Стапицата на претпоставките
За да напредуваме и да водиме исполнет живот, верувам дека треба да ја негуваме најважната врска во нашиот живот – онаа што ја имаме со самите себе!
Пишува: Викторија Јордановска
За мене јуни е месецот кога уживам во мирисот на липа и јасмин кои го означува почетокот на летото. Училиштето завршува, летните фустанчиња се вадат од плакарите, лабавост, се планира одмор… и „Summertime and the living is easy“…
Да почнеме…
Во мај решив да си подарам себеси јога ритрит. Веќе шест години страсно практикувам јога и почувствував дека сега е вистинското време. Си ја сакам праксата затоа што ги држи моите тело, ум и дух во форма.
Ритритот беше во Лагадин, во подножјето на дивата Галичица и со спектакуларен поглед на Охридското Езеро. Утрата почнуваа со медитација, јога и „мауна“ (тишина на санскрит) до пладне. На вториот ден почувствував една неверојатна внатрешна тишина. Едно совршено утро!
По појадокот решив да прошетам до цветната ливада близу куќата, за која претходниот ден ми кажа соседот. Густата шума во својот пролетен раскош почнуваше веднаш зад куќата. Иако бујното зеленило беше насекаде, лесно ја најдов малата планинска патека што водеше до ливадата. Патеката беше јасно означена, па знаев дека сум на вистинскиот пат. Шумата отсекогаш ми била голем учител. Во неа се буди една поавтентична, поранлива и подива верзија од мене. Чекорите и умот ми успоруваат, сетилата ми се изоструваат и забележувам повеќе. Додека полека се искачував по патеката, вниманието ми скокаше меѓу шарените разноврсни цвеќиња и пајажините. Со љубопитност ѕиркав да ги пронајдам вештите ткајачи. Во далечината забележав желка. Како што се приближив излезе дека е само оклоп, без желката во него. Го оставив таму со намера да го земам со себе на враќање. Фотографијата подолу е токму од тој момент.

Бев околу десетина минути над куќите кога слушнав како некој дише.
„Веројатно некој планинар“, брзо претпостави умот.
Со следниот чекор ми се отвори погледот и две големи кафени очи се сретнаа со моите. Се смрзнав кога сфатив дека дишењето и очите припаѓаат на огромна кафена мечка! Стоеше на само неколку чекори пред мене, го исплази јазикот, веројатно гладна и гледајќи во мене вкусна закуска.
Во тој миг мозокот си ја заврши својата работа: рационалното размислување се исклучи и инстинктот на преживување ја презема контролата – борба или бегство. За милисекунда се свртев и почнав да трчам по малата патека (автопилот бегство – што веројатно не беше најдобрата одлука во таа ситуација!). Не направив повеќе од четири-пет чекори, кога го свиткав зглобот, паднав и почнав да се тркалам по земјата.
Следната сцена кога ги отворив очите беше огромната мечка како трча кон мене. Во тој миг ги дигнав рацете високо над глава и испуштив крик од длабочината на душата (автопилот борба, иако мечката беше неколку пати поголема од мене), кршејќи ја утринската тишина. На мое изненадување, мечката ненадејно сврте и исчезна во шумата. Успеав да ја исплашам мечката! Преплашена и повредена од падот, веднаш скокнав на нозе и со истиот крик и дигнати раце почнав да трчам кон куќите. На патот назад го земав оклопот, и дури подоцна дознав за симболиката што ја носат желките: долговечност, мудрост и заштита.
Ајде да нурнеме подлабоко…

Претпоставки: Како нашиот мозок ги пополнува празнините
Овој страшен и нереален момент во шумата е совршен микрокосмос за тоа како претпоставките ја обликуваат нашата реалност, а со тоа и нашите животи. Ние постојано претпоставуваме, и најчесто без да сме свесни. Нашиот мозок е така направен, претпоставувањето е негов стандарден механизам, и тоа од многу добри еволутивни причини.
Мозокот не се развил за да биде совршена, објективна машина за барање на вистината. Тој се развил како алатка за преживување во опасен и несигурен свет, каде брзите одлуки често биле поважни од совршената точност. И, тој е многу субјективен (луѓето обично не го сакаат ова кога го кажувам).
Постојат две главни рамки што го објаснуваат ова:
Хеуристика и ментални кратенки: Нашиот мозок е „когнитивен минималист“. Тој е мрзелив и не сака голем ментален напор. Наместо да го анализира секој детаљ, тој користи генерализации базирани на минати искуства и шеми. Но, овие брзи судови често водат до ирационални или неточни заклучоци.
Предиктивна обработка: Мозокот постојано создава предвидувања за тоа што ќе се случи следно и ги споредува со сензорните податоци кои ги добиваме од нашите сетила. Тој не чека пасивно информации, туку активно претпоставува и се ажурира само кога има несогласување (или грешка во предвидувањето). Ова го прави восприемањето и размислувањето најчесто „од горе надолу“ (почнувајќи од претпоставките на мозокот) наместо „од долу нагоре“ (почнувајќи од суровите информации). Во случајот со моето искуство со мечката, тоа беше чисто „од горе надолу“ размислување. Претпоставив дека дишењето е на некој планинар и продолжив да одам накај него или неа за да го/ја поздравам. Додека, кога во тој момент би размислувала „од долу нагоре“, моето однесување ќе беше поинакво – ќе сопрев и ќе му дозволев на мозокот да утврди од каде и од што доаѓа звукот.
Сега, можеби се прашуваш зошто нашиот мозок го прави ова?
Прво, заради енергетска ефикасност, бидејќи целосната обработка на сите достапни информации би била премногу бавна и би трошела огромна енергија. Претпоставките ни овозможуваат да реагираме во милисекунди. Потоа, препознавање на шеми, што е вештина која ни помага да преживееме! Нашите предци кои брзо препознавале дека шумот во грмушките значи можен предатор (за разлика од мојот случај!), имале поголеми шанси да преживеат од оние кои чекале целосен доказ. И трето, за намалување на несигурноста, бидејќи мозокот мрази несигурност. Претпоставувањето создава кохерентна приказна за светот, која ни дава чувство на безбедност и контрола (како во мојот случај!).
Пред да продолжиме, сакам да споделам неколку новости.
Две NLP групи ќе го започнат своето патување во 2026 – една во Скопје и една во Виена. Работам во мали групи и внимателно ги бирам учесниците. Ако сакаш да си дел од трансформативната програма НЛП Практичар и да создадеш живот што сакаш да го живееш, пријави се на листата за чекање и јас лично ќе те контактирам.

Можеби веќе знаеш дека изминатите седум години сум дел од менторскиот тим на Professional Women’s Network (PWN) Виена, а од минатата година сум координаторка на менторската програма. Ако сакаш да учествуваш во следниот циклус како ментор или да бидеш менториран/а, пријавите се отворени и има попуст за рана пријава до крајот на јули. Повеќе информации и пријава може да најдеш овде, или можеш да се приклучиш на нашето следно онлајн Q&A за Менторската програма 2026/27 на 9 јули 2026, од 12 до 13 часот.
Покани ги твоите пријатели, колеги и соработници!
Го пишувам ова овде, бидејќи постои можност за онлајн менторство со ментори од целиот свет.

