Блог

„Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење

Фотографија од Валентин Ракип, готвач

Социјалното менторство му помогна да ги направи следните чекори, а со упорност и желба за учење, Валентин денес има работа, нови знаења и сертификат за готвење.

Преку глава ви е од лоши вести?

Еве една поинаква приказна. Една од оние што можеби ќе ви го разубават денот и ќе ве потсетат дека промената навистина е можна кога човек ќе добие шанса, поддршка и простор да покаже што може.

Од „невидлив“ до готвач: приказната на Валентин кој 20 години не постоеше за системот

Можеби повеќето од вас веќе ја знаат животната приказна на Валентин Ракип. Но, денес сакам да ви ја раскажеме од еден поинаков агол – преку чекорите што ги направи, преку неговата упорност и преку она што денес го има в раце.

Денес, Валентин има сертификат в раце. Зад него има работа, нови знаења и чувство дека може сам да продолжи напред. А кога го прашав што за него значи целата оваа промена, тој ми одговори:

– Вистинската поддршка навистина менува животи. Можеби звучи како невистина, но за мене не е. Ова навистина ми го смени животот. Останав истиот човек, со истите желби и истиот карактер, но денес сум и подобар граѓанин – ми рече Валентин.

Кога го видов со сертификатот в раце, искрено се израдував. Јас знаев дека тој ќе го заврши курсот, но мојата радост беше и поради тоа што знам колку му значеше да стигне до ова. Се сетив на нашите први разговори, на сите „ќе пробам“, „сакам да научам“. И еве го сега, не само со желбата да биде готвач, туку и со завршен курс и знаење што никој не може да му го земе.

Тоа се моментите поради кои ја сакам оваа работа. Кога ќе видиш дека некој што си го поддржувал почнува да си верува и самиот да си го отвора следниот чекор.

Кога започна неговата приказна со програмата за Менторство за работна интеграција (Социјално менторство) на „Паблик“, Валентин беше лице без матичен број. Тоа значеше дека голем дел од работите што за повеќето од нас се подразбираат, за него беа недостижни.

Со поддршка на организацијата, тој успеа да ги извади потребните документи. Но, не застана тука.

Валентин знаеше што сака. Сакаше да биде готвач. Со поддршка низ програмата, успеа да направи чекор кон работа во секторот што го избра, угостителството. Потоа се запиша и на курс за готвење, кој успешно го заврши.

– Научив и нешто што сакам да го носам со себе понатаму – кога можеш да му помогнеш некому, помогни му. Ќе им пружам рака на луѓето секогаш кога ќе можам, како што ти мене ми пружи – ми раскажува тој со гордост.

Тој споделува и дека на своја кожа го почувстувал значењето на тоа кога некој ќе ти пружи рака токму тогаш кога ти е најтешко.

– На ранливите луѓе тоа не им се случува често. Затоа, кога мене ми беше пружена таа рака, сакав да ја искористам максимално. Не знам каде ќе бев денес ако во мојот живот не се појавеше ти како моја менторка. Прво, најмногу ми значеше довербата, а потоа, ми помогна и да ги направам чекорите што не знаев како да ги направам сам – вели тој.

И можеби токму тоа е најубавиот дел од оваа приказна. Валентин не стана некој друг. Но, денес има повеќе можности, повеќе самодоверба и повеќе причини да верува во она што може да го постигне.

Јас како социјална менторка, ниту пак организацијата, не го направивме патот наместо него. Само му помогнавме да го отвори, да го види. А тој продолжи сам.

Денес го славиме и сертификатот но и неговиот нов почеток, една заслужена можност и човек кој не се откажа од себе.

Приказната на Валентин е и мало потсетување за сите нас: не секогаш знаеме низ што поминува човекот покрај нас. Понекогаш е доволно да застанеме, да сослушаме, да пружиме рака или едноставно да му покажеме на некого дека не е сам.

Вале денес заслужува аплаузи!

Социјалното менторство му помогна да ги направи следните чекори, а со упорност и желба за учење, Валентин денес има работа, нови знаења и сертификат за готвење - фотографија од 2023, кога Валентин доби лична карта
Фотографија од 2023 година, кога Валентин доби лична карта.

Пишува: Магдалена Чадиноска Кузманоски
Фотографии: Ирина Крстевска, архива на „Лице в лице“

Авторката е социјална менторка на „Паблик“.

Доколку сакате да бидете дел од секцијата во која вие, граѓанките и граѓаните учествувате во содржините на „Лице в лице“, кликнете на линков.

Сподели твоја содржина со нас !