избор има жена што нема каде да оди? Каков избор има една жена, кога заминувањето значи сиромаштија?
Да бидеме искрени, економската нееднаквост не е случајна, туку е научена и пренесена. Ако сакаме слободни жени, мора да почнеме од најнепријатното место, од тоа како делиме моќ дома.
И тамам кога ќе помислиш дека барем името ти е твое, се мажиш и стануваш „нечија“. Не само формално, туку и јазично. Од личност со име, стануваш верзија од нечие име: Крстејца, Зоранојца. Како да си додаток, не идентитет. Ќе кажат: „Тоа е традиција.“
Да, традиција е и многу работи низ историјата биле традиција. Тоа не ги прави автоматски исправни. Интересно е како традицијата знае да биде креативна кога треба да те избрише како поединец.
Еве едно општествено огледало: кога ќе видиме жена во скап џип, првото прашање често не е „што постигнала?“, туку „кој ѝ го купил?“. Кога маж вози ист таков џип, тоа е успех. Кога жена вози, тоа е сомнеж.
Затоа што, се разбира, жена не може едноставно да успее. Мора да има објаснување. По можност, „машко“.
И потоа со истата сериозност ќе кажеме: „Денес сите имаат еднакви шанси.“ Да, само што некои мора да објаснуваат како стигнале до нив.
Полесно да ја гледаме скршена, отколку стабилна?
И тамам кога мислиш дека тука ќе застанеме, доаѓа најинтересниот дел: жена на жена. Кога една жена е во мака, тука сме. Сочувствуваме, поддржуваме, делиме статуси. Но кога ќе се исправи, кога ќе почне да оди напред, одеднаш стануваме аналитичари: „А како успеа?“, „Не е баш така како што изгледа“, „Има нешто…“
Како да ни е полесно да ја гледаме скршена отколку стабилна. Како да ни пречи туѓата сила повеќе отколку туѓата болка. И да, звучи грубо, ама го гледаме секој ден.
Не затоа што сме злобни, туку затоа што сме научени дека има место само за една. Една што смее да успее. Една што смее да биде гласна. Една што смее да се истакне. Останатите? Да аплаудираат, ама умерено.
Слободата не е апстрактна идеја
И додека ние се мериме една со друга, има жени што не се мерат. Тие преживуваат. Жени што не размислуваат „што сакам“, туку „како да издржам“. Жени што не избираат, туку пресметуваат ризик.
И тогаш доаѓа прашањето: „Зошто не си заминува?“ Како да е тоа лоша навика, а не одлука што може да значи живот без пари, без дом, без поддршка, со страв. Ама да, слободни сме. Само што за некои цената на таа слобода е превисока.
За жените со кои работам, слободата не е апстрактна идеја. Таа е момент во кој мора да одлучат помеѓу две несигурности. Да останеш во насилна средина, значи да преживуваш од ден за ден. Но, да заминеш – не значи автоматски да станеш безбедна. Напротив. Многу често значи влегување во простор без дом, без финансиска сигурност, без системска заштита и без гаранција за заштита.
Кога слободата е поранлива од останувањето во насилна средина
И тука станува најтешко. Бидејќи, без институционална и поддршка од граѓански организации, без засолниште, без правна и психолошка помош, без економска поддршка, слободата може да стане уште поранлива од останувањето. Не затоа што жената не е храбра, туку затоа што е оставена сама, во момент кога е најслаба.
Сум била сведок на ситуации каде жената конечно собира сила да замине, да направи чекор кон слобода. Потоа, поради немање систем што ќе ја крепи, се враќа. И тој момент на враќање не е едноставен. Тој не значи само враќање во просторот од кој избегала, туку често значи и враќање во уште поголем ризик. Поголемо насилство. Поголема контрола. Поголема опасност. Обидот да заминеш понекогаш се доживува како „прекршување“ на неговите правила. Тогаш, последиците стануваат уште потешки.
И тогаш се поставува прашањето: каков избор е тоа? Каква слобода е тоа, ако заминувањето без поддршка може да значи поголема несигурност, отколку останувањето?
Затоа за мене oва е клучно: слободата не е само храброст на поединецот. Слободата е систем што те држи кога ќе направиш најтешкиот чекор. Ако тој систем не постои, тогаш зборуваме за слобода на хартија, но не и во реалност.
И затоа ова не е само прашање на индивидуални приказни. Ова е прашање на институции, на поддршка, на заедница. Бидејќи жената може да ја направи одлуката. Но дали таа одлука ќе значи слобода или нов ризик, тоа веќе не смее да зависи само од неа.
И можеби најважното што го научив е ова: слободата не завршува со заминувањето. Тогаш почнува. И ако некој не е тука да те држи во тој процес, тогаш слободата станува најосаменото и најопасното место.
Да бидеме јасни, слободата не е само право да избереш. Слободата е да можеш да го преживееш тој избор. Сè друго е добро спакувана илузија.
Па што да правиме? За почеток, да престанеме да си бидеме пречка една на друга. Да престанеме да се радуваме кога некоја „не успеала“. Да престанеме да бараме дупки кога некоја успеала. Да престанеме да мислиме дека туѓиот успех ни го одзема просторот. Затоа што просторот не е еден, само така ни е претставен.
И покрај сè, има излез. Не магичен, ниту лесен, но постои. Го гледам кога жена ќе добие информација што никој не ѝ ја кажал. Кога ќе добие поддршка наместо осуда. Кога ќе слушне: „Не си сама.“
И одеднаш, невозможноста станува барем малку возможна. Затоа, да бидеме погласни, но и попаметни. Затоа што гласност без свест е само бучава. И за крај, да си признаеме: слободни сме, ама сè уште учиме како да живееме така.
Можеби најголемата пречка не е што некој ни ја одзема слободата, туку што премногу често си ја ограничуваме меѓу себе. Еве една навистина радикална идеја: наместо да се оттурнуваме, што ако пробаме да се оттурнеме напред – заедно?
И дури и ако превртите со очи додека го читате ова, и вас жена ве родила. Ова е борба за неа, за сите пред неа и за оние што доаѓаат.
(Авторката е социјална менторка на „Паблик“, која работи со жени кои преживеале насилство)
Фотографија: Ирина Крстевска
„Што значи да бидеш слободна жена?“ – книжевен настан во Скопје отвора важни прашања
Кратка интерактивна дискусија на тема женска слобода ќе се одржи во сабота од 19 до 21 часот во „Синеплекс“ во Скопје, во организација на „Сакам книги“. На настанот ќе учествува авторката на овој блог, социјалната менторка на „Паблик“ Магдалена Чадиноска-Кузманоски, заедно со Ксенија Николова, авторка и основачка на женска организација за зајакнување на жените, кои преку лични и професионални искуства ќе разговараат за различните аспекти на слободата. Настанот е по повод промоција на книга на италијанската писателка Виола Ардоне, која преку приказни ја истражува женската слобода низ историјата и денес. Влезот е бесплатен, со претходна пријава поради ограничен број места.
Сакате да објавиме ваша содржина? Прочитајте ги насоките за етичко креирање содржини (на овој линк) и испратете ни мејл на [email protected].
Упатства на „Лице в лице“ како етички медиум
- Сè додека не дојдов на планина, мислев дека сум слободен
- „Тоа што сум била вчера не можам да бидам денес“ – приказната на Ивона за промената, силата и движењето
- Како младите во Струга учат дека бизнисот може да создава и општествена промена?
- Блокчејн Скопје ја заокружува програмата со Самит и награди за млади иноватори
- Шест години по Законот за млади: Во најголем дел од општините механизмите сè уште не функционираат