Доза вести

Од паметни сензори до микрозеленчук: три македонски зелени идеи патуваат во Призрен

Национални победници Зелени идеи 2026

Систем за предвидување дефекти, протеински пијалак од отпад од оревчиња и вертикална фарма се македонските претставници на регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“

Избрани се трите македонски идеи што ќе ја претставуваат земјава на регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“ (Balkan Green Ideas), кој ќе се одржи од 3 до 5 ноември во Призрен, Косово. Одбрани се систем за предвидување дефекти, протеински пијалак од оревов отпад и вертикална фарма. По националното финле, Здружението АРНО ги избра ding.mk од Битола, „Медотека Најдовски“ од Велес и „Урбана фарма“ од Скопје како македонски претставници.

Иако доаѓаат од различни области, трите идеи имаат заедничка нишка – обидот ресурсите што веќе постојат да се користат поефикасно, со помалку отпад и помало оптоварување врз животната средина.

Сензори што можат да спречат дефект пред да се случи

Браќата Благојче и Александар Количоски од Битола развиваат ding.mk, систем за предвидување дефекти наменет за мали производители. Платформата користи нискобуџетни сензори и сопствен софтвер на стандарден хардвер. Веќе имаат и клиент кој го користи, при што се следат параметри како температура и влажност итн. Идејата е, наместо машините да се заменуваат кога ќе откажат, нивниот работен век да се продолжи со навремено откривање на можните дефекти. Така, решението има потенцијал да придонесе кон намалување на отпадот и потрошувачката на енергија, како и кон избегнување на емисиите поврзани со производство на нова опрема.

Од брашно од орево до протеински пијалак

Во Велес, семејната компанија „Медотека Најдовски“ тргнува од нуспроизвод што останува при производството на ладно цедено масло од ореви. Брашното од орев содржи повеќе од 45 отсто протеин. Наместо да се третира како отпад, тимот го комбинира со лиофилизиран лимон и развива растителен протеински пијалак во прав, без глутен, соја и лактоза, кој сега го нарекуваат протеинска лимонада од брашно од орев. Идејата го користи принципот на циркуларната економија: материјалот што останува од еден производствен процес добива нова употреба и станува дел од друг производ.

Фарма на 24 квадратни метри

Третиот македонски претставник доаѓа од Скопје. Коста Богучевски е студент по фармација кој развива вертикална фарма за микрозеленчук во простор од само 24 квадратни метри во семејниот дом. Станува збор за „Урбана фарма“, која користи постоечки простор, без дополнителна градба, LED осветлување и кокосов супстрат. За достава се користи електричен трицикл, а отпадот од производството се компостира. Микрозеленчукот расте за релативно кратко време, со мала потрошувачка на вода и без употреба на хемиски средства, што идејата ја поставува во контекст на одржливо урбано земјоделство.

Од пчеларство до реупотребен текстил

Годинашниот национален натпревар опфати и други идеи што бараат начини економските активности да се поврзат со поодговорно користење на ресурсите. AРНО соопшти дека, меѓу пријавените решенија биле програма за менторство во пчеларството, апликација со вештачка интелигенција што им помага на корисниците да купуваат помалку и подобро да го користат она што веќе го поседуваат, природна козметика со одговорна амбалажа и производство на јаболков оцет од јаболка кои поради изгледот не се пласираат на пазарот за свежо овошје. Во изборот се нашле и нетоксични средства за текстил како алтернатива на хемикалиите што се користат во хемиското чистење, биопелети произведени од земјоделски отпад, модуларни производи од реупотребен текстил и урбана градина наменета за образование на деца во природа.

Овогодишното издание на „Зелени идеи“ се одвиваше целосно онлајн и на англиски јазик, со поголем акцент на мерливи индикатори за влијание.

Жири-комисијата која одлучи за трите нацинонални победници ја сочинуваа Робертина Брајаноска од Македонското еколошко друштво, Влатко Данилов, Данчо Димков и Лолита Цимеркова од „МКА 2000“, Бојана Киселовски од „Македонија 2025“, Ебру Радевски од „Скопје Сити Мол“ и Ивица Маринковиќ од „Пакомак“. Во првата фаза на евалуација учествуваше и Марија Јаневска од ИНОВА.

Следна станица – Призрен

Трите избрани македонски идеи сега продолжуваат со подготовките за регионалниот натпревар во Призрен. На регионалниот натпревар ќе се натпреваруваат по тројца претставници од секоја земја, во две категории за грантови од 5.000 и 10.000 долари.

– Македонските учесници досега имаат освоено 12 регионални признанија, со вкупно 110.000 долари инвестирани во развојот на домашни импакт-бизниси – велат од АРНО.