Шведска има и свој „Див Запад“: три места што функционираат по свои правила
Од старите автомобили што станале дел од пејзажот до куќички каде што мора да чувате животни, ова е приказна за три шведски заедници (Ѓокхејден, Сјорберген и Сматабигет) што развиле свој начин на живеење, ред и припадност.
На Шведска, нашите граѓани генерално гледаат како на земја во која сè е на свое место. Од отпадот и сообраќајот, до институциите и правилата. Затоа е интересно да откриеме места каде што луѓето си создале свој мал ред: некаде старите автомобили се дел од пејзажот, некаде за да живеете, мора да чувате животни, а некаде за да станете дел од заедницата, треба да докажете дека немате кривично досие. На прв поглед, овие приказни се далеку од Македонија. А сепак, и кај нас маалата, населбите и малите заедници често имаат свои непишани правила. Понекогаш затоа што институциите не стигнуваат до нив, но често и бидејќи луѓето, едноставно сакаат да функционираат „по свое“.
Во оваа содржина, која ја преземаме од шведското улично списание „Фактум“, преку сервисот на Меѓународната мрежа на уличен печат ИНСП, трите места за кои се зборува, се токму такви мали светови. Различни едни од други, но со нешто заедничко: покажуваат како луѓето, кога живеат доволно долго заедно, создаваат свој ред – и свои идеи за тоа што треба да се чува, што е прифатливо и кој може да биде дел од заедницата.
Не секому му се допаѓаат старите и напуштени автомобили оставени како отпад. Не им се допаѓа ниту за’рѓаниот трактор што со години никој не го ставил во погон, бидејќи работи на парафин. Постојано се трупаат нови оштетени возила и ‘рѓосани рамки од велосипеди. Некои луѓе мислат дека отпадот може да се шири неконтролирано. На други пак, не им е гајле.
Сопственикот на отпадот не е дома, но неговиот станар стои на прагот од неговата куќа. Тони Карлсон веќе четири години живее во Ѓокхејден во Волберг, во близина на градот Карлстад во Шведска. Тој се упатува кон продавницата за да ги врати лименките за рециклирање. Тони успеал од своите соседи да собере 58 вреќи со празни лименки. Сега ќе ги врати лименките, а парите од повратот ќе му легнат на сметка. Бидејќи не може да ги носи сите лименки одеднаш, тој зема една по една полна вреќа.
Сонцето грее и тој не брза.
– Понекогаш луѓето се жалат дека ова личи на ѓубриште. Но, тогаш едноставно ги поместуваме велосипедите и автомобилите малку подалеку – објаснува тој.
Миа Фелт и нејзините пријатели исто така имаат слободен ден. Нивната гласна смеа се слуша низ отворениот прозорец. Миа подготвува вечера за подоцна оваа вечер, а нејзините пријатели започнале со дружбата порано.
– Ѓокхејден е прекрасно место за живеење. Меѓу соседите има извонредно чувство на заедништво. Сите си помагаме – вели таа.

Кога ја прашавме за отпадот од стари автомобили, Миа само ги слегнува рамениците. Не се грижи за нив. Неа ѝ е интересно што областа е општо позната како Ридот Коко.
– Ако земете превоз од градот, никој не знае каде е Ѓокхејден. Но, ако кажете Ридот Коко, тогаш возачот веднаш знае – вели таа.
Шарените дрвени куќи со големи оџаци стојат на ридот уште од 1948 година. Тогаш беа изградени 104 куќи во низа за работниците вработени во фабриката „Рајон“ во oбласта Алвенас. Денес, областа е заштитено наследство и дел од општинската програма за зачувување на природната разновидност.
Но, месниот советник Петер Соренсен од партијата за квалитетен живот во Карлстад не е задоволен. Тој смета дека општинскиот надзор и управувањето со Ѓокхејден може да биде многу подобар. Соренсен нè води низ областа што ја нарекува „Дивиот Запад“ на Карлстад.
– Погледнете го тој ѕид, има дупки низ целата површина, а птиците се гнездат внатре – вели тој, покажувајќи кон црвен ѕид кој се лупи.

Некои од куќите се внимателно пребојадисани и имаат расцутени градини. Други пак, се видно запуштени. Надворешноста делува распаднато, а плевелот го има во изобилство. Соренсен ја објаснува причината за разликите во одржувањето.
– Убаво одржуваните имоти, се најверојатно во сопственост на приватни лица, или на општината. Поголемиот дел од останатите се купени од приватни сопственици кои воопшто не се грижат за местото, ниту за имотите – објаснува советникот.
Голем дел од куќите стојат празни, а се користат кога социјалните служби треба итно да обезбедат сместување за некого. Тоа не се случува многу често во последно време. Работите беа поинакви во 1980-тите години, кога општината за првпат ги презеде сите куќи кои беа во сопственост на фабриката. Поголемиот дел од нив беа продадени на приватни лица.
– Тогаш започнаа проблемите. Областа со години страда од социјални проблеми, запуштеност и маргинализација – вели Соренсен.
Во раните 2000-ти години, општината ги откупи поголемиот дел од запуштените куќи. Замислата беше тие да се препродадат под построги услови. Новите купувачи мораа да дадат формална обврска дека ќе ги обноват. Извесно време, тоа функционираше добро.
– Во истиот период, општината управуваше со центар за закрепнување на луѓе со проблеми од зависност, но тој се затвори пред неколку години – објаснува Петер.
„Природната Република Сјоберген“: своја заедница, свои правила
„Природната Република Сјоберген“ има свое знаме. Оваа самопрогласена „микродржава“ е всушност зелена, заедничка градинарска и земјоделска оаза над Реда Стен, во близина на мостот Елвсборј во Гетеборг. Заедницата има свои правила, градини, животни и локални настани, а идејата за „република“ е дел од нејзиниот специфичен, самоорганизиран дух.

Џими Олсон со знамето на Сјоберген во позадина.
Откако во 2015 година беше организирана свеченост по повод прогласувањето на независност, знамето на републиката Сјоберген стана позната глетка во градините низ областа. Сè започна кога општината планираше да изгради 2.000 домови во областа, а сопствениците на парцелите излегоа на улиците во знак на протест.
Истиот дух живее и денес меѓу дотраените дрвени куќички и запуштените парцели. Во шарената заедница покрај потпорниот дел на мостот Елвсборј во Гетеборг, жителите жестоко ја штитат својата околина и нејзиниот уникатен карактер.
Никој не може да каже дека немало напори за развој на областа. Долг период општината го насочува вниманието кон привлечниот зелен простор на запад. Засега, нема планови да се наруши идилата на република Сјоберген, а и луѓето и животните уживаат во толку потребниот мир.

Андерс Јохансон и Каталина Наѓ Јохансон ги отвораат портите и нè покануваат внатре да ги видиме зајаците. Околу 60 кафези се наредени еден врз друг во две простории. Во секој од нив има по еден мал, мек жител. Овде има раси како чинчила, мини лоп и англиски питом зајак. Грижата за животните бара секојдневна посета на куќичката.
– Зајаците се нашето хоби. Патуваме низ целата земја за да учествуваме во натпревари – вели Каталина.

Нема останато многу од изворната куќичка што Андерс и Каталина ја купиле пред 33 години. На парцелата од 135 квадратни метри, Андерс ја проширувал во сите насоки. Многу од сопствениците направиле нешто слично. Користејќи било какво дрво кое можеле да го најдат, тие додале уште една соба, трем и кокошарник.
Градот Гетеборг замижуваше пред овие градежни решенија сè додека не стапија во сила построги правила пред неколку години. Денес се дозволени најмногу три објекти, со вкупна површина од 25 квадратни метри.
Катинка Рандин, претседателка на Здружението за заштита на животните во Сјоберген, објаснува:
– Кога повторно преговаравме за закупнината пред седум или осум години, беа воведени нови правила. Сепак, сопствениците не се обврзани да ги уриваат веќе изградените објекти – вели таа.
Резултатот е шарена, импровизирана населба во која нема две исти куќи. Некои од нив се грижливо одржувани, додека други изгледаат подготвени да се срушат при следната есенска бура.
Она што ја прави оваа област посебна, покрај силното чувство за заедница, е тоа што мора да чувате животни за да купите една од 60-те куќи. Според правилата, во секоја куќичка мора да се чуваат најмалку три животни од ист вид.
– Ако чувате кокошки, на пример, мора да имате и петел – вели Рандин, која одгледува препелици во својата куќичка.

Куќички, животни и 400.000 пчели
Пред дваесет години куќите се продаваа за многу мали пари. Денес цените се високи. Невозможно е да се каже колку би чинела куќичка доколку се појави на пазарот, но се зборува дека би достигнала цена од неколку стотици илјади круни (десетици илјади евра). Како што е вообичаено, куќичките се на изнајмени парцели во сопственост на градот Гетеборг. Закупнината, сепак, е ниска, меѓу 1.000 и 2.000 шведски круни годишно, што е 90–180 евра годишно.

