Доза вести

Од Будинарци до Рим: македонска земјоделка меѓу 100-те херојки на ФАО

Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е избрана меѓу 100-те жени херои на ФАО за 2026 година. Преку работата на семејната фарма и застапувањето за правата на жените фармери, таа придонесува за поголема видливост и вреднување на трудот на руралните жени.

Вангелина Пармачка, која со семејството одгледува околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење, е меѓу жените од целиот свет чии придонеси во земјоделството и руралниот развој добија меѓународно признание.

Земјоделката Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е меѓу избраните 100 жени од целиот свет во иницијативата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) „100 жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој“. Изминатава недела, Пармачка ја претстави земјава на Светскиот форум за храна во Рим, каде што доби признание во седиштето на ФАО. Нејзината приказна е говори за секојдневна работа на фармата, за гордоста да се произведува храна и за истрајноста трудот на жените во земјоделството да стане повидлив и повреднуван.

– Горда сум што сум земјоделка – изјави Пармачка.

Во Будинарци, Вангелина заедно со своето семејство управува со фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење. Таа секојдневно е вклучена во грижата за животните, производството и пласманот на производите. За неа, сточарството е начин на живот и професија од која може да се обезбеди достоинствена егзистенција.

– Ова е благодарна професија од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство – споделува таа.

Од одгледувањето на овците до сирењето што стигнува до потрошувачите, нејзината работа ги поврзува традиционалното знаење, производството на храна и претприемништвото. Таа е и пример за улогата на жените во семејните стопанства, каде што нивните обврски опфаќаат многу повеќе од самото производство.

Oд работа на фарма до застапување за жените во земјоделството

Ангажманот на Вангелина не завршува на нејзината фарма. Како членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ), таа се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, посилни права и подобри услови за работа и живот.

-Жените фармери се невидливи потпори на селото и државата. Нивниот труд мора да се препознае и вреднува – нагласува таа.

Од ФАО известија и дека, преку заедничкото дејствување во НФФ, жените придонесоа за иницирање посебна мерка за поддршка на инвестициите на жените фармери во Програмата за рурален развој. Нивното застапување придонесе и за воспоставување програма за поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, што го отвори патот кон регулирање на породилното отсуство за регистрираните жени фармери.

– Заедничката акција носи вистински промени и подобар економски и социјален статус за жените – вели Вангелина.

Овие искуства ја зацврстуваат нејзината верба дека здружувањето им помага на жените да ги претворат заедничките предизвици во конкретни предлози и решенија.

Признание што може да охрабри и други жени

Иницијативата на ФАО се реализира во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, прогласена од Обединетите нации. Таа ги истакнува придонесите на жените во производството, преработката и трговијата со храна, како и во развојот на руралните заедници, повикувајќи на поголема поддршка и еднакви можности. Признанието за Вангелина го доближува до меѓународната јавност знаењето, посветеноста и лидерството на земјоделките од Северна Македонија.

Вангелина верува дека иднината може да донесе подобри услови, поголема еднаквост и повеќе можности за жените во земјоделството. Себеси се гледа како уште поактивен глас на руралните жени и пример за младите девојки дека земјоделството може да биде стабилна и достоинствена професија. Нејзиниот пат од Будинарци до Рим покажува дека работата на една семејна фарма може да оди рака под рака со лидерство што придонесува за промени и надвор од неа – известуваат од ФАО.

Иницијативата „100 жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој“ на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) оддава признание на 100 жени од целиот свет за нивниот придонес во земјоделството, производството на храна и руралниот развој. Се реализира во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, истакнувајќи ја улогата на жените во зајакнувањето на безбедноста на храната, зачувувањето на традиционалните знаења, заштитата на природните ресурси и создавањето економски можности во руралните заедници.