Од авторски стрип до културна заедница: Почнува четвртото издание на „Стрип Трип“
Од 5-ти до 7-ми јуни во МКЦ, фестивалот „Стрип Трип“ ќе обедини домашни и меѓународни автори, изложби, разговори и работилници, отворајќи простор за стрипот како уметност, култура и заедница.
Младинскиот културен центар во Скопје повторно ќе стане место каде стрипот, илустрацијата и визуелното раскажување ќе бидат во центарот на вниманието. Четвртото издание на меѓународниот фестивал „Стрип Трип“ (5-7 јуни) носи тридневна програма исполнета со изложби, промоции, работилници, разговори со автори, цртачки сесии и музички настани.
Во последните години, фестивалот се профилираше како една од ретките платформи која, покрај промоција на нови изданија, отвора и простор и за едукација, размена на искуства и видливост на авторите кои работат во оваа уметничка форма.
– Фестивалот ги поврзува домашните автори со регионални и меѓународни гости, поттикнува нова публика за стрипот и создава простор за промоција, едукација, размена и соработка – велат организаторите.
Годинашен главен гостин е македонско-италијанскиот илустратор Бобан Пешов, чија графичка новела „Беше еднаш на Истокот“ доби значајни меѓународни признанија, меѓу кои наградата „Gran Guinigi“ на фестивалот во Лука и „Palmarès“ на неаполскиот Комикон. На фестивалот ќе биде претставено и македонското издание на ова дело, а посетителите ќе имаат можност да ја проследат и неговата изложба и цртачка сесија.

Меѓу гостите е и еден од најпознатите српски стрип-автори Алекса Гајиќ, кој ќе ја претстави својата книга „Проширено поле на стрипот“ и анимираниот филм „Крал на ништо“. Во меѓународната програма учествуваат и турската авторка Белкис Аксу, позната по своите мини-стрипови, како и српскиот автор Владимир Весовиќ, кој ќе одржи мастерклас и работилница.


Фестивалот значително место ѝ отстапува и на домашната сцена. Своите дела и проекти ќе ги претстават Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски.
Во рамки на годинашното издание ќе биде врачено и признанието „Македонско стрип наследство“ на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски, како признание за неговиот долгогодишен придонес во развојот и афирмацијата на македонската стрип-култура.
Нашето интервју со Гелевски е на овој линк:
Никола Гелевски: Институциите ја балсамираат културата, а уметноста што не гризе е само мебел
Покрај изложбите и промоциите, програмата опфаќа и берза на стрипови, друштвени игри, поткаст во живо, цртачка „џем“ сесија и вечерна музичка програма. За време на фестивалот ќе бидат прогласени и победниците на конкурсите за најдобар краток стрип и најдобра стрип-корица.
„Стрип Трип“ е заедничка иницијатива на стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението „Макстрипови“ и издавачката куќа „Стрип Квадрат“.
Програмата е подол, а сите актуелности се на социјалните мрежи на овој и на овој линк.

Постери: Владимир Весовиќ, Бобан Пешов, Марко Марковиќ, Алекса Гајиќ.
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни