Доза вести

„Сподели авторка“ одбележува 5 години постоење со роденденски настан посветен на женското авторство и феминистичката мисла

Сподели авторка настан за 5 години

Иницијативата што донесе над 5000 донирани книги низ регионот организира јавен настан во Лабораториум со разговори, поезија, работилници и музика

Иницијативата „Сподели авторка“ (#СподелиАвторка) годинава одбележува пет години активна работа посветена на промоција на женското авторство, феминистичката и квир литературата, како и создавање простор за солидарност, заедничарење и културна размена. По тој повод, во вторник, на 19-ти мај, со почеток во 18 часот, во „Лабораториум“ во Скопје ќе се одржи роденденски настан отворен за јавноста, кој ќе обедини различни форми на уметничко и заедничко изразување.

Настанот ќе вклучува собирање донации на книги, разговор за заедничарење, феминистичка мисла и значењето на простори за женски гласови, како и работилница за препев на поезија во соработка со платформата „Медуза“. Публиката ќе има можност да проследи поетско читање со поетесата и новинарка Александра Спасеска, како и музичка програма со DJ Marigo.

#СподелиАвторка работи на повеќејазична и инклузивна културна сцена, поддржувајќи женско творештво на македонски, албански, босански, српски, ромски и аромански јазик, со цел да ја зголеми видливоста на авторки од различни искуства и позадини.

Од иницијативата порачуваат дека #СподелиАвторка не е само проект за донирање книги, туку долгорочна практика на солидарност и градење алтернативна инфраструктура на знаење која ја враќа библиотеката како жив јавен простор за средба, учење и колективна меморија.

Петгодишнината, како што посочуваат организаторите, не претставува крај, туку продолжување на процесот на читање, споделување и поддршка.

Дизајн на постер: Теано Кардула.