Доза вести

Од идеја до глобален пазар: четири дена Скопје ќе биде во знакот на стартапите, младите основачи и вештачката интелигенција

Startup Revolution AI Summit 2026 ќе се одржи од 1 до 4 октомври и носи стартап-презентации, менторски средби, инвеститори и компании од европската технолошка сцена, но и прашања за тоа како младите компании да растат без да ја загубат контролата врз технологијата.

За една млада компанија, најтешкиот дел често не е да се смисли идеја, туку да се најде начин таа идеја да стане производ, да стигне до првите корисници и да порасне надвор од локалниот пазар. Токму oва е дел од фокусот на Startup Revolution AI Summit 2026, кој од 1 до 4 октомври во Скопје ќе собере стартапи, основачи, инвеститори и професионалци од технолошкиот сектор. Организаторите, „Стартап клуб Скопје“, најавија над 100 говорници од целиот свет, како и учество на над 400 претставници на стартапи и повеќе компании кои во оваа сфера се познати како еднорози, стартапи чија вредност надминува милијарда долари.

Програмата е многу повеќе од конференција и се задржува и на вмрежувањето, менторски сесии, како и повеќе натпревари. Освен тоа, не е насочена само кон најзвучните имиња од глобалната технолошка сцена. Дел од содржините се наменети директно за луѓето кои се на почетокот на својот претприемачки пат: како да се дојде до првиот клиент, како да се развива продажбата, како да се финансира компанија пред првата инвестиција и кои правни грешки можат скапо да ја чинат една млада компанија.

Кога иновацијата создава вредност (и) за општеството

Дел од агендата на овој настан, отвора и пошироко прашање: како иновациите можат да одговорат на реални потреби и да создаваат вредност и надвор од пазарот. Од Вештачка интелигенција (ВИ) и технологија во однос на решенија од областа на здравството и климата, преку решенија што даваат нова вредност на отпадот, до дигиталниот идентитет, довербата во јавните услуги и кибер безбедноста, програмата на самитот покажува колку различни области веќе се менуваат под влијание на технологијата.

Особено важен е и делот посветен на стартап екосистемот: поддршката за нови компании, пристапот до финансии, јавните политики и поврзувањето на локалните стартапи со регионални и глобални пазари. На 3 октомври, во рамки на самитот, е најавено и отворањето на Skopje Innovation District.

За младите луѓе, претприемачите и оние што ги развиваат следните идеи, ваквите настани се интересни токму затоа што ја поместуваат границата меѓу технологијата и општеството: не само што може да направи ВИ, туку и за кого го правиме, кој има пристап до него и каква промена сакаме да создадеме.

Од стартап-заедница до екосистем

Една од темите на самитот е и прашањето како од успешни поединечни компании се создава стартап-екосистем што создава нови основачи, знаење и капитал. Ова е особено значајно и за помалите пазари како македонскиот: наместо успехот на една компанија да остане изолиран пример, прашањето е како искуството, мрежите и знаењето да создадат услови за следната генерација основачи.

ВИ не е само алатка, туку и тест за организациите

Вештачката интелигенција е голем дел од програмата, но темите не се сведуваат на тоа што технологијата може да направи. Звучни имиња од светот на стартапите, технологијата и иновациите ќе зборуваат за тоа како можат да пропаднат системите кои коритат ВИ агенти, а ќе биде отворена и дилемата дали компаниите можат да управуваат со аналитиката со истата брзина со која ВИ може да ја произведе.

Простор и за оние што допрва почнуваат

Самитот ја поврзува технологијата и со она што за многу стартапи е критичната следна фаза, пристапот до капитал и растот на меѓународен пазар. Дел од говорниците ќе зборуваат за тоа како инвеститорите размислуваат кога проценуваат дали една компанија може да се развие во скалабилен бизнис.

Покрај големата конференциска сцена, Startup Revolution има и програма за стартапи во рана фаза, со Startup Live Launch со пет компании, практични сесии, менторски средби и Investor Kafana. Во сабота, програмата носи регионален квалификациски натпревар за Startup World Cup. Победникот од регионалниот натпревар во Скопје продолжува кон глобалното финале во Сан Франциско, каде што стартапите се натпреваруваат за инвестициска награда од еден милион долари.

Во тој контекст, самитот е повеќе од конференција за ВИ и нуди простор каде што младите компании можат да дојдат до знаење, ментори, инвеститори и контакти што можат да бидат важни за нивниот следен чекор.