Доза вести

„Страв и надеж“ на МНТ – најдобра претстава, „Црнила“ со пет награди на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

Сцена од претставата Страв и надеж која доби награди на МТФ Војдан Чернодрински

„Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар од Скопје, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, е прогласена за најдобра претстава на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Одлуката ја донесе тричленото жири во состав Снежана Коневски – Руси, како претседателка, и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ.

На денешното соопштување на наградите беше истакнато дека „Страв и надеж“ се издвојува како најкомплетно уметничко остварување во фестивалската конкуренција, со рамноправно и прецизно вклопување на актерската игра, музиката и останатите сценски елементи.

– За мене комплетна претстава е „Страв и надеж“. Сите актери се подеднакво вклучени во проектот заедно со музичарите. Едноставно видовме целокупна претстава- рече Коневски – Руси.

Членот на жирито Лукиќ посочи дека при оценувањето се воделе од компактноста на сите театарски сегменти, изборот на текстот, режијата, сценографијата, костимографијата и нивната функција во рамки на претставата.

Наградата за најдобра режија му припадна на Дејан Пројковски за претставата „Црнила“, поставена во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Истата претстава освои уште неколку значајни признанија, меѓу кои за сценографија, костимографија, главна машка улога и млада актерка.

Наградата за главна машка улога „Кирил Ристоски“ ја доби Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлиев во „Црнила“, додека Сара Спиркоска беше прогласена за најдобра млада актерка за улогата на Неда во истата претстава.

Во категоријата главна женска улога беше наградена Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“ на Турскиот театар од Скопје. Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ му припадна на Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во истата претстава.

Драмски театар Скопје освои две актерски признанија за „Мачкина глава“: Биљана Драгиќевиќ Пројковска ја доби наградата за женска епизодна улога, а Александар Степанулески наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“.

За музиката во претставата „Страв и надеж“, наградата „Филип Стевановски“ ја доби Ирена Поповиќ Драговиќ.

Жирито одлучи да не додели четири награди: за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и адаптација и за современ драмски текст. Образложувајќи ја одлуката да не биде доделена награда за драмски текст, Лукиќ порача дека фестивалот треба уште посилно да ја поттикнува современата македонска драматургија.

– Смислата на фестивалот е да работи на промоцијата на македонската драма. Им сугерирам на театрите многу повеќе да се занимаваат со македонските автори – рече Лукиќ.

Наградите ќе бидат врачени вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Во чест на лауреатите, фестивалот ќе биде затворен со гостувањето на Белградско драмско позориште и претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ.

Сцена од претставата „Црно злато“.

Претставата, чија премиера беше во март годинава, првпат ќе биде изведена надвор од Србија токму на јубилејното 60. издание на фестивалот, каде Дејан Дуковски е автор во фокус.