Со фотографија пријави еколошки проблем преку „ЕкоСкопје“
Mладинската иницијатива зад новата дигитална платформа им овозможува на скопјани да пријавуваат еколошки проблеми и да го следат статусот на пријавите.
Забележавте дива депонија, отпад на јавна површина или друг еколошки проблем во Скопје? Наместо само да го фотографирате и да го споделите на социјалните мрежи, сега можете да го пријавите и преку „ЕкоСкопје“, нова дигитална платформа која ја создадоа млади луѓе и која треба да ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и градските служби.
Платформата беше официјално лансирана вчера во Europe House Скопје и е достапна на овој линк ekoskopje.skopje.gov.mk.
За да пријават еколошки проблем, граѓаните можат да приложат фотографија и да ја означат локацијата. Пријавите се евидентираат во системот, по што треба да бидат разгледани и проследени до соодветните градски служби. Корисниците можат да го следат и статусот на своите пријави.
Но, дали пријавата ќе доведе до конкретна промена, ќе зависи од постапувањето на надлежните служби. Платформата отвора дигитален канал преку кој граѓаните можат да ги пријавуваат проблемите и да добиваат информации за текот на нивното решавање.
Младинска идеја што добива практична примена
„ЕкоСкопје“ беше развиена во рамки на проектот „SkopYEAH!“, кој го спроведува Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД).

На промоцијата се обратија градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претставникот на Европската комисија, Еваут Сандкер, и извршниот директор на ЛЕАД, Иван Јованов. Тие го истакнаа значењето на младинското учество, дигиталните иновации и соработката меѓу институциите и граѓанскиот сектор во создавањето решенија за подобар град. Андреј Божиновски, член на победничкиот тим, ја претстави веб-платформата.
Сандкер посочи дека дигиталните алатки и законите не се доволни без промена на однесувањето на граѓаните кон јавниот простор и животната средина.
-И јас живеам во градот, пешачам и ги гледам истите проблеми, го дишам истиот воздух и знам колку може да биде фрустрирачки. Честитки до тимот и организацијата за оваа платформа која овозможува граѓаните и младите да бидат слушнати а градските служби ефективно да реагираат. Но можеме да ги имаме и најдобрите закони и најновата технологија, ама ако не го смениме нашето однесување и начинот на кој ги третираме улиците, парковите и околината тогаш напредокот останува лимитиран. Денешниот ден не е крајот на приказната, туку е само почетокот- изјави Сандкер, претставник на Европската комисија.
Градоначалникот Ѓорѓиевски ги повика граѓаните да ја користат платформата, а младите да продолжат да развиваат идеи што можат да се применат во градот.
- „Ниту една повеќе!“ повикува на протест против фемицидите и институционалното насилство
- Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир
- Македонскиот паметен систем Динг.мк освои регионална награда на натпревар за зелени бизниси
- Од раскази до црно-бели светови: „Обичи и необични“ приказни патуваат во Кина
- „Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство