„Штефица Цвек“ избра седум книги што не се плашат да го преиспитаат светот
Од зависност и војна до патријархат, екологија и припадност: петтото издание на регионалниот книжевен избор ги издвојува книгите што преку својот книжевен израз отвораат важни општествени прашања
Повеќе од 80 наслови објавени минатата година на македонски и на БХСЦ јазиците беа во конкуренција за петтото издание на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“. Од нив, жирито избра седум книги што преку различни жанрови и книжевни постапки отвораат прашања за припадноста, насилството, војната, екологијата, зависноста и патријархатот.
Изборот носи разновидна книжевна мапа, од романи и поезија, до книга за деца и млади и дела што ги поврзуваат книжевниот и визуелниот израз.
Првото жири, составено од Ања Томљеновиќ, Хана Вранац, Емилија Љутиќ, Катица Максан, Дафина Веселиноска и Александра Петровиќ, од пристигнатите наслови избра 30 книги во потесен избор. Второто жири – Фросина Крушкаровска, Борисав Матиќ и Ивана Голијанин – потоа ги избра седумте финалисти.
Кога книжевноста не бега од општеството
При изборот, жирито особено го разгледувало начинот на кој книжевните дела ги поврзуваат својата уметничка вредност со современите општествени прашања. Ангажираноста не се мерела само според темата, туку и според начинот на кој таа е претворена во книжевност – преку јазикот, структурата, перспективата и раскажувачките постапки.
Така, во потесниот избор се најдоа дела што, од различни агли, зборуваат за припадноста и механизмите на исклучување, насилството и војната, екологијата, зависноста и патријархатот. Toкму тука, „Штефица Цвек“ повторно ја гради својата книжевна позиција, меѓу книгите што не ја одвојуваат уметноста од светот во кој настанува.
Феминистичките, квир и левичарските гласови, посочуваат организаторите, не се повлекуваат пред идејата за наводно „чист“ уметнички израз, ниту пред потребата книжевноста да остане безбедно аполитична. Напротив, преку книжевноста, тие отвораат простор за преиспитување на она што често ни се претставува како природно, нужно и непроменливо.

Седум книги, седум начини да се погледне сегашноста
„Хероин, леб и рудници на сулфур“ од Никола Страшек, тргнува од лично искуство на зависност, лекување и обид за повторно враќање во заедницата. Но книгата не останува само на автобиографското сведоштво. Личната приказна ја проширува кон прашањето за општествената маргинализација и односот кон луѓето што се наоѓаат на рабовите на заедницата.
Во „Битки кои не се наши“ од Федор Марјановиќ, поезијата ја допира стварноста преку телото, предметите, трудот и насилството. Од секојдневните искуства, песните се отвораат кон пошироките механизми на вклучување и исклучување, при што општествената ангажираност произлегува од самата поетика на збирката.
„Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски, во издание на „Гаврош“, го поврзува книжевниот со визуелниот израз. Приказната за штркот кој се движи низ изменета и загадена животна средина зборува за растењето, губењето на живеалиштата и последиците од човековиот однос кон природата. Токму спојот на приказната и визуелната реализација е еден од елементите поради кои книгата се издвојува.
Во „Калибан“ од Анѓела Булајиќ, приказните на сезонските работници на Ада Бојана се испреплетуваат со загрозувањето на природното живеалиште и економските интереси. Плановите за експлоатација и изградба го движат конфликтот, додека фантастичните и симболичките елементи ја внесуваат еколошката проблематика во самата структура на делото.
„Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска, во издание на Издавачки центар ТРИ, ја обработува припадноста и прифаќањето на другиот преку необична заедница. Во зградата во која дванаесетте месеци живеат како своевидна заедница се појавува Оф – момче кое бега од војна и го нарушува воспоставениот поредок. Преку бајковидна структура и јазична инвентивност, романот ги отвора границите меѓу „нас“ и „другите“ и поставува прашања за тоа што се случува кога некој што не припаѓа на воспоставениот ред ќе стане дел од него.
Во „Во куќата и во градината имаше многу цвеќе“ од Габриела Рукел Крашковиќ, враќањето во семејниот простор постепено станува истражување на вредностите што го обликуваат тој простор. Куќата, предметите, бракот, мајчинството, наследството и прашањето „што ќе речат луѓето“ стануваат траги преку кои романот го открива секојдневното функционирање на патријархатот. Големите општествени правила тука се одржуваат преку мали, навидум обични навики.
Седмиот избран наслов, „На слово Ф“ од Лејла Каламујиќ, се занимава со последиците од насилството, траумата и стигматизацијата на менталните болести. Приказната е сместена во психијатриска установа во Сараево, а фрагментарната композиција овозможува искуствата на ликовите и последиците од траумата да бидат прикажани од повеќе перспективи.

Книжевноста како простор за нешто поинакво
Иако седумте книги се разликуваат по жанр, тема и книжевна поетика, ги поврзува начинот на кој општествените прашања ги претвораат во книжевно искуство, наместо само во порака. Жирито ја вреднувало, перспективата од која се раскажува, како и јазикот, композицијата, раскажувачките постапки и односот кон ликовите и нивните искуства. Во тој контекст, „Штефица Цвек“ ја гледа книжевноста и како простор во кој значењата можат повторно да се разгледаат.
Книжевниот избор „Штефица Цвек“ го организираат Коалиција МАРГИНИ,, Побунети читателки од Србија, Нараториум од Босна и Херцеговина и Културтрегер/Букса од Хрватска. Прогласувањето на годинашниот избор се одржува во рамки на есенската програма на Фестивалот за критичка култура – КРИК, куриран под темата „Грижа: начини да се биде заедно“.
- „Ниту една повеќе!“ повикува на протест против фемицидите и институционалното насилство
- Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир
- Македонскиот паметен систем Динг.мк освои регионална награда на натпревар за зелени бизниси
- Од раскази до црно-бели светови: „Обичи и необични“ приказни патуваат во Кина
- „Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство