Блог

Тоа е што е

Фотографија со Викторија за нејзиниот месечен блог

Август е и неверојатно е жешко! На повеќе од 40 степени едвај дишеме, а сушата го прави секојдневието речиси неподносливо. И сепак, сè уште има луѓе кои веруваат дека нема глобално затоплување и дека „не треба“ да го користиме тој термин. Се прашувам, WTF?

Пишува: Викторија Јордановска

Ајде да почнеме…

Верував дека сум толку посебна, па заслужувам фантастичен живот. Не на арогантен начин, или барем јас така го доживував тоа. Работев напорно, бев добра, давав многу, делував со добри намери и некако верував дека животот ми должи нешто. Неверојатно успешна кариера. Почит. Признание. Значајни односи. Голема љубов. Среќно семејство. Можности. Остварени соништа… Како некаде по патот на животот да сум потпишала невидлив договор со Универзумот:

„Ако сум добра, животот ќе ме награди.“

И, да бидам искрена, често и ме наградуваше! Животот ми даде извонредни можности, пријатели кои станаа семејство, моменти на чиста радост и искуства кои ме збогатија на неверојатен начин.

Но животот знаеше да биде и немилосрден. Сериозна болест. Изгубени луѓе кои ги сакав. Скршени срца. Тивката болка што немам деца. Проекти кои пропаднаа и покрај мојот труд и напори. Соништа кои никогаш не се остварија. Врати кои се затворија без објаснување. Неисполнети очекувања… Можам да продолжам да редам уште на три страни, ама тоа не е поентата тука!

Изминатиот викенд побегнав сама во планините.

Два дена без никакво друго друштво освен сопственото, потоната во тишина и опкружена со величествена природа. Без телефонски сигнал. Без мрежа.  Без разговори (освен кога нарачував храна во планинарскиот дом каде што преспав). Без дистракции. Само јас.

Не беше лесно.

Ништо не го бараше моето внимание. Ништо не требаше да поправам или поддржам. За ништо не требаше да се грижам. Ништо не требаше да докажувам…


Кога нема ништо што го одвлекува вниманието, секоја мисла станува погласна.

Имаше моменти кога се фаќав себеси како зборувам на глас – со себе, со дрвјата, со растенијата… Дури и пеев за да си го смирам нервниот систем кога чувствував страв.

Вториот ден, откако стигнав до врвот и го направив задолжителното селфи со кренати раце во знак на успех, ги соблеков планинарските чевли и ги пуштив уморните стапала да потонат во меката алпска трева. Време беше за одмор. Лежејќи на 2.200 метри надморска височина, ја чувствував топлината на сонцето и нежниот планински ветер на кожата, ја слушав тишината што ме опкружуваше и гледав во пејзаж толку неверојатно убав што речиси не изгледаше реално. И тогаш, во тој момент, ме преплавија две навидум спротивставени чувства.

Се почувствував неверојатно мала и безначајна.
И истовремено длабоко благодарна и сосема доволна

Мала, затоа што во огромноста на постоењето, моите грижи, амбиции, разочарувања и внимателно конструирани планови одеднаш изгледаа микроскопски. Јас сум само мала, ситна точка во универзумот.

Благодарна, затоа што имав привилегија да го доживеам токму тој момент. Можев да го вдишам свежиот планински воздух. Да ја почувствувам земјата под себе. Да гледам како еден орел без напор лета над мојата глава. Да бидам сведок на убавина која постоела долго пред јас да пристигнам и ќе остане долго откако ќе си заминам. Во тој момент не се обидував да станам нешто. Едноставно бев благодарна што сум. И тоа беше доволно.

И тогаш, како трпеливо да чекала под сета врева, се појави јасна и бистра мисла:

Ми следува само овој живот, и ништо друго. Тоа е што е.

Да нурнеме подлабоко

Психологијата на чувството дека нешто ни следува

Ми се разбуди љубопитноста и кога се вратив од планина почнав да истражувам на темата.

Чувството на следување, или, entitlement на англиски, не е едноставно ароганција или себичност. Професорот RJ Starr го опишува како уверување дека заслужуваме повеќе од она што е фер, без оглед на околностите или реципроцитетот.

„Ова ми следува само затоа што го сакам.“

Ова чувство може да се развие од многу различни искуства во детството – од прекумерно разгалување, или занемарување на емоционалните потреби, па сè до растење во култура која постојано ни кажува дека заслужуваме повеќе и подобро. Ако погледнеме наоколу, целиот општествен контекст денес се врти околу идејата за „повеќе“ и „подобро“. Социјалните мрежи само ги засилуваат овие пораки преку бескрајно споредување.

Чувството дека нешто ми следува звучи вака:

„После сè што направив за тебе/нив…

„Луѓето треба да ме ценат.“

„Мојот тим треба да биде повеќе посветен.“

„Мојот партнер треба да ме разбере без јас да морам да објаснувам.“

Во овие изјави постои јаз меѓу „реалноста“ и очекувањата. Овој јаз станува фрустрација. Фрустрацијата станува огорченост. Огорченоста постепено станува дистанца. Од другите. И од самите себе.

Чувството дека ни следува нешто, се приметува кај оние кои се буткаат преку ред затоа што нивното време изгледа повредно од времето на сите други. Кај колешката која очекува признание, но не ги признава придонесите на другите. Кај лидерот кој очекува лојалност, но не создава психолошка сигурност. Кај менаџерот кој бара одговорност, но никогаш не презема одговорност за сопствените грешки. Кај партнерот или партнерката кој/а бара емоционална поддршка, но тешко ја нуди назад. Кај родителот кој очекува почит од своето дете, додека самиот комуницира со детето на начин кој не одразува почит.

Во суштина, следувањето вели:

Ми должи!

Она што најмногу ме изненади беше сознанието дека ова чувство на следување многу полесно го препознаваме кај другите отколку кај самите себе. Најчесто бидејќи е секундарна емоција, па не е лесно да ја препознаеме. Под неа како да постои еден заштитен слој кој покрива нешто многу посензитивно и поранливо. Ми се допадна начинот на кој Тони Хант го објаснува ова во својот текст:

„Беспомошноста се претвора во чувство дека ни следува нешто кога личноста не може да ја поднесе вистината дека не ги контролира исходите. Зависта се претвора во следување кога успехот на некој друг станува закана за нашиот идентитет, па умот се обидува да го врати чувството на статус преку обезвреднување на другиот или барање посебен третман. Тагата се претвора во чувство на следување кога загубата е премногу болна за директно да ја почувствуваме, па лутината ја презема улогата на „посилна“ емоција. Стравот се претвора во чувство на следување кога сигурноста ја изедначуваме со потребата другите да нè ставаат нас на прво место, да ни се покоруваат или постојано да ни излегуваат во пресрет.“

Ова ми ја промени перспективата. Наместо да се прашувам: „Зошто чувствувам дека нешто ми следува?“, покорисно стана прашањето: „Која емоција се обидува да ја заштити моето чувство дека нешто ми следува?“ Затоа што, кога ќе ја препознаеме подлабоката емоција, чуството дека нешто ни следува веќе нема толкава потреба да го носи товарот и да нè штити.

А сега, кратка пауза за една најава…

Имаш право на личен развој, грижа за себе и раст – тоа е факт! И, имаш право на неверојатна NLP обука.

Групите за НЛП Практичар веќе се пополнуваат.
Ќе ми се придружиш?
Повеќе информации има овде: Скопје и Виена.
Ќе учиш НЛП директно од изворот, а велат водата е најчиста кај изворот.  

Пријави се на листата за чекање и ќе те контактирам лично.

ТЕСТ
Ми треба твојата помош!
Ако стигна до овде, кажи ми на кој било начин дека ги читаш моите текстови. Имам едно верување дека луѓето веќе не читаат. Па, докажи ми дека грешам.

Ајде сега да продолжиме…

Дали чувството на следување е навистина толку лошо?

Иако генерално се смета за негативна карактеристика, чувството дека нешто ни следува не е целосно без функција. Едно интересно истражување на Емили Цитек и Лин Винсент покажало дека чувството на следување може да ја зголеми креативноста во неколку истражувања, делумно затоа што го засилува чувството дека сме уникатни и дека имаме дозвола да размислуваме поинаку.

Значи, целта не е целосно да го елиминираме комплетно чувството на следување. Целта е да препознаеме кога ни служи, а кога нè контролира.

Постои здрава верзија на: „Заслужувам подобро.“ Таа може да ни даде храброст да побараме унапредување, да ја напуштиме токсичната врска, да оспориме неправедна одлука, да преговараме за плата или конечно да кажеме: „Ова за мене не е прифатливо“.

Проблемот започнува кога: „Заслужувам“ се претвора во: „Затоа ти ми должиш“. Оваа разлика е многу важна во лидерството, и во животот воопшто.

Лидер кој мисли: „Заслужувам почит“ можеби поставува здрави граници. Но ако мисли: „Луѓето ми должат почит, затоа што сум на оваа позиција“, може да создаде страв и огорченост.

Вработен кој мисли: „Мојот придонес заслужува признание“ може здраво да се залага за себе. Но кога мисли: „Јас придонесов, затоа ми следува признание“, може да стане огорчен кога некој друг или друга ќе го добие признанието.

Првото е самопочит.

Второто е чувство на следување.

Разликата често е во реципроцитетот.

За мене, одличното лидерство започнува со внатрешно водство. А внатрешното водство започнува со тоа да се фатиш себеси во моментот! Тоа се оние моменти кога прифаќаме „тоа е што е“. Тука всушност започнува непријатната работа. Препознавањето лично ниво на чувството дека ни следува нешто бара нешто што не им е потребно само на лидерите, туку на сите нас:

САМОСВЕСНОСТ (еден од основните столбови на внатрешното водство). Но самосвесноста не значи само да ги знаеш своите силни и слаби страни. Таа значи да се забележуваш себеси во моментот. Да ги забележуваш своите мисли, промените во внатрешните состојби и своето однесување – постапките, реакциите, зборовите кои излегуваат од устата или остануваат заглавени внатре… Да ги забележуваш најситните промени во себе, од миг во миг.
Јас го нарекувам ова САМО- КАЛИБРАЦИЈА, го предавам овој концепт на моите НЛП обуки и сметам дека е од исклучително значење за благосостојбата и растот во секој аспект од животот.

Па, како да го смалиме чувството дека нешто ни следува?

Сигурно нема ако се обидуваме да се чувствуваме помалку заслужни. Туку така што ќе станеме посвесни и поразбудени.

1. Забележи ги своите „треба“ – позади секое „треба“ се крие очекување.
Прашај се дали тоа е легитимно очекување, лична преференца или некаков невидлив договор.

2. Раздели ги потребите од чувството дека нешто ти следува
„Ми треба почит“ е здраво. „Мораш да ме почитуваш точно онака како што јас сакам“ е нешто сосема различно. Потребите можат да се комуницираат. Чувството дека нешто ни следува, бара другите да се усогласат со нас.

3. Погледни што се крие под површината – кога ќе се фатиш дека чувствуваш дека нешто ти следува, запрашај се: Што навистина чувствувам? (Страв?Тага? Завист? Беспомошност? Срам? Осаменост? ). Можеби чувството дека нешто ти следува само се обидува да заштити нешто многу подлабоко и поранливо.

4. Намали го фокусот само на себе – наместо постојано да се прашуваш: „Што заслужувам?“ прашај: „Што придонесувам?“

5. Замени го обвинувањето со лична моќ – наместо постојано да прашуваш „Зошто некој не презема нешто?” прашај: „На што можам јас да влијаам?“

6. Практикувај реципроцитет – пред да се прашаш што треба другите да ти дадат, прашај: „Што давам јас?“ Не како трансакција. Туку како принцип на релација. Во Перу постои прекрасен збор – AYNI, кој го претставува андскиот принцип на реципроцитет. „Јас ќе ти помогнам денес. Ти ќе ми помогнеш утре.“ И тие не го доживуваат само како збор, туку како начин на живот.

7. Практикувај благодарност – не затоа што треба да станеш позитивна или позитивен. Не за да се преправаш дека сè е прекрасно. Не за да прифатиш лош третман или да се откажеш од своите амбиции. Туку за да го препознаеш она што веќе постои, додека истовремено работиш кон она што може да биде. Затоа што вниманието е најдрагоцен ресурс. Она на што постојано му обрнуваме внимание станува дел од приказната што си ја раскажуваме за сопствениот живот.

Уште една објава…

За моите читатели – бесплатна работилница! Регистрирај се тука!

Пред да завршиме…

Порано мислев дека фразата „тоа е што е“ звучи пасивно. Во еден разговор, клиентка ми кажа дека за некои луѓе звучи дури и како да ги отфрлаш или минимизираш нивните чувства. Но она што го научив е дека: прифаќањето не е предавање. Прифаќањето е почеток на промената! Тоа значи да го прифатиш она што е без да трошиш енергија посакувајќи нештото да биде поинакво. Болеста се случи. Врската заврши. Можноста исчезна. Сонот не се оствари. Направив грешки. Не можам да ги променам тие факти! Но можам да одлучам што ќе направам со нив. Можам да тагувам. Можам да научам. Можам да го променам правецот. Можам да поставам граници. Можам да побарам помош. Можам повторно да се обидам. Можам да станам поинаква личност токму поради она што се случило. Прашањето е: Како сакам да продолжам понатаму, знаејќи го ова?

Она што денес го знам е:

Не ми треба животот да ми даде сè што мислам дека ми следува.

Не мора секоја врата да се отвори.

Не мора секој да ме разбере.

Не ми треба светот да ми потврди дека сум уникатна.

Го имам овој живот. Овој момент. Овој здив. Овој избор.

И за мене е привилегија да го живеам – таков каков што е.

За крај,

Мојата порака за месецот август е:

Престани да прашуваш што ти должи животот и почни да се прашуваш што создаваш со животот што го имаш.

Многу љубов, Викторија ❤

Оригиналниот текст е објавен на англиски јазик и може да го прочитате на профилот на социјалната мрежа „Линкдин“ на авторката на овој линк

Прочитајте ги и претходните блогови на Викторија:

Јазикот на присутноста