Доза вести

Tамара Котевска освои „Зелен Оскар“ за „Приказната за Силјан“

Македонската режисерка и продуцентка доби едно од најзначајните меѓународни признанија за филмови и автори што го истражуваат природниот свет.

Режисерката и продуцентка Тамара Котевска освои „Зелен Оскар“ за режија и продукција за документарниот филм „Приказната за Силјан“, реализиран за National Geographic Documentary Films. Признанието ѝ беше доделено на овогодишното издание на „Вајдскрин панда авордс“ во Велика Британија, награди што често се нарекуваат „Зелени Оскари“ поради нивното значење во светот на филмовите за природата и животната средина.

Наградите „Панда“, кои се доделуваат во рамките на „Вајдскрин фестивал“ од 1982 година, ги препознаваат достигнувањата во филмското и телевизиското раскажување за природниот свет. Овогодишната награда за режија и продукција ја доби токму „Приказната за Силјан“, а Котевска се вброи меѓу меѓународно признатите автори во оваа област.

Од тимот на Котевска соопштија дека, низ историјата на овие награди, биле одликувани легендарни имиња како сер Дејвид Атенборо и оскаровката Пипа Ерлих, режисерка на документарниот филм „My Octopus Teacher“.

Во средиштето на „Приказната за Силјан“ е Никола, земјоделец од рурална Македонија кој, соочен со тешкотиите да ги продаде земјата и родот, почнува да работи на депонија. Таму среќава повреден бел штрк, Силјан, и почнува да се грижи за него. Нивната врска станува приказна за опстанокот, иселувањето, климатските промени и поврзаноста меѓу човекот и природата.

Токму оваа поврзаност е важен дел и од авторскиот пристап на Котевска во „Медена земја“, документарниот филм што доби две номинации за „Оскар“. Во нејзините филмови, личните приказни на луѓето се испреплетуваат со пошироките прашања за начинот на кој живееме, се однесуваме кон природата и се соочуваме со промените во нашата средина.

Меѓународниот интерес за „Приказната за Силјан“ продолжува и преку други значајни признанија. Филмот доби две номинации за наградите „Еми“ во 2026 година, во категориите за исклучително достигнување во документарното филмско творештво и за кинематографија во документарна програма.

Признанието од „Вајдскрин“ е уште еден значаен успех за Котевска и за македонската документаристика. Со „Приказната за Силјан“, приказна вкоренета во македонскиот рурален контекст, таа отвора теми што ги надминуваат локалните граници — од односот кон природата до економските притисоци и миграцијата што ги менуваат животите на луѓето.