Минувањето низ оваа област е вистинска авантура: тесни патеки се виткаат меѓу куќичките, а понекогаш стигнувате до слепа улица каде што капија ви го блокира патот. Каде и да погледнете, клунови и муцки од различни животни ѕиркаат од објектите. Повеќето жители чуваат кокошки и зајаци, иако некои наместо тоа, би избрале патки, пчели или гулаби. Од време на време, Регионалниот административен одбор прави проверки за да се увери дека животните се здрави и соодветно згрижени во текот на целата година.
– Одборот изрази загриженост дека нашите кафези за зајаци беа премногу мали. Сега ги проширивме и во ширина и во висина – објаснува Каталина Наѓ Јохансон.

Пер-Ола Хансон брза, иако е недела. Тој оди да ги прегледа своите пчели. Во кошниците му се појавила болест. Со речиси 400.000 пчели за кои треба да се грижи, тој и да сака, не може да биде премногу внимателен.

– Започнав со гулаби кога се доселив тука во 1996 година. Подоцна се префрлив на пчели, кокошки и патки – вели тој додека ги тера патките кон куќарката.
Областа е споредувана со Кристијанија во Копенхаген, Данска (своевидна оаза во срцето на градот, но сепак одвоена од него), спокојно место и прибежиште: место во самиот центар на познатата населба Мајорна, а сепак одвоено на ридот; фасцинантно, речиси малку таинствено, уште од пристигнувањето на првите доселеници во 1930-тите.
Новинарката Ана-Лена Рингарп штотуку објави книга за Сјоберген и луѓето што живеат таму. Таа и самата има своја парцела таму и вели дека отсекогаш била фасцинирана од посебната атмосфера во областа.
– Прекрасно е што сè уште е тука и што може да изгледа токму онака како што сака. Сите луѓе се добредојдени овде – вели таа.
Една заедница воведува свои правила
Во градинарската област Сматабигет во општината Персторп, пак, избрале сосема поинаков пристап.
Сматабигет, која лежи скриена во шумата, многу години се соочуваше со сериозни проблеми: нереди, насилство и зависности. Кога членовите на одборот добија закани по живот и целиот одбор сакаше да поднесе оставка, на сите им беше доста. Заедницата воведе сопствени правила за новите членови: секој што сака да купи куќичка во Сматабигет, мора да достави потврда за неосудуваност и да го познава шведскиот јазик доволно за да ги разбере правилата.
Сегашната претседателка, Малин Персон објаснува како функционира сè:
– Вршиме темелен разговор за да се увериме дека купувачот, или барем некој во семејството, разбира што значат правилата – вели таа.
Покрај барањата за уредност, правилата исто така забрануваат дрога и одредени оружја. За повеќето луѓе тоа се подразбира.
– Но во овој случај, зборуваме за дозволени оружја како што се воздушни пушки, лакови и пиштоли со боја – вели Персон.
Правилата, кои се напишани на шведски јазик, исто така наведуваат дека кандидатите мора да имаат интерес за одгледување растенија, животни и обработување на градината. Во минатото, многу луѓе дозволувале нивните парцели да се шират без оглед на тоа што мислел остатокот од заедницата.

Малин Персон и Росита Росандер се позадоволни од животот во Сматабигет откако се воведени построги правила и оние што не ги почитувале биле отстранети.
Од неред и закани до правила кои направиле разлика
Секој што ги прекршува правилата најпрво добива укор, а потоа предупредување. По три предупредувања, членството им се укинува. Заинтересираните за една од 79-те куќи во Сматабигет не мора да живеат во општината Персторп. Доволно е да имаат адреса на живеење во радиус од 13 километри. Но, нема смисла да поднесувате барање ако имате кривично досие.
– Правилата воведени во 2022 година имаа значајно влијание. Работите сега станаа значително помирни – вели Персон.
Од стари автомобили и кафези за зајаци до строги проверки на минатото, Ѓокхејден, Сјоберген и Сматабигет покажуваат дека секоја заедница може да има своја претстава за тоа што значи редот. Заедничко за сите три места е тоа што, на свој начин, си создале сопствени правила за живот.
Авторка на текст: Лота Енгелбректсон
Фотографии: Никлас Мопоа
Преземено од шведското улично списание „Faktum “, преку сервисот на Меѓународната мрежа на уличен печат ИНСП (INSP.ngo)
Превод од шведски на англиски преку „Translators Without Borders“;
Превод од англиски на македонски: Леа Георгиев, волонтерка на „Лице в лице“.
Поврзана содржина
Највредните искуства не се мерат со пари: моето лето како волонтерка во „Лице в лице“