Меч со две острици
Оваа способност на нашиот мозок да претпоставува ни дава неколку важни предности:
Брзо носење одлуки: Ни помага да реагираме брзо во критични ситуации. На пример, кога преминуваш улица и изненадно гледаш дека возило се движи брзо кон тебе, мозокот веднаш претпоставува „опасност!“ и те тера да скокнеш назад уште пред да имаш време да ја пресметаш вистинската брзина. Но, внимание, затоа што мозокот може да претпостави „опасност“ дури и кога една мисла ќе ни помине низ умот, влијаејќи на нашата внатрешна состојба на неефикасен начин.
Заштеда на ментална енергија: Мозокот не се заморува лесно затоа што не мора да обработува сè од почеток. Тоа ги ослободува ресурсите за други задачи. На пример, кога ќе видиш црвено светло на улица, не размислуваш „што значи црвено?“, туку мозокот брзо претпоставува „стоп“, па можеш да се фокусираш на телефонскиот разговор со пријателот.
Генерализација и учење: Животот го живееме според претходните искуства, бидејќи така мозокот учи. Едно лошо искуство (на пример, кога некој ќе ти ги повреди чувствата) те учи да внимаваш во слични ситуации во иднина. Не мораш да ја учиш истата лекција повторно и повторно (иако понекогаш сепак го правиме тоа!). Внимавај тука, бидејќи вака се формираат ограничувачките уверувања!
Социјална навигација: Брзо читаме намери и емоции. На пример, ако некој се смее, воспоставува контакт со очите и зборува со топол тон, мозокот брзо претпоставува „ова е пријател“.
Секојдневно фунцкионирање: Без претпоставки, сè би било многу бавно и исцрпувачко. Замисли си да треба детално да размислуваш за значењето на секој збор во еден нормален разговор!
Сепак, иако се многу корисни, претпоставките можат да создадат сериозни проблеми и недостатоци, особено во светот во кој живееме:
Предрасуди и стереотипи: Во првите 7 секунди правиме претпоставки за луѓето врз основа на изгледот, гестикулациите, држењето на телото, тонот на гласот, акцентот, полот, религијата итн. Ова може да доведе до дискриминација.
Брзи заклучоци: Пополнуваме празнини со она што го очекуваме наместо со факти. Ова обично предизвикува недоразбирања и конфликти. Секогаш велам: претпоставката е мајката на недоразбирањето.
Пристрасност: Мозокот има тенденција да претпочита информации што се согласуваат со она што веќе го веруваме, додека игнорира или минимизира сè што е контрадикторно. Со други зборови, кога умот ќе направи претпоставка, тој започнува да бара докази дека „си во право“ и често ги занемарува доказите дека „можеби грешиш“. Тоа е како да носиш очила што ти дозволуваат да видиш само работи што се вклопуваат во твоите верувања.
Погрешни проценки во сложени ситуации: хеуристиката служи добро во едноставни ситуации, како оние со кои се среќавале нашите претци. Но не ни служи во сложени ситуации, како на пример инвестирање, долгорочно планирање или работење со технологија. Во современиот комплексен свет со многу податоци и долгорочни последици, овие кратенки често водат до големи грешки.
Емоционални и ментални здравствени проблеми: Кога мозокот постојано автоматски претпоставува негативни нешта, тоа создава непотребен страв и грижа. Со време, овие негативни претпоставки стануваат автоматски навики. Ригидните претпоставки (верување дека нешто е секогаш вистина) може штетно да влијаат на твојата добросостојба.
Манипулација: Продавачите, политичарите, маркетинг експертите и други, знаат дека мозокот сака да претпоставува и пополнува празнини. Тие намерно дизајнираат пораки или слики што го активираат твоето претпоставување, па им веруваш без критичко размислување. Познавањето како работи мозокот може да ти помогне да се заштитиш.
Накратко, претпоставките го претвораат нашиот мозок во многу ефикасна машина за предвидување, што во повеќето случаи дава брзи и „доволно добри“ решенија. Претпоставките исто така влијаат на тоа што забележуваме, како се чувствуваме и како се однесуваме кон другите. Тие се меч со две острици, во зависност од тоа како ги користиме.
Еве неколку примери од секојдневниот живот, далеку од мечка во шума, но многу слични во начинот на кој можат да ја обликуваат врската со другите или со твоето секојдневие:
Претпоставуваш дека молкот на партнерот значи лутење. Одговараш одбранбено или со напад. Се покажува дека тој/таа само бил(а) изморен/изморена. Мал конфликт кој лесно може да се спречи, прераснува во голема расправија затоа што два ума креирале различни приказни и постапиле според нив.
Претпоставуваш дека колегата/колешката го пропуштил/а рокот поради мрзеливост, па креираш мислење дека тој/таа е некомпетентен/на за улогата, што го менува начинот на твојата идна соработка со нив. Таа претпоставка може да те заслепи и да не ја видиш вистинската причина: болест, семејна криза или нејасни инструкции.

И сега… Што можеме да направиме?
Свесноста за нашите претпоставки е вештина која може да се вежба. Најважно е да застанеш, да забележиш и да прашаш. Eве неколку прашања што ќе ти помогнат да ги преиспиташ своите претпоставки:
Што претпоставувам во овој момент? (најважното почетно прашање)
Дали ова е дефинитивно точно или само нагаѓам?
Кои докази навистина имам за ова?
Што друго би можело да биде вистина тука? (најдобро прашање за отворање на умот)
Дали реагирам на факти или на мојата приказна за фактите?
Како би го гледал ова ако не би претпоставувал/а?
Што би помислил/а ако бев на нивно место?
Оваа мала пауза со едно прашање го крши автоматското реагирање и ти помага рано да ја фатиш претпоставката.
„Најтешко е да ја оспориш онаа претпоставка која не знаеш дека ја правиш.“ – Даглас Адамс
За крај…
Благодарна сум што сум жива и можам да продолжам да ги споделувам моите мисли со тебе.
Мојата порака за месец јуни е:
Прашај и со храброст кажи го тоа што навистина го сакаш.
Многу љубов, Викторија.
Оригиналниот текст е објавен на англиски јазик и може да го прочитате на профилот на социјалната мрежа „Линкдин“ на авторкатае на овој линк.
Прпчитајте ги и претходните блогови на Викторија: